Македонија
Уапсени 11 лица за местење тендер вреден над 7,6 милиони евра во „ЕСМ дистрибуција на топлина“
Завчера во текот на ноќта помеѓу 17 и 18 декември и вчера, под раководство на јавен обвинител, полициски службеници спроведоа координирана акција на повеќе локации во Скопје и околината, како и во Куманово, Неготино, Велес, Пехчево, Пробиштип и Кочани. Во рамките на акцијата уапсени се 11 лица.
Постапувајќи по поднесена кривична пријава, јавен обвинител донесе наредба за спроведување истражна постапка против 33 лица, поради основано сомнение дека сториле кривични дела од економско-финансиска природа. Сите осомничени лица се товарат за кривично дело Злосторничко здружување.
Дополнително, седум лица дел како помагачи, а дел како поттикнувачи, се осомничени за продолжено кривично дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, 12 лица за продолжено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, додека на 20 лица на товар им се става дека, како соизвршители, сториле продолжено кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело.
Според наводите во наредбата за истрага, во текот на 2023 година тројца осомничени како службени лица вработени во ЕСМ Дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје и четворица управители и/или сопственици на двете осомничени правни лица создале група со цел вршење кривични дела злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело. Кон групата се приклучиле останатите 26 осомничени лица.
Во текот на 2023 година, со намера да се изигра постапката, по претходно договорена и изготвена техничка спецификација за набавка на „СКАД Ормари мониторинг ормар со ГСМ контролор за топлинска станица“ за потребите на ЕСМ Дистрибуција на топлина Дооел Скопје, дел од припадниците на злосторничкото здружување, во својство на службени лица не ја извршиле својата службена должност и постапиле спротивно на законските прописи и внатрешните акти.
Истите договориле на огласот за јавна набавка, да се пријават двете осомничени правни лица од Скопје и од Куманово. Правното лице од Куманово се јавило како економски оператор со непотполна документација и со понуда повисока од понудената цена од правното лице од Скопје, кое понудило речиси идентичен износ со проценетата вредност на јавната набавка, иако вредноста не била објавена во огласот за јавната набавка. Со ова дејствие овозможиле правното лице од Скопје да го добие договорот за јавна набавка на СКАД ормари и да се стекне со противправна имотна корист во вкупна вредност од 472.470.407 денари со ДДВ, односно 7.682.445 евра на штета на Буџетот на ЕСМ Дистрибуција.
По извршувањето на горенаведените предикативни кривични дела, пријавените од 2023 до 2025 со намера за себе или за друг да прибават противправна имотна корист и да го прикријат потеклото, движењето и сопственоста на паричните средства, истите во вкупен износ од 125.556.930,00 денари, односно 2.041.576 евра, ги пуштиле во оптек, примиле и пренеле и со вака преземените дејствија го извршиле битието на кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело.
Ценејќи ги околностите јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, достави предлози што беа прифатени од судот и со Решение на седум лица им е определена мерка притвор, додека за шест лица се определени мерки за обезбедување на присуство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.

