Македонија
Обвинение за директорот на „Комунална хигиена“ – Скопје поради преполните контејнери во главниот град
По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против две лица, кои се товарат дека како соизвршители сториле кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад.
Истрагата покажа дека во текот на октомври годинава, двајцата обвинети, со пропуштање вршење надзор над собирањето, со транспортот и со непрописно управување со отпадот можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот или водата, опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на растителниот или животинскиот свет во поголеми размери.
„Вршителот на должноста директор во ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје постапил спротивно на статутот на претпријатието, на Законот за комуналните дејности и не ги спроведувал одлуките и заклучоците на управниот одбор, не се грижел за спроведување на деловната политика на претпријатието, не ги извршувал работите од неговиот делокруг на работа, не учествувал во утврдување на критериумите за користење и распоредување и за управување со средствата остварени со работењето на претпријатието, не го следел и не го анализирал извршувањето на плановите и договорните обврски и не презел мерки за нивно остварување и не обезбедил мерки за заштита на животната средина. Како директор на јавно претпријатие, кое е давател на комунална услуга, бил должен, но сепак давањето на комуналните услуги не го вршел постојано и квалитетно и не се грижел да ги одржува во функционална и исправна состојба објектите, опремата и уредите“, соопшти Обвинителството.
Заедно со вториот обвинет, вработен како управител за отпад – подгрупа 5, давател на услуги во областа на комунални дејности, кој имал уверение за положен стручен испит за управување со отпад од Министерството за животна средина и просторно планирање, со умисла постапувале спротивно на Законот за животната средина и на Законот за управување со отпадот, не презел мерки и активности за заштита на животната средина и не ги спроведувал плановите и програмата за управување со комуналниот отпад на подрачјето на градот Скопје.
Бидејќи не ја извршиле својата основна дејност за редовно собирање и транспортирање безопасен отпад, ниту побарале измена на оперативниот план и оперативната програма, обвинетите овозможиле да се создадат депонии на јавни и сообраќајни површини со одлагање на комуналниот отпад во непосредна близина на предвидените садови за собирање.
Бидејќи прибирањето на доказите е завршено, а обвинетите веќе немаат можност да влијаат на постапката, јавниот обвинител предложи мерката притвор да им биде заменета со мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавуваат повремено во судот и привремено одземање патна исправа или друга исправа за преминување на државна граница, односно забрана за нејзино издавање.
За обвинетиот управител со отпад, кој сè уште е вработен во ЈП „Комунална хигиена“, Обвинителството предложи и дополнителна мерка – забрана за преземање определени работни активности, кои се поврзани со кривичното дело, односно привремено отстранување од работното место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во прекин сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 17:30 часот сообраќајот на граничниот премин Евзони (Богородица) е во прекин, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Македонија
Во наредните десет дена изменет сообраќаен режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта
СВР Охрид информира дека од денеска во наредните десет дена, на сила ќе бидат измените на сообраќајниот режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта, општина Дебрца.
„На овој патен потег, сообраќајот ќе се одвива наизменично по левата сообраќајна лента гледано во правец од Охрид кон Кичево поради што, апелираме до возачите, крајно внимателно и со прилагодена брзина да ги управуваат своите патнички и други моторни возила и во согласност со поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација“, соопштуваат од СВР Охрид.
Македонија
СДСМ: „Тефтерчињата“ во судството од времето на Никола Груевски се вратија
„Го сменија јавниот обвинител за да постават обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник од ДПМНЕ назначија за член на Судскиот совет, поставија партиски човек во Советот за јавни обвинители. ‘Тефтерчињата’ во судството од времето на Никола Груевски се вратија“, велат од СДСМ.
„Сите знаат, следува целосно погребување на правдата. Со неуставна Резолуција во Собранието ДПМНЕ-ЗНАМ ја гушат демократијата, слободата на говор и се обидува да ја замолчи опозицијата да не зборува за договорот мигранти за пари.
Дури и Катица Јанева ја пуштија од затвор. Три години порано ја пуштија надвор од затвор за 3 месеци да тера кампања. Copy-paste сценарија како методите на Никола Груевски и Вучиќ. Режим 2.0.
Затоа е потребен широк фронт за правда на сите слободоумни граѓани, опозициски партии, прогресивни сили, здруженија. Заедно ќе ја одбраниме демократијата, заедно ќе ја одбраниме Македонија!“, се наведува во соопштението на СДСМ.

