Свет
(Видео) Американски режисер и неговата сопруга пронајдени мртви: полицијата се сомнева дека е убиство
Полицијата на Лос Анџелес истражува нешто што го опишува како очигледно убиство откога две тела беа пронајдени во домот на режисерот и актер Роб Рајнер.
Пожарникарите беа повикани во куќа во населбата Брентвуд во Лос Анџелес во недела попладне по локално време, каде што ги пронајдоа 78-годишниот Роб Рајнер и неговата 68-годишна сопруга Мишел. Двајцата беа прогласени за мртви на местото на настанот.
Рајнер е еден од најпознатите режисери во Холивуд, а неговите филмови вклучуваат класици, како што се „Кралската невеста“, „Кога Хари ја запозна Сали“, „Неколку добри луѓе“ и „Спинал тап“.
Портпаролот на противпожарната служба на Лос Анџелес изјави за Би-би-си дека добиле повик за медицинска интервенција во куќа на авенијата Чедбурн околу 15.38 часот по локално време. Брентвуд е луксузна населба во Лос Анџелес, во која живеат многу познати личности.
Детективите за убиства на полициската управа на Лос Анџелес реагираа на местото на настанот и отворија истрага за она што го нарекоа очигледно убиство. Властите не дадоа дополнителни детали за околностите на смртта.
Рајнер доби телевизиска слава во 70-тите како „Митхед“ во револуционерната серија „Сите во семејството“. Тој беше во брак со актерката Пени Маршал од 1971 до 1981 година, а ја посвои и ќерка ѝ Трејси Рајнер, исто така актерка.
Во 1989 година тој се ожени со Мишел Рајнер, актерка и фотографка. Двојката има три деца – Џејк, Ник и Роми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.
Свет
Рама во Вашингтон ќе учествува на формирањето на Одборот за мир
На 19 февруари премиерот Еди Рама ќе биде во Белата куќа во Вашингтон, каде што ќе учествува на официјалното формирање на Одборот за мир.
Ова го потврди лично премиерот за време на неделниот подкаст „Фласим“(зборуваме), отфрлајќи ги тврдењата на опозицијата дека воопшто не е поканет за учество на овој настан.
– Деновиве добив покана од претседателот на Соединетите американски држави, да го посетам Вашингтон и на учествувам на формирањето на Одборот за мир. Значи разбиени се сите лаги кажани дури и во нашиот парламент. Лага се секакви тврдења што денес повторно се прават смешни, велејќи дека не можам да одам, дека не сум поканет, затоа што, затоа што, затоа што, рече Рама.
Всушност, додаде, како што кажав, ќе бидам во Вашингтон за официјалното формирање на Одборот за мир и за почетокот на активноста на тој одбор.
-Привилегија за Албанија е да биде држава-основач на Одборот за мир и нема да придонесува со пари за да се приклучи или да остане како постојан член, туку придонесува со достоинство и со она што ја направило меѓународно почитувана и поканета, за оваа толку високо ниво на дискусија за иднината на мирот, рече Рама.

