Македонија
ТИТАН Усје: Нападот врз компанијата е неоснован, работиме согласно сите стандарди и не ги надминуваме законски дозволените лимити
Целосно ја разбираме загриженоста на јавноста за квалитетот на воздухот во градот, но нашата компанија не е причина за тоа. Напротив, ТИТАН Усје работи согласно најдобрите достапни техники во производството на цемент. Технологијата која се применува во ТИТАН Усје соодветствува со најдобрите компании од оваа индустрија во Европската Унија.
Целосно ги отфрламе неоснованите обвинувања кон ТИТАН Усје, кои се невистинити и не се засноваат на факти и на научни податоци. За жал, и овој пат компанијата се користи како изговор за неосновани напади, иако реалните, научни и мерливи факти јасно укажуваат дека причините за загадувањето треба да се бараат на друго место.
Научните истражувања, направени од независни домашни и странски експерти, покажуваат дека квалитетот на амбиенталниот воздух во Скопската котлина е под силно влијание на метеоролошките услови (струење на воздух, висока влажност, температурна инверзија и сл.), а од антропогените фактори влијанијата од индустријата имаат помало влијание од затоплувањето на домовите и јавните објекти, сообраќајот, градежните активности и горењето на отворено.
Работата на ТИТАН Усје е континуирано контролирана од страна на Државниот инспекторат за животна средина. Последниот увид од страна на Државниот инспекторат за животна средина, институција која е надлежна за сите инсталации со А – Интегрирана еколошка дозвола, беше извршен на 18 декември 2025 година, при што инспекцијата повторно утврди дека нема отстапувања од законски дозволените лимити. Исто така, на 18 ноември годинава во ноќните часови имаше ненајавен инспекциски увид од страна на оваа институција и тогаш беше констатирано дека сите вредности се во законски дозволените рамки.
Иако многу пати сме ги изнеле фактите, во интерес на јавноста ќе потсетиме дека:
· Споредбените податоци јасно и недвосмислено укажуваат дека лошиот квалитет на амбиенталниот воздух во Скопје нема корелација со работата на компанијата. Имено, во дел од зимските месеци, кога амбиенталниот воздух во градот е со најлош квалитет, компанијата ги врши редовните годишни ремонти на печките и тие се исклучени. Обратно, во летните месеци, кога печките работат со полн капацитет, амбиенталниот воздух во градот е со најмало загадување. Резултатите од мерењата го потврдуваат овој факт.
· Сите досегашни јавно достапни научни истражувања и студии покажуваат дека индустријата не е меѓу главните причинители на лошиот квалитет на амбиенталниот воздух во Скопје. Потврда на тоа е и фактот дека загаденоста во овој период е голема и во други градови во земјата, каде што нема индустрија.
· ТИТАН Усје поседува А – Интегрирана еколошка дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање. Согласно оваа дозвола, УСЈЕ има обврска да врши 24-часовен мониторинг на издувните гасови, согласно европските стандарди кои се транспонирани во националното законодавство. За таа цел, на сите точки кои се точно утврдени од надлежните институции, имаме инсталирано систем за мерење од германскиот производител SICK, кој е редовно калибриран и контролиран од овластени независни надворешни компании. Сите мерења континуирано покажуваат дека не се надминуваат законски определените Гранични Вредности на Емисии (ГВЕ), а кај дел, вредностите се неколкукратно пониски од законски дозволените лимити – на пример, кај вкупната прашина најчесто три до пет пати, а кај SO2 и неколку десетици пати пониски од дозволените.
· На истите емисиони точки се прават и дополнителни контролни мерења што ги вршат независни лаборатории, а резултатите од овие мерења исто така потврдуваат дека нема отстапки од законски дозволените лимити.
· ТИТАН Усје е современ индустриски капацитет со високо ефикасен, комплексен систем на филтрирање, каде во секој филтер има по 2000 вреќи кои ја запираат прашината, која потоа се враќа во производниот процес и станува составен дел од финалниот производ.
· Целосно се неточни тврдењата дека компанијата ги исклучува филтрите. Филтрите се неразделив дел од производната линија, односно кога работат печките, задолжително работат и филтрите.
ТИТАН Усје ќе продолжи да работи согласно законските норми, со одговорен и транспарентен однос кон сите засегнати страни. Сите заинтересирани приватни и правни лица можат да дојдат и да ја посетат компанијата, но и да побараат дополнителни информации за нашата работа, технологија и мерките што се користат за да се обезбеди ефикасна заштита на животната средина.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

