Македонија
(Видео) Филипче го соопшти новото раководство на партијата: СДСМ има нов тим, нова сила – нова енергија!
Претседателот на Социјалдемократкиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, по завршувањето на вчерашната седницата на Централниот одбор на СДСМ го соопшти новото раководство на партијата. На прес-конференцијата, Филипче посочи дека новиот тим влегува во храбра и многу одлучна борба со „ненародната, корумпирана и криминогена власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН“.
Во продолжение е интегралната изјава на Филипче:
„На седницата на Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија се избра новото раководство. Нови партиски потпретседатели се доктор Александар Трајановски и пратеничката Јована Тренчевска. Членови на Извршниот одбор се луѓе коишто се еден дел искусни, еден дел млади, одлична спојка. Искусните ќе го пренесат своето знаење и искуство на помладите. Секретарските позиции ги задржаа актуелниот генерален секретар и еден од досегашните организациските секретари. Ова е тим кој влегува во храбра и многу одлучна борба со оваа ненародна и криминогена и корумпирана власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН. И не сме сами, на денешниот состанок се продискутираа многу аспекти, ја шириме нашата платформа, повикуваме многу граѓански организации, независни поединци, интелектуалци. Го формиравме и Советот на партијата кој ќе има улога да привлекува слободоумни луѓе коишто ги делат нашите вредносни политики, поради тоа што нашиот фронт којшто го објавуваме вечерва постепено и сигурно ќе расте, затоа што ние се подготвуваме власта да ја вратиме во рацете на граѓаните. Во рамките на тимот еден од најновите делови на целокупниот тим е Антикорупцискиот тим, составен од млади луѓе, истражувачи, но искусни луѓе коишто ги консултираме за активностите, кои се занимаваат со разоткривање на корумпираните шеми на актуелната власт. И вечерва цврсто и одлучно кажуваме, дека ние сме тие коишто ќе стават крај на политиката на изолација на државата од Европа. Ние сме тие коишто ќе ставиме крај на корупцијата и криминалот на оваа власт. Ние сме тие коишто ќе ставиме крај на предавството на безбедноста и националните интереси на нашата земја преку проектот мигранти за пари. Ние ја враќаме власта во рацете на граѓаните“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Помош за настраданото население од поплавите во Кичево, Гостивар и Скопје, 200 волонтери и вработени на Црвениот крст ангажирани на терен
Поплавите кои повторно го зафатија Кичевскиот регион, како и области во Скопје и Гостивар, предизвикаа сериозни штети и зголемена загриженост кај населението. По обилните врнежи од дожд и излевањето на водотеците, голем број домаќинства се соочуваат со поплавени домови, оштетен имот и отежнато движење, соопшти Црвениот крст на Македонија.
„Црвен крст на Република Северна Македонија веднаш излезе на терен и активно се вклучи во активностите за помош, во координација со надлежните институции. Вкупно 200 волонтери и вработени на Црвениот крст се ангажирани на терен, обезбедувајќи поддршка и помош за погоденото население.

Во Кичево, вкупно засегнато население со материјална штета се 362 домаќинства, односно околу 1200 лица од кои 250 лица (62 семејства) се евакуирани и привремено грижени во спортската сала „Христо Узунов“, меѓу кои 61 дете, 178 возрасни и постари лица и 11 лица со попреченост“.
Покрај Кичево, како што информираат, погодено е население и во општина Гостивар (село Форино) околу 500 живеалишта, и во општина Сарај (село Буковиќ, Семениште и Горна Арнакија) 30 живеалишта.
„Во рамки на хуманитарната интеверција, Црвениот крст обезбеди и дистрибуираше помош на 400 семејства и тоа 10 палети вода, 820 ќебиња, 400 хигиенски пакети, 250 пакети со храна, 250 душеци, бебешка храна и хигиена, и нова облека. Црвениот крст во соработка со општина Кичево и локални донатори обезбедува по три топли оброци за 250 лица на дневна основа кои се евакуирани и привремено згрижени.

Дополнително во континуиет се обзебедува и психо-социјална поддршка на погоденото население. На телефонските линии 072-239-077, 072-239-051 за психо-социјална поддршка, досега побараа помош 50 лица.
Црвениот крст останува на терен и подготвен да обезбеди дополнителна поддршка согласно развојот на состојбта и потребите на погоденото населението“.
Македонија
Утре во Охрид, показна вежба за евакуација по сценарио за случен земјотрес и давање сигнал за општа опасност
Утре (19.02.2026 година) во 10 часот, во општинското основно училиште „Кочо Рацин“, ќе биде одржана показна вежба за евакуација по сценарио за случен земјотрес и давање сигнал за општа опасност, соопшти СВР Охрид.
Вежбата,мкаоо што е појаснето, ќе се реализира по претходно утврдено и разработено сценарио за дејствување и евакуација по случен земјотрес, изработено од отсекот за превенција при СВР Охрид и Црвениот крст Охрид а со кое, со кое се запознаени учениците, наставниците, Регионалниот центар за управување со кризи, претставниците од Општинскиот инспекторат за образование и останатите учесници, Територијалната противпожарна единица Охрид, Итната медицинска помош и другите институции.
Вежбата има превентивен карактер, а целта е подигнување на степенот на безбедносни мерки и подготвеност кај учениците и наставниците за поефикасна заштита при земјотреси и други елементарни непогоди. Показната вежба се спроведува согласно планот за заштита и евакуација при несреќи и планот за работа на училиштата во вонредни околности, организирање мобилизациски собиралишта и сл. За време на одржувањето на симулациската вежба, полициски службеници од СВР Охрид, привремено за сообраќај ќе ја затворат улицата „Новопроектирана“ која поминува низ охридската касарна.
Македонија
Тошковски: Одделот за заштита на личности и објекти е столб на институционалната безбедност
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на одбележувањето на 18 февруари – Денот на формирањето на Одделот за заштита на определени личности и објекти, организациска единица со долгогодишен континуитет и значајна улога во системот на националната безбедност.
Во своето обраќање министерот Тошковски истакна дека припадниците на Одделот со децении демонстрираат професионалност, дисциплина и висока подготвеност во извршувањето на задачите, често во сложени и чувствителни околности, при што нивната работа, иако најчесто надвор од вниманието на јавноста, е од суштинско значење за непречено функционирање на институциите и одржување на стабилноста и безбедноста.
„Во текот на 2025 година реализирани се обезбедувања на 61 делегација и 153 меѓународни и домашни настани, оценети со највисоки оценки од нашите меѓународни партнери. Тоа е потврда дека македонската полиција стои рамо до рамо со најдобрите и работи согласно највисоките професионални стандарди“, потенцираше министерот Тошковски.
Тој нагласи дека во услови на променлива и комплексна безбедносна средина, приоритет на раководството останува континуираното унапредување на условите за работа, вложувањето во обуки, модернизацијата на опремата и јакнењето на институционалната поддршка.
Министерот Тошковски упати благодарност до сегашните и поранешните припадници на Одделот за нивната одговорност и професионален пристап, истакнувајќи дека нивната работа претставува значаен дел од вкупниот капацитет на Министерството за внатрешни работи и директно придонесува за зголемување на довербата во институциите.

