Македонија
Мицкоски со порака до граѓаните што заминале во странство: Каде и да одите, колку и да сте успешни, таму секогаш ќе бидете дојденци
Вашето враќање е порака дека Македонија не е заборавена, корените не се пресечени и дека љубовта кон домот не исчезнува, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, на Форумот на повратници во државата, настан посветен на македонските граѓани кои одлучиле да се вратат во Македонија.
„Вашето враќање не е симболично. Тоа е суштинско. Тоа е порака дека Македонија не е заборавена, дека корените не се пресечени и дека љубовта кон домот не исчезнува, без разлика на годините и далечината. Сакам јасно и искрено да кажам ние не можеме да се лутиме на оние кои заминале. Ги разбираме. Ја разбираме нивната мака, нивната борба, нивните тешки одлуки. Знаеме дека многумина заминаа, затоа што немаа избор. Затоа што сакаа подобро образование за своите деца, посигурна работа, достоинствена плата, стабилен живот. И тоа е нормална човечка потреба. Тоа е борба за иднина“, рече Мицкоски.

Тој порача дека сите граѓани кои заминале во странство, колку и да се успешни секогаш ќе бидат дојденци.
„Каде и да одите низ светот, колку и да сте успешни, таму секогаш ќе бидете дојденци. Почитувани пријатели, ценети, можеби и добро платени – но дојденци. Само дома си свој. Само дома твоето име, твојот труд и твојата приказна имаат длабок корен и трајна вредност. Вие што денес сте тука сте жив доказ за тоа. Вие покажавте дека знаењето и искуството стекнато надвор не се губат кога ќе се вратите, туку добиваат смисла. Стануваат темел за нови бизниси, нови работни места, нови идеи и нова енергија во нашата економија“, рече Мицкоски.
Како Влада, додаде тој, нашата обврска е да создадеме услови, да обезбедиме стабилност, правна сигурност, поддршка за инвестиции и јасна насока за развој. Но, рече Мицкоски, ниту една стратегија, ниту еден план не може да успее без луѓето.
„Затоа гласно велиме дека ни требаат сите. Ни треба секој Македонец кој сака да придонесе. Ни треба секој што научил нешто надвор и е подготвен тоа да го вложи дома. Ни треба секој што верува дека оваа земја може и мора да биде подобро место за живеење. Преку вашиот пример, денес испраќаме порака до сите наши луѓе родум од Македонија, ширум светот: Ве разбираме. Ве почитуваме. И вратите се отворени. Не ветуваме лесен пат. Но нудиме смисла. Нудиме можност да се биде дел од нешто поголемо. Нудиме шанса трудот да не биде само личен успех, туку и придонес за заедницата и идните генерации“, рече премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МНР со апел: македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Мексико да го напуштат во првата безбедна прилика
Поради влошената безбедносна состојба во Мексико, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава, истата да ја напуштат во прва можна и безбедна прилика.
Истовремено, се препорачува одложување на сите патувања кон Мексико кои не се од итен и неопходен карактер.
„Министерството ги става на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија, преку 24-часовниот СОС дежурен телефон: +389 75 268 736, електронската адреса: [email protected], како и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Вашингтон: +1 (202) 758-7798 или на е-маил адресата: [email protected].
Министерството континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста“.
Македонија
Речиси 5.000 прекршоци регистрирани со „Безбеден град“ за една недела, најмногу за брзо возење
Во периодот од 16 до 22 февруари 2026 година, преку системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и коридорите каде што се поставени камери, регистрирани се вкупно 4.910 сообраќајни прекршоци.
Најголем дел од прекршоците, односно 4.691, се однесуваат на управување возило со брзина поголема од дозволената. За минување на црвено светло евидентирани се 16 прекршоци, што претставува намалување од 51,5 отсто во споредба со претходната седмица, кога биле регистрирани 33 прекршоци. Во првата недела од месецот биле констатирани дури 163 прекршоци за минување на црвено светло, информира МВР.
За управување возило со измината важност на сообраќајната дозвола, констатирани се 203 прекршоци.
Во истиот период изречени се вкупно 117 мерки „забрана за управување со возило“, што е намалување од 20,9 отсто во однос на минатата седмица. Во првата недела од месецот биле изречени 288 вакви мерки.
Од вкупно 117 изречени мерки минатата седмица, 16 се за минување на црвено светло, а 101 за брзо возење. Од нив, 75 се за брзина поголема од 80 километри на час во населено место, 19 за надминување на дозволената брзина за повеќе од 10 километри на час, и седум за брзина поголема од 170 километри на час во ненаселено место.
Надлежните апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел заеднички да се придонесе кон побезбедни патишта.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Местени тендери и аванси во Државната лотарија, Груби ќе се соочи со правдата
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција изјави дека време е за одговорност и дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби ќе се соочи со правдата.
„По година и пол бегство, денеска на граничниот премин Блаце уапсен е Артан Груби, поранешен прв вицепремиер и министер во владата на СДС и ДУИ“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека Груби важи за олицетворение на криминалот и корупцијата предводена од СДСM и ДУИ и додаде дека конечно ќе се соочи со правдата.
Петрушевски посочи дека, криминалот на Груби достигнал минимум 500 милиони денари или над 8 милиони евра, а дека постојат индиции оти сумата може да надмине десетици милиони евра.
„Дополнителен криминал на Груби заедно со неговиот другар Бајрами, тогашен директор на Државната лотарија освен што местеле милионски тендери, е исплаќање на аванси на деловни соработници“, рече Петрушевски.
Тој обвини дека СДСМ знаела за милионскиот криминал, но молчела за да ја одржи коалицијата на власт.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека борбата против криминалот и корупцијата останува нивен приоритет и дека секој кој се огрешил пред законот, порано или подоцна ќе се соочи со правдата.

