Црна хроника
Автоматско огнено оружје и муниција пронајдени во куќа во Тетовско
Јавен обвинител донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи.
При претрес во домот на осомничениот во селото Орашје, полицијата пронашла автоматско огнено оружје и муниција кои на граѓаните им се забранети. Станува збор за автоматска пушка и две рамки со 22 куршуми со калибар соодветен за таа пушка, кои за граѓаните се во целост забранети, како и уште 78 куршуми со непознат калибар.
Исто така, на различни локации во домот биле пронајдени и околу 10 грама марихуана, дигитална вага и дробилка со траги од наркотична дрога.
Поради опасност од бегство, можност за влијание за постапката и за повторување на делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
13-годишно дете нападнато во Карпош, полицијата го истражува случајот
Во полицијата било пријавено дека 13-годишно момче било физички нападнато од четворица малолетници на подрачјето на Карпош, соопшти полицијата.
Во пријавата се наведува дека нападот се случил околу 14:30 часот, а малолетниците, кои биле познати на семејството, физички го нападнале момчето, при што еден од нив употребил и тврд предмет.
По нападот, како што се наведува, на малолетникот му биле упатени и закани поврзани со неговите двајца браќа.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Измама во Тетово: Двајца пријавени за земање пари за лажно посредување во Центарот за социјални работи
Две лица од Тетово се соочуваат со кривична пријава поради сомнение за сторено кривично дело – измама.
Според полицијата, настанот се случил во октомври 2024 година, кога Х.А. (58) довела во заблуда лице од Тетово, уверувајќи го дека може да му помогне со посредување во Јавната установа – Меѓуопштински центар за социјални работи Тетово, со цел тој и неговата сопруга да остварат надомест за помош и нега од друго лице.
Откако го уверила оштетениот дека ќе ја заврши постапката, заедно со С.Р. (51) од него побарале потребни документи и парични средства. Подоцна, барањето за надомест било одбиено, а парите, како што се наведува, не му биле вратени.
По преземените мерки, СВР Тетово поднела кривична пријава, а случајот е доставен до надлежните институции за понатамошно постапување.
Црна хроника
Насилство во теретана во Тетово
Четири лица од Тетово се опфатени со кривична пријава поради сомнение дека сториле кривично дело „насилство“, соопшти СВР Тетово.
Според полицијата, на 17 август 2025 година, во еден фитнес-центар во Тетово, а потоа и надвор од објектот, Б.А. (28), Б.А. (33), Х.Б. (19) и М.Ш. (33) физички го нападнале А.И. (32) од Тетово, при што му биле нанесени телесни повреди.
Фото: unsplash

