Македонија
(Видео) Димитријевиќ: Финансиската полиција да отвори истрага за преземањето на Стопанска банка АД Битола
Финансиската полиција да отвори истрага за преземањето на „Стопанска Банка АД Битола“, побара денеска на прес – конференција, Александар Саша Димитријевиќ од СДСМ.
„Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска објавува нова бомба. Банкарот на Вучиќ стана банкар и на Мицкоски. Пред само два месеци српската Алта банка ја презеде „Стопанска Банка АД Битола“. За тоа согласност дал Трајко Славески, гувернер на НБРМ. Дали токму тоа е причината за која Трајко Славевски беше избран за Гувернер НБРМ, само за да тивко и експедитивно се реализира токму оваа зделка? Но клучното прашање е: Што се крие зад оваа зделка? Зошто веднаш по доаѓањето на власт на ДПМНЕ се реализираат вакви дилови? Одиме со фактите по ред. Сопственик на Алта Банка е Давор Мацура од соседна Србија. За краток период од сопственик на мала менувачница во Земун, станува сопственик на банка, земјишен магнат, инвеститор, кој има договори со огромни државни компании во Република Србија. Последно, на банката која до вчера била менувачница и е даден огромен државен бизнис на Електростопанството на Србија, а тоа се сметките за струја. Според пишувањата на српските медиуми рецептот за успех се неговите врските со власта на СНС Александар Вучиќ, неговиот брат и кум. Српската опозиција редовно го обвинува Мацура за криминал. А медиумите во Србија го врзуваат пријателството и со Милан Радојчиќ, под американски санкции и на црната листа. Но, кога Мацура се обидел да се прошири и во ЕУ, односно да купи речиси 20 проценти од уделот во австриската Адико банка, Европската централна банка му го суспендирала правото поради сомнеж за потеклото на капиталот. По пишувањата на угледниот Фајненшл тајмс, постоела долга истрага на ЕЦБ за Alta Pay поради сомнежи за перење пари“, рече тој.
Според Димитријевиќ, ова значи легален влез на сомнителни финансиски текови во Македонија и отворање врата за можно перење пари.
„Како тоа Европската централна банка има преземено ваков ригорозен чекор а Трајко Славевски и НБРМ без размислување го дозволиле преземањето во Македонија? Зошто не биле по внимателни?“, праша тој.
Според Димитријевиќ, оваа трансакција е нераскинливо поврзана со финансиско-политичката мрежа на владејачките структури со Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали ова значи отворање на патот за селење на сомнителен капитал и влијанија од Србија во Македонија. Бараме Финансиското разузнавање и Финансиската полиција да отворат истрага за ова крајно сомнително преземање. Бараме да се испитаат потеклото на парите и ризикот од перење пари“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мал авион се урна во Мавровското Езеро, едно лице е повредено
Мал авион денес се урна во Мавровско Езеро.
Во авионот имало две лица, од кои едното е повредено, додека другото поминало без повреди, потврдија од Центарот за управување со кризи.
Инцидентот бил пријавен на бројот 112, а надлежните постапиле на лице место.
Фото: Пекселс, Сабина Калари
Македонија
Започна изградбата на нова училишна спортска сала во Колешино, Ново Село
Започна изградбата на нова училишна спортска сала во Колешино, Ново Село. На почетокот на градежните активности беше и премиерот, Христијан Мицкоски.
„Убеден сум дека сите овие проекти ќе значат додадена вредност во квалитетот на животот на локалното население и ние како Влада ќе продолжиме и понатаму да го испорачуваме сето она што сме се обврзале пред граѓаните и сето она што сме го ветиле. Дел од тие проекти е и овој проект, како и други повеќе од илјада проекти коишто во овој момент се во фаза или почетна или во некоја поодмината фаза или во завршна фаза коишто се реализираат, а се резултат на онаа поддршка што општините ја добија од Владата изминативе година и половина во вредност од речиси половина милијарда евра, бидејќи само три стотини и педесет милиони евра се проектите коишто се дел од првиот и вториот повик преку Министерството за локална самоуправа, кога на тоа ќе се додадат проектите коишто ги имаат одредени министерства надвор од овие две програми тогаш доаѓаме до фантастични половина милијарди евра, нешто што досега никогаш не е направено во поновата историја на Македонија“, рече Мицкоски.
Македонија
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ планира прифаќање мигранти и кредит од 6 милијарди евра
СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ планира прифаќање мигранти и земање кредит од 6 милијарди евра, со кој, како што наведуваат, би се финансирало нивното сместување, исхрана и изградба на социјални станови.
„Со кредитот од 6 милијарди евра да ги плаќаме мигрантите, да ги храниме и да ја плаќаме изградбата на социјални станови за нив. Така изгледа ‘патриотската’ политика на ВМРО-ДПМНЕ“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ истакнуваат дека тие се партијата ја внела Северна Македонија во НАТО со цел зајакнување на безбедноста и заштита на државните граници, додека, според нив, ВМРО-ДПМНЕ со вакви планови ја загрозува безбедноста на државата.
Во соопштението се наведува дека државата, како што тврдат од СДСМ, нема финансиски средства, па би земала кредит што би го враќале идните генерации, со цел сместување на мигранти кои, според нив, други земји од Европската Унија ги депортираат за да ја зачуваат сопствената безбедност.
СДСМ обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ не е способна да обезбеди ниту еден мал прифатен центар, наведувајќи дека мигрантите демолирале таков објект, и изразува сомнеж во можноста за сместување поголем број мигранти во земјата.
Во соопштението се посочува и дека мигранти веќе пристигнале во Албанија и Косово, а се тврди дека следна на ред би била Северна Македонија.

