Спорт
(Видео) Хаос во Калкута поради Меси: Навивачите кршеа столчиња и влетаа на теренот
Посетата на Лионел Меси на Индија се претвори во тотален хаос на стадионот „Солт Лејк“ во Калкута, каде разочарани навивачи кршеа столчиња, фрлаа предмети на теренот и ја влетаа на теренот, откако престојот на фудбалската ѕвезда беше многу пократок од очекуваното.
Илјадници навивачи платија до 12.000 рупии (околу 100 евра) за да го видат Меси во живо, но останаа фрустрирани бидејќи аргентинскиот фудбалер само кратко време шеташе по теренот, додека поголемиот дел од времето беше во толпата меѓу политичари, службени лица и познати личности.
Кога обезбедувањето го отстрани Меси од стадионот по околу 20 минути, дел од публиката го изгуби трпението. Навивачите почнаа да кршат седишта, фрлајќи пластични столчиња и шишиња, додека некои ги пробија заштитните огради и истрчаа на теренот, уништувајќи транспаренти и шатори поставени за настанот.
„Само политичари и актери беа околу Меси. Тогаш зошто нè повикаа? Плативме 12.000 рупии, а дури и не му го видовме лицето“, изјави еден навивач за индиската новинска агенција АНИ.
🤦What a shame! Angry Messi fans are vandalising the Salt Lake Stadium in Kolkata
Indian supporters are furious that the footballer showed up for just 10 minutes — and they couldn’t even get a proper look at him. https://t.co/dhmtCAqazz pic.twitter.com/Bfx5QjzNln
— NEXTA (@nexta_tv) December 13, 2025
Лионел Меси е во Индија како дел од промотивната „ГОАТ Тур“, која вклучува настани во Калкута, Хајдерабад, Мумбаи и Њу Делхи.
Турата започна со презентација на статуа висока околу 21 метар, која беше составена во Калкута за 27 дена, но беше откриена виртуелно од безбедносни причини.
Затоа илјадници навивачи се упатија кон стадионот, носејќи дресови на Аргентина, транспаренти „Го сакам Меси“ и го скандираа неговото име.
И покрај инцидентот, интересот за Меси во Индија останува огромен. Во раните утрински часови, илјадници луѓе се собраа пред хотелот каде што престојуваше фудбалерот на Интер Мајами, надевајќи се дека ќе го здогледаат.
„За мене ова е лично. Јас сум низок и го сакам фудбалот, па затоа отсекогаш се идентификував со Меси. Неговиот талент ми дава надеж дека можете да направите сè ако верувате во себе“, изјави за Би-Би-Си Хитеш, 24-годишен адвокат кој патувал речиси 1.900 километри од Бангалор.
Како дел од турнејата, навивачите можеа да ја посетат и фан-зоната „Хола Меси“, каде што има реплика во природна големина на фудбалерот, изложени трофеи и реконструкција на неговиот дом во Мајами.
Foto/ depositphotos
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Хет-трик на Гидсел, повторно е најдобар во светот
Репрезентативецот на Данска, Матијас Гидсел е прогласен за најдобар ракометар во светот во 2025 година во традиционалниот избор на Меѓународната ракометна федерација (IHF).
Матијас Гидсел беше избран за најдобар ракометар на годината, трет пат по ред. Тој е третиот ракометар во историјата кој е прогласен за играч на годината три пати по Никола Карабатиќ и Микел Хансен.
Во 2025 година, Гидсел ја освои титулата светски шампион со данската репрезентација, а беше прогласен и за најкорисен играч (MVP) на планетарното првенство. Тој беше и најдобар стрелец и асистент на Светското првенство.
IHF ја избра Норвежанката Хени Рејстад за најдобра ракометарка во светот во 2025 година. И таа беше прогласена за играч на годината трет пат по ред.
Таа освои злато на Светското првенство минатата година со норвешката репрезентација. Рејстад беше најдобар стрелец, а беше прогласена и за најкорисен играч (MVP) на планетарното првенство.
Португалецот Франциско Коста беше избран за најдобар млад ракометар во 2025 година, додека најдобра млада ракометарка е Фиола Лојхтер од Германија.
Во гласањето учествуваа навивачи, селекторите на националните тимови кои учествуваа на Светското првенство во 2025 година, како и членови на Комисијата за тренинг и методи на IHF.
Фото/ ЕПА
Спорт
Упамекано го продолжи договорот со Баерн
Дајо Упамекано го продолжи договорот со Баерн Минхен до 30 јуни 2030 година, објави германскиот клуб.
Упамекано (27) пристигна во Минхен во сезоната 2021/22 од Лајпциг, а со Баерн досега освои три титули во Бундеслигата и три германски Суперкупа. Во дресот на баварскиот клуб одигра 180 натпреварувачки натпревари, постигна шест гола и запиша девет асистенции.
Генералниот менаџер на Баерн, Јан-Кристијан Дрезден, истакна дека Упамекано израснал во врвен играч во Минхен, додека членот на спортската администрација Макс Еберл нагласи дека францускиот стопер е еден од главните столбови на тимот и пример за развој на играчите во клубот.
Самиот фудбалер рече дека е среќен поради продолжувањето на соработката и дека има големи цели со тимот, со желба да освои повеќе трофеи.
Упамекано одигра 35 настапи и постигна два гола за француската репрезентација, ја освои Лигата на нации во 2021 година и беше дел од тимот што го играше финалето на Светското првенство во 2022 година против Аргентина.
Foto/ depositphotos
Спорт
Јада 83-ти, Клабо го освои осмото олимписко злато во кариерата
Македонскиот репрезентаивец, Ставре Јада, го заврши своето учество на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина во петокот. Јада го освои освои 83-то место во трката крос-кантри на 10 километри.
Во трката учествуваа 113 натпреварувачи, Јада ја помина целта како 83-ти, со време од 25:286,9, за 4:52,7 зад олимпискиот шампион. Ставре Јада претходно го освои 88-мо место во трката со спринт.
Златниот медал го освои кралот на овие Игри, Јоханес Хесфолт Клабо. Норвежанецот ја заврши трката за 20:36,02. Ова е негово трето злато на Игрите во Милано и Кортина, а негов осми златен медал – десетти вкупно, бидејќи Клабо има едно сребро и една бронза.
На Клабо му недостига само уште едно злато за да стане најуспешниот олимпиец во крос-кантри. Осум златни медали, и вкупно 12 олимписки медали во кариерата, освои Бјорн Дели.
Сребрениот медал му припадна на Матјас Делож, кој беше фантастичен, францускиот ас ја заврши трката 4,9 секунди зад Клабо. За дваесет и тригодишниот Французин, ова е прв олимписки медал.
Бронзата оди во Норвешка, кај Ејнар Хедегерт, кој имаше задоцнување од 14 секунди. И за него ова е првиот олимписки медал во неговата кариера.
Foto/ EPA

