Свет
Европските компании за работа се повеќе ангажираат лица од странство
Европските компании за извршување на своите деловни активности многу често делумно или целосно ангажираат надворешни лица или партнери лоцирани во странство, се наведува истражувањето насловено „Глобални вредносни синџири“.
Во него се посочува дека во периодот од 2021 до 2024 година ваквата пракса, позната како „аутсорсинг“, ја користеле 72,8 отсто од европските претпријатија, кои пренесувале некои од своите деловни функции на субјекти во други земји од Унијата, но и надвор од неа и тоа најмногу во Индија (18,6 проценти) и во Велика Британија (17,1 отсто).
Ангажирањето „аутосорсинг“, според истражувањето, се практикувало за извршување на најразлични задачи, од ракување со операции, па до производство на стоки, кои дотогаш традиционално ги вршеле вработените во самите компании.
Ова, според истражувањето, се прави за да се намалат трошоците на компаниите, да се подобри нивната ефикасност, но и да можат да се фокусираат на други задачи и обврски.
Како главна парична за практикувањето на „аутсорсингот“, компаниите опфатени со истражувањето ги навеле намалување на трошоците за работна сила и тоа 34,1 отсто од нив, по што следува намалување на останатите производни трошоци со 27,8 проценти и фокусирањето на нивната основна дејност со 20,3 отсто.
Кога станува збор за работните процеси што се пренесуваат на субјекти во странство, во 47,4 отсто случаи тоа се административните и управувачките функции, по што следуваат информатичко-комуникациските услуги со 28,7 проценти.
Компаниите опфатени со истражувањето во периодот на кој се однесува анализата ангажирале 52.853 работници во странство, поради што биле укинати 152.023 работни места во нивните матични држави или 0,22 проценти од нивниот вкупен број.
Над една третина од изгубените работни места или 53.577 биле во производниот сектор, по што следуваат 33.818 во административно-управната сфера.
Меѓутоа, изразено во проценти, стапката на загубени работни места е највисока во областа на информатичко-комуникациските услуги и тоа 0,46 отсто, пред секторот на истражување и развој со 0,37 проценти.
Во анализата се оценува дека иако станува збор за прилично мали бројки на загубени работните места, сепак на долг рок не би требало да се занемари нивниот кумулативен ефект.
Со истражувањето биле опфатени компании од 22 земји членки на ЕУ и од Норвешка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала во Јадранското Море
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала го погоди југот на Хрватска во 21:48 часот вчера вечер.
Епицентарот бил на длабочина од 15 километри во Јадранското Море јужно од Корчула, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC).
Во вторникот, земјотрес со јачина од 4,4 степени според Рихтеровата скала беше регистриран во близина на Ливно. Беше почувствуван и во Далмација.
Свет
(Видео) Лавина во Калифорнија: Осум скијачи загинаа, еден е исчезнат
Осум скијачи загинаа, а еден е исчезнат во лавина во планините Сиера Невада во Калифорнија, соопштија властите во среда, во една од најсмртоносните вакви несреќи во историјата на САД. Спасувачите извлекоа шест преживеани по снежната бура што фрли неколку метри нов снег во Сиера во последните денови.
Лавината се случи во 11:30 часот наутро во близина на Касл Пик во Траки, Калифорнија, 15 километри северно од езерото Тахо, и затрупа група скијачи.
Преживеаните се засолниле под церади и комуницирале со спасувачите преку радио и СМС-пораки. Скијачите завршувале тридневно патување со водич. Во групата имало 11 од нив и тие престојувале во колиби на надморска височина од 2300 метри.
Сиера Невада добива повеќе од 9 метри снег во типична зима, што ја прави едно од најснежните места на западната хемисфера. Во текот на изминатите десет години, лавините во САД убиле просечно 27 луѓе годишно, според Центарот за лавини во Колорадо.
Свет
Десетина демократи ќе го бојкотираат говорот на Трамп за состојбата на нацијата
Група демократски сенатори и пратеници најавија дека нема да присуствуваат на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп за состојбата на нацијата, туку ќе организираат собир на отворено како протест против неговата политика.
Настанот под наслов „Народен говор за состојбата на нацијата“ ќе се одржи во близина на Капитол, непосредно пред обраќањето на Трамп. Меѓу најавените учесници се сенаторите Џеф Меркли, Крис Марфи и Крис Ван Холeн, како и неколку пратеници од Претставничкиот дом.
Од Белата куќа реагираа дека не е изненадување што демократите одбиваат да ги поддржат политиките на републиканците, вклучително и иницијативите за даноци и депортација на имигранти.
Демократите тврдат дека Трамп го користи говорот како политичка платформа наместо како момент за обединување на нацијата. Дел од нив ќе присуствуваат во Конгресот, но планираат да изразат незадоволство на други начини.
Годишниот говор за состојбата на нацијата првпат го одржал Џорџ Вашингтон во 1790 година, а со текот на времето се претворил во значаен политички настан.

