Македонија
Ако СДС има докази за незаконски постапки, нека поднесе пријава до Коцевски, кој жилаво го брани Филипче од одговорност за милионски криминал, реагира ВМРО-ДПМНЕ
„Спиновите на СДС и хистеријата за наводен криминал не поминува. СДС во очај од своите егзистенцијални проблеми почна да конструира наводни скандали за некакви тендери, постапки кои се согласно закон“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ.
„Секоја фирма и компанија во државава кои ги исполнува условите и критериумите има право да учествува на постапки за јавни набавки, а на крај да се избере најповолната понуда.
И во двете постапки кои СДС сака да ги претстави како скандал, испочитувана е законската процедура и фирмата која дала најповолна понуда е избрана.
Никој од имињата кои СДС ги споменува нема ниту сопственички удел, ниту некаква поврзаност со фирмите, а најмалку има допирна точка со тендерската постапка.
СДС во обвинителството си има свој републички јавен обвинител, Љупчо Коцевски, кој Венко Филипче, жилаво го брани од одговорноста за криминалот со модуларните болници, вакцините од фирми за овошје по двојно повисоки цени, приватизацијата на стерилизацијата низ јавните здравствени институции, аудито Q8 подарок од фирмата која ги доби најголемите тендери за набавка на јаглен и уште ред други.
Затоа, топло им препорачуваме, се што имаат нека поднесат кај него за да испита. Но знаат дека немаат никаков доказ, зошто се е согласно законските процедури, па само шират хистерија која веќе ни нивните членови не ја оправдуваат.
Помина времето на СДС кога тендерите се договараа во четири очи, сега сè се работи согласно закон и процедури.
Во однос на Ивица Томовски кој упорно се обидуваат да го поврзат со фирма за одржување на хигиена, иако и тој и фирмата негираа било каква поврзаност, ги прашуваме дали истата фирма, која добивала тендери во време на власт на СДС, и тогаш го чистела буџетот под нивна команда“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Го разбираме револтот и незадоволството: СДСМ го поддржува протестот и барањата на работниците
СДСМ го поддржува протестот на работниците и Сојузот на синдикатите во борбата за достоинствени плати и зголемување на минималната плата, соопштуваат од оваа партија.
„Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања, за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори.
Граѓаните, работниците живеат тешко, инфлацијата и покачените цени го јадат стандардот на работниците, сиромаштијата расте а платите стојат во место.
Владата на Мицкоски нема пари за зголемување на минималната плата, пари има само за тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга фирма, 9 милиони евра за тендери со двајца вработени, 1,2 милиони евра за тендери преку Пошта“.
За време на владеењето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
И како опозиција, напоменуваат, СДСМ стои зад работниците.
„СДСМ предлагаше Закон за покачување на минималната плата но власта го одби. Поднесовме законски решенија и амандмани во Собранието за покачување на платите во различни сектори, но власта и тоа го одби.
Обврска на владата е да обезбеди покачување на минималната плата наместо да увезува „економски работници“ а да извезува квалификувани кадри надвор од земјата“.
Македонија
МНР со реакција до Бугарија: Македонија останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности, Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации
Македонското Министерство за надворешни работи реагира на денешното соопштение објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
„Изразуваме жалење што оваа институција сѐ почесто се позиционира како рецензент на изјави на македонски политички претставници, наместо како партнер во суштински и европски ориентиран дијалог. Воедно, јасно нагласуваме дека ниту имаме намера, ниту потреба да бидеме дел од внатрешнополитичките или изборните процеси во Република Бугарија – ниту преку коментари, интерпретации, ниту преку вклучување во дневнополитички наративи“, се истакнува во соопштението од МНР.
Од таму со повик до бугарските институции да се водат од, како што е наведено, принципите на добрососедство, взаемна почит, предвидливост и институционална комуникација – принципи кои воедно претставуваат темелни европски вредности и стандарди.
„Затоа што Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации.
Република Северна Македонија и понатаму останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности“.
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата
Поради протест на возачите на камиони блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата, соопштуваат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

