Економија
НБРМ: Се задржува внимателниот пристап на Народната банка, поставеноста на монетарната политика е непроменета
Вчера се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика, соопшти НБРМ.
Денес, според соопштеното, започна со примена новата оперативна монетарна рамка, со којашто се обезбедува висока усогласеност со практиките на развиените централни банки и зајакнување на сигналниот ефект на монетарната политика. Новата оперативна поставеност предвидува еден основен инструмент, благајнички записи со рочност од 7 дена, со каматна стапка околу која е поставен симетричен коридор на каматните стапки, за разлика од претходната поставеност кога како основен инструмент се користеа благајнички записи со рочност од 42/49 дена и беше применуван асиметричен коридор на каматните стапки. Овој коридор е дефиниран преку каматната стапка на расположливиот депозит преку ноќ и каматната стапка на кредитот преку ноќ (во висина од ±0,5 процентни поени), во однос на каматната стапка на благајничките записи, како основна каматна стапка на Народната банка.
Модернизацијата на оперативната монетарна рамка и нејзиното усогласување со најдобрите стандарди на модерните централни банки е процес којшто траеше подолго време. Тој е внимателно обмислен и има за цел да овозможи понатамошно подобрување на ефективноста на монетарната политика. Скусувањето на рочноста на основниот инструмент на седум дена овозможува поефикасно пренесување на монетарните сигнали до краткорочните каматни стапки на пазарот на пари, врз коишто централната банка има подиректно влијание.
Народната банка ќе ја одреди големината на понудата на седумдневните благајнички записи така, што ќе обезбеди повлекување на вишокот ликвидност и оптимизација на ликвидноста во банкарскиот систем. Банките и понатаму ги имаат на располагање депозитите и кредитите преку ноќ, заради управување со краткорочните ликвидносни промени. Сите овие промени го зајакнуваат сигналниот ефект на монетарната политика и трансмисискиот механизам.
Во однос на поставеноста на монетарната политика, на оваа седница беше одлучено, како што појаснуваат, истата да се задржи непроменета. Внимателноста на монетарната политика е одраз на потребата за натамошно одржливо стабилизирање на инфлацијата, динамичната кредитна активност и на ризиците од надворешното окружување. Во услови на премин кон новата оперативна монетарна рамка, непроменетоста на монетарната политика ефективно се обезбедува преку поставување на каматната стапка на 7-дневните благајнички записи на нивото од 4% и зголемување на понудениот износ на основниот инструмент. Следствено, на аукцијата на благајнички записи, којашто ќе се одржи денес, на 24 декември, понудата ќе изнесува 43 милијарди денари, а понудата на наредните аукции ќе се утврдува согласно проектираната промена на ликвидносната позиција на банкарскиот систем на неделна основа. Се очекува дека неодамнешните измени кај задолжителната резерва, затегнувањето на макропрудентните мерки во делот на критериумите за квалитетот на кредитната побарувачка, како и одлуките поврзани со управувањето со системските ризици ќе обезбедат дополнителна поддршка за монетарната политика, а комбинираното дејство на овие мерки ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок, како и за ограничување на потенцијалните системски ризици.
Доколку се задржат позитивните трендови на забавување и одржливо стабилизирање на инфлацијата во наредниот период, како и во отсуство на административни интервенции во утврдувањето на платите, Народната банка ќе реагира соодветно, во насока на натамошно нормализирање на монетарната политика, додаваат од таму.
„Годишната стапка на инфлација во ноември забави и се сведе на 4%, наспроти 4,5% во октомври. Годишната стапка на инфлација остварена во ноември и понатаму е над историскиот просек, поради што инфлацијата и нејзиното одржливо стабилизирање и понатаму се во фокусот на монетарната политика. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани претежно во надолна насока, што упатува на помали увозни ценовни притисоци во однос на претходните очекувања. Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и понатаму постојат, а се поврзани и со натамошната неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз агрегатната побарувачка“.
Според НБРМ, состојбата на девизниот пазар и натаму е стабилна. „На крајот на ноември, нивото на девизните резерви изнесува 4.862,2 милиона евра, што според сите меѓународни показатели за адекватноста на девизните резерви се оценува како соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со ноември упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери коишто се малку пониски од очекувањата за четвртиот квартал. Трговскиот дефицит проценет за четвртиот квартал од годината, во согласност со податоците за надворешнотрговската размена во октомври, е малку повисок од очекувањата, иако периодот сѐ уште е краток за попрецизна оцена.
Во третиот квартал од 2025 година, растот на економската активност забрза и изнесува 3,8% на годишна основа. Ваквото остварување е малку повисоко во однос на оцената за третиот квартал во рамките на октомврискиот циклус проекции. Економскиот раст целосно произлегува од позитивниот придонес на домашната побарувачка, што главно е резултат на растот на бруто-инвестициите, при негативен придонес на нето-извозот, заради посилен годишен раст на увозот од извозот на стоки и услуги. Расположливите високофреквентни податоци за последниот квартал се ограничени, но засега октомвриските податоци за индустриското производство и прометот во вкупната трговија упатуваат на натамошни поволни трендови. Светската неизвесност, особено поради трговските политики и геополитичките тензии, и натаму претставува најголемиот надворешен ризик за домашната економија. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката со коишто ќе се остваруваат домашните инфраструктурни проекти се едни од клучните фактори за темпото на економскиот раст.
Во однос на движењата во монетарниот сектор, стапките на раст на депозитите и кредитите на банките, заклучно со ноември, упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките и на нивна солидна кредитна поддршка за економската активност. Притоа, годишните стапки на раст кај депозитите и кај кредитите постепено забавуваат, иако засега сѐ уште се над очекувањата за последниот квартал од годината.
Општо земено, со одлуката донесена од Народната банка и натаму се задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика, односно нејзината поставеност е непроменета. Утврдените нивоа на каматните стапки и понудениот износ за вложување во благајнички записи овозможуваат примена на новата оперативна монетарна рамка, со истовремено непроменета монетарна поставеност. Надворешните ризици и понатаму постојат, а внимателно се следат и домашните фактори коишто влијаат врз доходот и побарувачката. Народната банка останува подготвена да ги користи сите расположливи инструменти и доколку е потребно, ќе преземе соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок“, се истакнува во информацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.
Економија
(Видео) Мицкоски: 17 нови проекти вредни 650 милиони евра ќе донесат до 5.000 работни места
Премиерот Мицкоски денеска изјави дека во моментов се во почетна фаза на реализација или во фаза на потпишување договори за државна помош се околу 17 проекти, со вкупна вредност од над 650 милиони евра. Очекува дека овие проекти ќе обезбедат помеѓу 4.500 и 5.000 нови директни работни места, а најголемиот дел од нив годинава ќе започнат со производство, што ќе ја зголеми и вредноста на бруто-домашниот производ.
„Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека земјоделството доживува позитивен пресврт и станува сериозен економски столб. Во четвртиот квартал од минатата година извозот на земјоделски производи бил повеќе од двојно поголем од увозот, со износ од околу 12,5 милијарди денари, додека за целата година извозот достигнал над 450 милиони евра, во споредба со околу 200 милиони увоз.
Премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува вистинските земјоделци и дека новата програма ќе ја насочи поддршката кон оние кои реално произведуваат и придонесуваат, додека ќе се спречи злоупотреба на субвенциите.
Економија
(Фото+видео) Николоски: Со одлична динамика се гради автопатот Гостивар – Букојчани
Задоволство е да се гледа прогрес и да се гледааат добри резултати во изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани. Имаме силна динамика, државата овозможува навремена логистика и со средства и во делот на експропријацијата и силната динамика ќе продолжи во следниот период за до крајот на 2029 година да возиме по овој автопат, изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој денеска заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, времениот вршител на работите во Амбасадата на САД, Никол Варнс, заменици министри, пратеници, градоначалници и директорот на ЈПДП Коце Трајановски извршија увид во изградбата на автопатот Гостивар-Букојчани.

„Работиме доста интензивно на оваа секција 2, односно на автопатот кој што оди од Гостивар до Букојчани, кој што од другата страна треба да се поврзе на автопатот Гостивар до Тетово, а во долната страна треба да се поврзе со автопатот кој ќе се гради од Букојчани до Кичево. Оттаму се поврзуваме на автопатот до Охрид и Струга кој веќе е во прогрес, така што ова е целиот автопат кој што оди на западното крило на Коридор 8, автопат кој што треба да го поврзе целиот овој регион, да донесе голем економски бенефит, повеќе бизнис и многу повеќе туристи” изјави вицепремиерот Николоски.



Тој истакна дека експропријацијата е завршена речиси 90 % што е за успех, а финансирањето е навремено што директно значи и навремена реализација на овој проект. Дополнително како што потенцира, градежништвото има историски раст од 21 %.
„Она што ми е драго е тоа што градежништвото расте, во третиот квартал минатата година растот беше од 21 %, што не е запаметено во независна Македонија и така ќе продолжиме во периодот што е пред нас. Обврските што ги имаше државата се веќе завршени, околу 90 % од експропријацијата е завршена, до сега исплатени се околу 470 милиони евра што за буџет како Македонија е огромна сума. Исто така целата логистика државата ја дава и останува компаниите да си ја завршат работата. Драго ми е што стоиме на мост што е 40 метри висок, ова е добро за македонските градежни компании и оние што ќе се занимаваат со градежништво во иднина, тука се вклучени Градежниот факултет, Архитектонскиот факултет и следните генерации да можат на конкретни и живи проекти да учат” истакна Николоски.


Упати благодарност до премиерот Мицкоски за подршката што ја дава за овој проект и најави силна динамика и крајот на 2029 година да биде завршен овој автопат без отстапки од рокот. Додаде дека интензивно се работи и на автопатите од Тетово до Гостивар како и автопатот од Прилеп до Битола.

