Македонија
Манасиевски: Вториот стожер на стратегијата „Македонија 2030“ е економска конкурентност и нов модел на раст
Вториот стожер на Стратегијата Македонија 2030 е економска конкурентност и нов модел на раст, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Стратегијата „Ново поглавје – Македонија 2030“ поставува јасна цел за создавање на модерна и просперитетна држава што се потпира на работа, знаење и стабилни институции. Нашата економија мора да премине кон систем што создава вредност, а не зависност. Вториот стожер кој денес го претставуваме е економска конкурентност и нов модел на раст. Нашиот фокус е структурна трансформација, односно од економија базирана на ниски плати во минатото, да се стремиме кон економија базирана на знаење, иновации и висококвалификуван кадар“, рече тој.
Манасиевски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ има конкретни чекори и план како да стигнат до оваа реализација.
„Развој на индустрии со висока додадена вредност, како модерна технологија, ИКТ, биотехнологија, фармација и инженеринг да бидат нашите двигатели на новата економија. Следен чекор е дигитализација и автоматизација во бизнис-секторот. Само модерни компании можат да влезат во европските производствени и технолошки синџири. Планираме голема поддршка за домашните претпријатија. Домашниот бизнис е мотор на економијата. Затоа, обезбедуваме подобри услови за инвестиции, пристап до капитал и намалени административни бариери. Стабилен и предвидлив даночен систем. Ниту една компанија не би инвестирала во држава која ги менува правилата според дневна политика, затоа стабилноста е суштинска“, рече Манасиевски.
Додаде дека последен чекор во овој стожер, но и многу важен е зелена транзиција и енергетска независност.
„Работиме на зголемени инвестиции во обновливи извори, модернизација на енергетските мрежи и развој на зелени технологии“, рече Манасиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Татко пријавил дека наставник го нападнал неговиот син во училишна сала
Триесет и шестгодишниот С.С. од Сарај пријавил во полиција дека неговиот малолетен син бил физички нападнат од наставник во основно училиште во скопската општина Ѓорче Петров.
Според информациите на МВР, на 26 јануари 2026 година, околу 15:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека нападот се случил истиот ден во 12:40 часот, во спортската сала на основното училиште. За нападот е пријавен А.П. (48) од Скопје, кој работи како наставник во истото училиште.
Како што информира МВР, по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
Македонија
Во сабота протестен марш „Стоп за Усје“
Во сабота, на 31.01.2026 година, во 12:00 часот, „Стоп за Усје“ излегува на протестен марш кој ќе почне пред Владата, ќе продолжи кон Собранието, а ќе заврши пред Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Ги повикуваме сите граѓани, кои сакаат да се изборат за правото на чист воздух, да се приклучат на овој марш. Меѓу другото ги повикуваме институциите будно да ја следат состојбата и бурно да реагираат, бидејќи ниту еден профит не е поважен од животот на граѓаните! „Стоп за Усје“ веќе ги испрати своите барања до низа институции, но никој од нив не се одважи да даде било каков одговор. Затоа, одговорите ќе ги бараме повторно на улица“, се вели во најавата.
Од „Стоп за Усје“ потсетуваат дека на протестите се забранети партиска промоција и симболи, а истовремено апелираат на мирен протест, без насилство и говор на омраза.
„Повикуваме на масовност за сите заедно да кажеме СТОП за труењето од УСЈЕ кое нè засега сите. Сакаме да нагласиме дека ниту една лага и манипулација од Усје и надлежните, кои со сите сили се обидуваат да го одбранат неодбранливото, нема да помине и дека сè додека нè уверуваат во бројки од мерењата кои ги прави самата фабрика, отпорот нема да се смири! Се гледаме во сабота, за да покажеме дека гласот на граѓаните е поважен и посилен отколку нечии бизнис интереси!“, пишува во најавата.
Македонија
Мицкоски за утрешниот протест за минимална плата 600 евра: Секој има право да си протестира, во март законски ќе ја зголемиме
Во пресрет на утрешниот протест за минималната плата да се зголеми на 600 евра организиран од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) премиерот Христијан Мицкоски останува на ставот што имаше цела измината година, дека Владата ќе поддржи договор меѓу работниците и работодавачите.
„Секој има право да си протестира. Ние минималната плата, согласно Закон, ќе ја зголемиме во март месец односно согласно платите што ќе ги добијат работниците во април, платата ќе биде зголемена. Ние рековме секое решение што ќе го постигнат во тој бипартитен дијалог синдикатите со работодавачите, ќе го поддржиме“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелник за изградба на нова спортска сала во ООУ „Григор Прличев“ во Железара.
По повеќе од една година неуспешни обиди за договор со работодавачите и Владата за зголемување на минималната плата, ССМ за утре најави голем работнички протест преку кој бара зголемување на минималната плата на 600 евра и линеарно зголемување од 100 евра на сите останати плати оти со законското зголемување во март минималната плата ќе се зголеми само за околу 25 евра.

