Македонија
Перински: Спроведени процеси од исклучителна стратешка важност што ја менуваат реалноста на локалната самоуправа
Денеска се одржа седмата по ред Годишна конференција за локална самоуправа и децентрализација „Визија за реформи за одржлив развој и достапни услуги за граѓаните“, која веќе традиционално ги обединува сите засегнати страни секоја година, служејќи како платформа посветена на постојано подобрување на процесот на децентрализација, според Министерството за локална самоуправа.
Оваа година, додаваат од таму, е од особено значење, бидејќи конференцијата се одржува во присуство на неодамна избраните градоначалници, кои носат нова енергија, визија и очекувања за унапредување на локалниот развој.
„Нескромно сакам да кажам дека резултатите на локалните избори се потврда на Владината политика за силна поддршка на општините што ја започнавме уште на почетокот на владиниот мандат. Ако направиме ретроспектива на изминатиот период, јасно е дека зад нас стојат процеси од исклучителна стратешка важност, процеси што ја менуваат реалноста во областа на локалната самоуправа и создаваат основа за долгорочен развој.“ истакна Перински.
На настанот еден од говорниците беше и Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски кој во своето обраќање ја истакна важноста од забрзување на дигиталните процеси. „Кога зборуваме за децентрализација, не зборуваме само за пренос на надлежности и ресурси. Зборуваме за тоа како на граѓаните да им обезбедиме брза, едноставна и предвидлива услуга, без разлика дали живеат во Центар на Скопје или во најмала рурална општина.“ изјави Андоновки.
Во изминатите години, Владите на Швајцарија и Шведска претставуваат најзначајните партнери и поддржувачи на процесите на децентрализација и одржлив локален развој.
Амбасадорот на Швајцарија, Кристоф Зомер во воведното излагање истакна дека „Локалните самоуправи, бидејќи се најблиску до луѓето, се во најдобра позиција да ги прилагодат јавните услуги за да ги задоволат потребите на заедницата, поефикасно да ги распределат ресурсите, да го поттикнат локалниот приватен сектор и да поттикнат активно граѓанско учество. Децентрализацијата е во срцето на швајцарскиот политички систем и, имајќи го предвид нашето искуство, соработуваме со Северна Македонија во рамките на нашата програма за соработка, за понатамошно подобрување на децентрализираното управување.“
Амбасадорот на Шведска Ола Сулстром, ја истакна важноста на пренесените надлежности на општинско ниво да бидат проследени со соодветно финансирање и технички капацитет. Тој се осврна на шведската техничка поддршка преку која општините успеаа да мобилизираат речиси 15 милиони евра за инвестиции во инфраструктурата. Воедно, изрази надеж дека со напорите на Министерството за локална самоуправа да ги институционализира алатките со кои се постигнаа овие резултати ова ќе биде само мал дел од целосниот потенцијал на проектот.
Конференцијата е организирана од страна на Министерството за локална самоуправа, Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП и поддржана од Швајцарската Влада.
„Нашата посветеност на локалната самоуправа е очигледна во опипливите резултати кои произлегуваат од проектите кои ги имплементираме со сите општини во земјата, во текот на повеќе од 20 години, благодарение на нашите донатори како Швајцарија и Шведска и соработката со Министерството за локална самоуправа“, изјави Ана Чернишова, заменичка на Постојаниот претставник на УНДП.
Презентација на тема „Ретроспектива на тековните ангажмани и планот за иднината на локалната самоуправа“ имаше државниот секретар во Министерството за локална самоуправа, Јулијана Павковска Боцевска, која истакна дека „Во изминатата година покажавме силна волја и посветеност за реализација на клучни промени во насока на унапредување на локалниот развој. Побаравме применливи меѓународни практики кои веќе ги имплементираме. Низ широк инклузивен процес, со вклученост на сите засегнати страни, сите активности на министерството ги димензиониравме како одговор на потребите и барањата на граѓаните.“
Преку две панел сесии и четири презентации се отвори дискусија на суштински теми – видици за унапредена децентрализација и локално управување и надградба на локалниот развој преку иновативни и квалитетни услуги за граѓаните, годишниот извештај за финансирањето на општините за 2024 година, истражување за задоволството на граѓаните од локалните услуги за 2025 година и платформата за интероперабилност – со учество на градоначалници, општински советници, претставници на администрацијата, експерти и практичари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме во кабинетот на Сиљановска-Давкова
Во претседателскиот Кабинет, денеска, 270 деца од скопските основни училишта „Вера Јоциќ“, „Лазо Ангеловски“ и „Димитар Македонски“, како и од градинките „Буба Мара“ и „Лилипут дворче“, присуствуваа на церемонијата на свечено менување на државното знаме.
Учениците ја пееја химната, интонирана од македонскиот воен оркестар, придружуван од воениот оркестар на Вооружените сили на Романија, којшто престојува во земјава по повод заедничкиот предновогодишен концерт.
Во придружба на своите наставници, образовни асистенти и едукатори, децата ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме изведена од Баталјонот за почести при македонската армија.
По свечниот чин, децата го разгледаа импозантниот диптих „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“ на академик Глигор Чемерски, како и работната просторија на претседателката.
Во разговорот со Сиљановска-Давкова, децата зборуваа за нивните активности, за подготовките на приредбите во пресрет на новогодишните празници и ги испеаја нивните омилени песничките.
Следеа низа прашања: за претседателската функција и работните обврски, но и за нејзиното детство, основното образование, домашните миленици, омилените книги и музиката.
Претседателката ги посоветува да учат, да спортуваат, да цртаат, да ја чуваат природата и животната средина, да се дружат и да не се навредуваат.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје конечно добива Луна Парк
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес ја најави долгоочекуваната реализација на проектот за новиот Луна Парк, значајна инвестиција што по децении неизвесност конечно ќе го донесе модерниот семеен парк за забава што го заслужува Скопје, информираат од Град Скопје.
Со започнувањето на јавната набавка за проектирање и монтажа, градот, додаваат од таму, влегува во нова фаза на урбана трансформација која ќе понуди современи атракции, целосна пристапност и нови содржини за сите генерации.
„По долги години оддолговлекувања и лажни ветувања, денес започнува јавната набавка за проектирање и монтажа на новиот Луна парк.
По децении изминати во кои генерации деца беа лишени од местото што им припаѓа, место за игра, радост и незаборавни моменти, конечно започнуваме со реализација на проект што ќе ја означи новата ера на семејна забава во нашиот град.
Пред нас е изградба на ултра модерен Луна парк, еден од најдобрите во регионот, изграден според највисоки европски стандарди.
Ќе создадеме простор исполнет со ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност и целосно ново ниво на урбана забава. Посебно внимание посветуваме на пристапноста.
Луна паркот ќе биде комплетно прилагоден и за лицата со попреченост, со најсовремени системи за безбедност, видео надзор и прва помош“.
Ккако што најавува скопскиот градоначалник на просторот од 84.000 квадратни метри ќе никне место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, улична уметност, локации за културни настани и театар со затворена сцена.
„Панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка и уште многу други реквизити ќе создадат уникатна атмосфера која ќе го збогати туристичкиот имиџ на Скопје.
Почитувани скопјани, како што ветив – најдоброто доаѓа!
Скопјани конечно добиваат Луна парк што ќе биде симбол на нов почеток, на едно модерно, гордо и достоинствено Скопје“.
Македонија
Законот за правична и соодветна застапеност доби позитивна оценка од Венецијанската комисија, соопшти Фетаи
Законот за правична и соодветна застапеност доби позитивна оценка од Венецијанската комисија, со што се потврдува дека е во целосна согласност со европските стандарди и демократските вредности, информираат од кабинетот на заменик-претседателот на Владата за добро владеење, Арбен Фетаи, во врска со Законот за соодветна и правична застапеност.
Со овој закон, додаваат во соопштението, ќе се обезбеди квалитетна рамнотежа меѓу системот на заслуги и почитувањето на професионалните стандарди, од една страна, и принципот на правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, од друга страна.
„Законот овозможува правична вклученост во вработувањето во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, без да се наруши квалитетот и професионализмот.
Изјаснувањето на етничката припадност е целосно доброволно и не предизвикува никакви негативни последици врз остварувањето на правата на граѓаните, во согласност со меѓународните стандарди за човекови права и недискриминација. Паралелно со доброволното изјаснување за етничката припадност, законот предвидува и материјални докази од личните карти и други официјални јавни документи, со цел да се спречат можните злоупотреби на само идентификацијата“.
Со ова законско решение, како што појаснуваат од кабинетото на Фетаи се зајакнува институционалниот интегритет, инклузивноста и довербата на граѓаните во системот, преку планирано и деполитизирано управување и примена на европските стандарди за добро владеење.
Делегацијата беше предводена од заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, придружуван од професорите по уставно право Тања Каракамишева Јовановска и Јетон Шасивари.

