Свет
САД воведоа забрана за влез на пет истакнати личности од Европа
Соединетите Американски Држави воведоа забрана за влез на пет лица поради наводна цензура на американските онлајн-платформи, соопшти американскиот Стејт департмент. Забраната се однесува на поранешниот француски комесар на ЕУ, Тиери Бретон, кој се смета за еден од архитектите на Законот за дигиталните услуги на ЕУ, закон што ги регулира онлајн-платформите.
Меѓу погодените се двајца директори на германската организација „Хејт еид“, која се бори против онлајн-злоупотребата. Стејт департментот соопшти дека забраната се однесува на Ана-Лена фон Ходенберг и Џозефин Балон, изјави заменик-државниот секретар Сара Роџерс на платформата X.
Фон Ходенберг беше наградена со германскиот федерален орден за заслуги во октомври како признание за нејзината работа против дигиталното насилство. „Хејт еид“, основана во 2018 година, се смета за прв национален советодавен центар во Германија за луѓе погодени од онлајн-малтретирање.
Две други лица именувани од Стејт департментот се Имран Ахмед, основач на Центарот за борба против дигиталната омраза во САД/Велика Британија, и Клер Мелфорд, основач на Глобалниот индекс на дезинформации со седиште во Велика Британија. Двете организации работат на борба против говорот на омраза и дезинформациите на интернет.
Балон и Фон Ходенберг ја критикуваа одлуката на САД како чин на репресија велејќи дека не се изненадени од потегот. „Тоа е чин на репресија од страна на влада што сè повеќе го игнорира владеењето на правото и се обидува да ги замолчи своите критичари со максимална сила“, изјавија тие за ДПА.
„Нема да дозволиме да бидеме заплашени од влада што ги инструментализира обвинувањата за цензура за да ги замолчи оние што се залагаат за човекови права и слобода на изразување“, се вели во соопштението.
Тие рекоа дека „Хејт еид“ ќе продолжи со својата работа со целосна посветеност и ќе биде во солидарност со другите погодени од санкциите.
Бретон исто така остро го критикува потегот на САД споредувајќи ги санкциите објавени од Стејт департментот против него и четворица други со ловот на вештерки против наводни комунисти за време на ерата на Мекарти во САД.
„До нашите американски пријатели: ‘Цензурата не е таму каде што мислите дека е’“, рече Бретон во објава на X.
Француската влада исто така остро ја осуди одлуката.
Бретон и француските претставници нагласија дека Законот за дигиталните услуги е усвоен од Европскиот парламент и од сите земји членки на ЕУ со силно демократско мнозинство за да се осигури дека интернетот нема да стане простор на беззаконие.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро ги отфрли тврдењата на американскиот државен секретар Марко Рубио, кој го опиша законот на ЕУ како „напад на странски влади врз сите американски технолошки платформи и американскиот народ“.
„Законот за дигиталнигте услуги (DSA) беше демократски усвоен во Европа за да се осигури дека она што е нелегално офлајн е нелегално и онлајн. Тој апсолутно нема никаков екстратериторијален дострел и на никаков начин не влијае на Соединетите Американски Држави“, рече Баро на X. „Народите на Европа се слободни и суверени и не може да дозволат другите да им ги наметнуваат правилата што го регулираат нивниот дигитален простор“, рече тој.
Стејт департментот ги нарече петте лица радикални активисти, кои водат „организиран напор да ги принудат американските платформи да цензурираат, демонетизираат и потиснуваат американски ставови“.
Рубио претходно напиша на X: „Предолго време идеолозите во Европа водеа организиран напор да ги принудат американските платформи да ги казнуваат американските ставови на кои се спротивставуваат“.
„Администрацијата на Трамп повеќе нема да ги толерира овие скандалозни акти на екстратериторијална цензура“, додаде Рубио.
Рубио рече дека Стејт департментот затоа воведува забрани за патување против она што тој го опиша како водечки личности во глобалниот цензурно-индустриски комплекс и дека листата може да се прошири ако другите не го променат курсот.
Рубио и други американски претставници постојано го критикуваат она што го нарекуваат онлајн-цензура во Европа. Коментарите следуваа по одлуката на Европската комисија да го казни Х, во сопственост на милијардерот Илон Маск, со 120 милиони евра поради недостиг на транспарентност.
фото/депозитфотос
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Објавено колку ќе чини повоената реконструкција на Украина
Повоената реконструкција на Украина ќе чини околу 588 милијарди американски долари (повеќе од 500 милијарди евра) во текот на следната деценија, а последиците од војната ќе се чувствуваат со генерации, според заедничкиот извештај на Киев, Светската банка, Европската унија и Обединетите нации.
„Цената на реконструкцијата продолжува да расте и сега се проценува на 587,7 милијарди долари во период од десет години, што е еквивалентно на три пати повеќе од БДП на Украина во 2025 година“, се вели во извештајот.
Документот, кој годишно ја проценува штетата предизвикана на Украина од почетокот на руската инвазија во 2022 година, го подготвуваат заеднички Светската банка, украинската влада, Европската комисија и ОН.
Најпогодените сектори се домувањето, транспортот и енергетиката, се вели во извештајот, кој ги опфаќа 46-те месеци помеѓу почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година и декември 2025 година. Штетите и потребите се концентрирани во региони близу до фронтовските линии и во големите украински урбани области, се вели во извештајот.
На долг рок, најголемите потреби ќе бидат концентрирани во транспортниот сектор (82 милијарди евра), енергетскиот сектор (77 милијарди евра), станбениот сектор (77 милијарди евра), трговијата и индустријата (54 милијарди евра) и земјоделството (47 милијарди евра). Регионите Донецк (источен) и Харков (североисток), каде што борбите се најинтензивни, ќе бараат значителни напори за реконструкција.
За главниот град Киев, кој има население од три милиони, реконструкцијата се проценува на повеќе од 15 милијарди долари, бидејќи градот често е цел на руски напади со беспилотни летала и ракети.
„Човечките, социоекономските и еколошките последици од руската инвазија ќе се чувствуваат со генерации“, се вели во извештајот.
Западните сојузници на Украина одблокираа повеќе од 400 милијарди долари финансиска, воена и хуманитарна помош од почетокот на руската инвазија, според германскиот институт Кил. Украина моментално троши поголем дел од тие пари за воените напори и одржување на економијата на површина.
Европската унија одобри заем од 90 милијарди евра за Украина во декември за 2026-2027 година, поголемиот дел за одбрана, но Унгарија, чиј лидер Виктор Орбан е близок до Кремљ, се закани дека ќе го блокира.
фото/Depositphotos
Свет
Киев: Нова рунда мировни преговори би можела да се одржи до крајот на неделата
Нова рунда разговори за завршување на војната во Украина би можела да се одржи до крајот на оваа недела, изјави денес за украинските медиуми Андриј Јермак, началникот на кабинетот на украинскиот претседател.
Украина, Русија и САД одржаа неколку рунди разговори во Абу Даби и Женева, додека Вашингтон се стреми да ја заврши војната што започна со руската инвазија на 24 февруари 2022 година.
„Мислам дека до крајот на неделата, оваа недела“, им рече Андриј Јермак на новинарите кога беше прашан кога ќе се одржи новата рунда разговори.
„Не е тајна дека преговорите не се лесни, но дефинитивно има некои случувања и се приближуваме кон моментот кога сите страни ќе мора да донесат конечни одлуки, дали да ја продолжат оваа војна или да се движат кон мир“, рече Јермак, според соопштението од Кабинетот на претседателот.
Јермак, исто така, рече дека следната размена на затвореници меѓу Русија и Украина би можела да се случи оваа недела и дека би можела да биде поголема од претходната, кога земјите разменија по 157 воени затвореници. Сепак, тој не даде точен број.
Кога новинарите го прашаа за однесувањето на Русија во преговорите, Јермак рече дека тоа било „воздржано, учтиво и професионално“.
„Тие се однесуваат сосема дипломатски коректно, исто така на сите им е јасно дека имаме различни позиции“, рече Јермак.
Тој кажа дека Украина прави сè за да организира состанок меѓу претседателите на Украина и Русија, Володимир Зеленски и Владимир Путин, но дека тоа е малку веројатно во овој момент.
Свет
Макрон ја повика ЕУ да продолжи со усвојување нови санкции против Русија
Францускиот претседател Емануел Макрон денес ја повика Европската Унија да продолжи со усвојување нови санкции против Русија, кои Унгарија ги блокираше, објави парискиот весник „Монд“ на својата веб-страница.
„Ќе продолжиме да го зголемуваме притисокот врз Русија. Мора да продолжиме со усвојување на 20-тиот пакет санкции на ЕУ“, рече Макрон во Париз на заедничка прес-конференција со неговиот фински колега Александар Стaб.
Финскиот претседател рече дека руската офанзива е стратешки, воен и економски неуспех на рускиот претседател Владимир Путин.
„Лидерот на Кремљ не сакаше НАТО да се прошири, а Финска и Шведска се приклучија на тој сојуз“, рече Стаб, додавајќи дека тоа е и воен неуспех за Путин бидејќи губи многу војници.
Шефот на француската дипломатија, Жан-Ноел Баро, денес, по пристигнувањето на состанокот во Брисел, изјави дека е убеден дека 20-тиот пакет санкции ќе биде усвоен.
„Прашањето не е дали ќе биде усвоен. Ќе биде, тоа е сигурно. Но, кога ќе биде усвоен, секој мора да ги почитува своите обврски“, изјави Баро пред новинарите пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.

