Топ
Американски државјанин истепал полицаец пред ноќен клуб во Градскиот парк: кај Американецот пронајдени поголемо количество оружје и муниција
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против американски државјанин со потекло од Нигерија, бидејќи по преземени повеќе истражни дејствија во текот на вчерашниот ден се обезбедија докази за основано сомнение дека сторил кривично дело – Неовластено држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик. Воедно, против него е поведена постапка за дело – Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383.
На 21 декември во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Градскиот парк, осомничениот нападнал полицаец кој се обидел да го легитимира. Со удари со тупаници му нанел телесна повреда на полицаецот, а потоа бил совладан и кај него бил пронајден полуавтоматски пиштол “Глок” со калибар 9мм Para, како и две рамки со 30 куршуми за тој пиштол.
Откако беше утврдено дека странскиот државјанин престојува во хостел во Скопје, јавниот обвинител обезбеди наредба за претрес и во собата во која престојувал осомничениот исто така било пронајдено поголемо количество оружје и муниција – уште еден пиштол “Глок”, три рамки со по 15 куршуми, дополнителни 75 куршуми во зипер ќеси, комплет за чистење оружје, три ножа, како и други предмети – фантомка, тактички ракавици, бандажери за раце, сајли за врзување, усб и хартиени документи, за кои е издадена наредба за вештачење, извести Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постои реална опасност од бегство, можност да влијае врз постапката и сведоците и да ги прикрива доказите, како и опасност да изврши друго кривично дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мисајловски: Буџетот за одбрана за 2026 е 358 милиони евра, што е 8,4 проценти повеќе од годинава
Стабилно буџетирање, дополнителен стимул во процесот на модернизација и целосното почитување и унапредување на правата и обврските кон вработените, се приоритетите кои можеа да се увидат во секој исчекор кој го направивме во 2025 година, рече министерот за одбрана Владо Мисајловски на денешното редовно брифирање со одбранбените аташеи акредитирани во земјава.
Министерот посочи дека во 2025 година „министерството и Армијата продолжија со јакнење на одбранбените способности и капацитети, го забрзаа процесот на модернизација и го подигнаа нивото на интероперабилност со нашите сојузници“, истовремено истакнувајќи дека и во 2026 година ќе се задржи нивото на стабилен раст на одбранбениот буџет.

„Следната година, одбранбениот буџет е во висина од 358 милиони евра, што е 8,4 проценти повеќе од овогодинешниот буџет. Со зголемување од над 27,7 милиони евра во буџетот на одбраната за следната година, гарантираме уште посилен развој и уште помодерна Армија со посилни капацитети – за национална и за колективна безбедност“, порача Мисајловски.
Во однос на модернизацијата на Армијата, министерот информираше дека во 2026 година ќе бидат одвоени 116 милиони евра, што е речиси 10 милиони евра повеќе од годинава. Тој ги посочи и проектите кои се во фокусот како подигнувањето на стандардите и подобрување на мобилноста, системите за огнена поддршка, комуникациските системи и средствата за личната заштитна опрема за секој припадник на Армијата. Напори ќе бидат вложени и во сајбер безбедноста и отпорноста на државата, како и во хармонизацијата на одбранбеното планирање со сојузниците.
Мисајловски се осврна и на подмладувањето на Армијата, истакнувајќи дека во 2026 година планиран е прием на нови 300 професионални војници.
„За 2026 година имаме јасна цел – одбранбениот систем да биде модерен, функционален, отпорен и целосно усогласен со напорите за одвраќање и одбрана во контекст на колективната одбрана, кризниот менаџмент и кооперативната безбедност“, заклучи министерот.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски упати благодарност до одбранбените аташеи за конструктивниот дух и посветеноста, како и за блиската соработка со институциите и единиците на Армијата, истакнувајќи дека „ова партнерство не само што ги зајакна професионалните врски, туку придонесе и кон градење трајни односи засновани на меѓусебна почит и заеднички вредности“.
Генералот Лафчиски, осврнувајќи се на иднината изрази уверување дека „преку продолжена соработка и отворена комуникација, дополнително ќе ги унапредиме нашите заеднички напори во насока на регионалната стабилност, меѓународната безбедност и исполнувањето на заедничките одбранбени цели“.
На настанот се обрати и доајенот на Асоцијацијата на одбранбени аташеи, романското аташе полковник Каталин-Петре Арцип кој порача дека Армијата дава силен придонес кон безбедноста на регионот и пошироко.
Македонија
Мицкоски: Зголемувањето на минималната плата мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавците
Целта на Владата е да создаде посилна економија која отвора нови работни места и обезбедува достоинствен животен стандард за секој граѓанин, изјави премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница на Економско-социјалниот совет.
„Нашата цел е јасна – посилна економија што создава вредност, отвора нови работни места и обезбедува достоинствен животен стандард за секој граѓанин. Економскиот раст што го градиме мора да биде инклузивен и правичен, а резултатите од тој раст мора да се почувствуваат кај работниците, но и да обезбедат стабилност и конкурентност за компаниите. Во тој контекст, прашањето за минималната плата е исклучително важно и чувствително“, рече тој.
Премиерот Мицкоски потенцираше дека Владата не е против зголемување на минималната плата, но кажа дека зголемувањето мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите.
„Сакам јасно да нагласам, Владата не е против зголемување на минималната плата. Нашата заложба е платите да растат и трудот да биде соодветно вреднуван. Но исто така сме цврсто убедени дека таквото зголемување мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите, постигната преку социјален дијалог и врз основа на реалните економски можности. И тој раст мора да биде согласно потенцијалите и капацитетите на економијата. Јас не сум за наметнати решенија. Следната година ќе биде година на борба за подобар животен стандард“, нагласи Мицкоски и додаде:
„Одржливо зголемување на платите не се постигнува со административни одлуки донесени преку ноќ, туку со силна и продуктивна економија. Затоа паралелно со разговорите за минималната плата, мора да работиме на зголемување на продуктивноста, поддршка на бизнисите, инвестиции во технологија, иновации и човечки капитал. Само така ќе создадеме услови платите да растат континуирано, без да се загрозат работните места или конкурентноста на компаниите.“
Премиерот Мицкоски посочи дека Владата ќе продолжи да биде активен и одговорен партнер во овој процес.
„Владата ќе продолжи да биде активен и одговорен партнер во овој процес. Ќе ги поддржиме сите решенија што се правични, економски издржани и договорени преку консензус. Наш интерес не е краткорочен политички поен, туку долгорочна стабилност, предвидливост и економија што може да ги издржи предизвиците на современото време. Верувам дека преку искрен дијалог, меѓусебна почит и заедничка визија, можеме да дојдеме до решенија кои ќе обезбедат подобар стандард за работниците и здрава деловна клима за работодавачите. Тоа е патот кон посилна економија и посигурна иднина за нашата држава“, заклучи Мицкоски.
Македонија
Трамп менува 30 амбасадори, меѓу кои и Агелер
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп заменува 30 дипломати од кариера од амбасадорски и од други позиции во амбасадите, меѓу кои и американската амбасадорка во земјата, Анџела Агелер.
Ова доаѓа како дел од напорите за преобликување на американските дипломатски мисии и назначување персонал кој се смета дека целосно ги поддржува приоритетите на Трамп отелотворени во неговата порака „Америка на прво место“.
„Шефовите на мисии во најмалку 29 земји беа известени минатата недела дека нивните назначувања завршуваат во јануари“, изјавија двајца претставници на Стејт департментот, кои зборуваа под услов на анонимност, пренесе „Асошиетед прес“.
Оние што се погодени од промените не ги губат своите работни места во надворешната служба и се враќаат во Вашингтон за други должности доколку сакаат да ги преземат, рекоа овие претставници.
Сите отповикани амбасадори ја презедоа функцијата за време на администрацијата на претседателот Џо Бајден, но останаа на овие позиции по првичната чистка на почетокот на вториот мандат на Трамп во јануари. Тоа се променило минатата среда кога почнале да добиваат известувања од Вашингтон дека треба да заминат.
Стејт департментот не коментира за конкретниот број засегнати вработени или амбасадори, но рече дека тоа е стандарден процес во секоја администрација. Како што беше најавено, амбасадорот е „личен претставник на претседателот и право на претседателот е да се осигури дека има поединци во овие земји, кои ја промовираат неговата агенда „Америка на прво место“.
Најпогодена од промените е Африка, каде што беа повлечени амбасадори од 13 земји – Бурунди, Камерун, Зелен ’Рт, Габон, Брегот на Слоновата Коска, Мадагаскар, Маврициус, Нигер, Нигерија, Руанда, Сенегал, Сомалија и Уганда.
На второ место е Азија со промени на амбасадорите во шест земји – Фиџи, Лаос, Маршалски Острови, Папуа Нова Гвинеја, Филипини и Виетнам.
Во Европ, смени се случија во Ерменија, Северна Македонија, Црна Гора и во Словачка.
На Блискиот Исток во две земји – Алжир и Египет, како и во јужна и централна Азија – во Непал и Шри Ланка, и на западната хемисфера – во Гватемала и Суринам.

