Спорт
Перез не го сака Халанд во Реал: Многу е скап, а и не бил голема ѕвезда
Ерлинг Халанд долго време се поврзуваше со Реал Мадрид, но се чини дека тој трансфер нема да се случи, барем не под сегашните услови. Претседателот на Реал, Флорентино Перез, смета дека клаузулата за обештетување од 250 милиони евра за норвешкиот напаѓач е премногу голема, дури и ако тие пари, клубот би ги обезбедил со продажбата на Винисиус Жуниор, истакнуваат шпанските медиуми.
Претседателот на Реал Мадрид наводно верува дека Норвежанецот, иако е „супериорен централен напаѓач“, не е „светска ѕвезда“ во полна смисла на зборот.
Перез смета дека Халанд е играч на кој му се потребни топки за да постигнува голови, но без дополнителниот квалитет што го поседува Килијан Мбапе. Тој верува дека Французинот, за разлика од Халанд, има способност сам да си создава шанси и да помине неколку противнички играчи истовремено.
Поради овој став, кога медијаторите неодамна се обидоа да го истражат интересот на Реал Мадрид за Халанд, одговорот од клубот беше ладен и јасен. Флорентино Перез смета дека износот од 250 милиони евра, што наводно е клаузулата за компензација за предвремено заминување од Манчестер Сити, е едноставно превисок.
Договорот на Халанд со англискиот клуб по последното продолжување важи до јуни 2034 година, а Реал Мадрид под водство на Перез нема намера да плати таков износ.
Летото 2026 година ќе биде клучно во канцелариите на Сантијаго Бернабеу, првенствено поради преговорите за нов договор со Винисиус. Доколку Бразилецот не се согласи со понудените услови, ќе биде ставен на трансфер листата. Многумина се прашуваат дали продажбата на Винисиус би можела да го промени ставот на Перез кон Халанд.
Во овој момент, се чини дека клубот би можел да одлучи да не ги инвестира парите од продажбата во Норвежанецот, туку да се потпре на постојните сили, вклучително и враќањето на Ендрик, кој во Лион има можност да се докаже во европскиот фудбал.
Во неговата дебитантска сезона 2022/23. Во Англија, Халанд ја освои историската тројна круна, а неговите индивидуални перформанси беа подеднакво импресивни. Тој двапати ја освои Златната копачка на Премиер лигата и продолжува да руши рекорди на европската сцена. За Сити, тој моментално има 149 гола и 25 асистенции во 169 одиграни натпревари.
Неговата колекција трофеи со Сити веќе ги вклучува Лигата на шампионите, ФА Купот, Светското клупско првенство и Суперкупот, заедно со две титули во Премиер лигата.
Foto/ depositphotos
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Иниње за враќа во Серија А, ќе работи со поранешниот тренер
Поранешниот италијански репрезентативец Лоренцо Инсиње (34), чиј договор со Торонто истече, би можел да потпише за Лацио во зимскиот преоден рок, објавија италијанските медиуми.
Клубот од Рим е подготвен да му понуди шест месечен договор со можност за продолжување за дополнителна сезона. Во прилог на неговото доаѓање во Лацио е фактот дека повторно би соработувал со тренерот Маурицио Сари.
Италијанскиот крилен напаѓач ги имаше најдобрите натпревари во кариерата додека Сари му беше тренер во Наполи. Во тоа време, Инсиње имаше двоцифрен број на постигнати голови, во неколку последователни сезони, а најдобрата статистика ја постигна во сезоната 2016/17, кога постигна 20 гола и забележа 11 асистенции.
Инсиње играше за Наполи осум сезони, а во летото 2022 година замина во МЛС лигата кога потпиша за Торонто. Оваа година беше неговата најлоша во дресот на Торонто, постигна само еден гол на 12 натпревари.
Постигна десет гола и исто толку асистенции на 54 натпревари за италијанската репрезентација. Тој последен пат настапи во дресот на националната репрезентација, со која го освои Евро 2020, во март 2022 година.
Foto/ depositphotos
Спорт
Дончиќ: Катастрофа сме
Лос Анџелес Лејкерс го претрпеа третиот последователен пораз. На Божиќ, загубија од Хјустон Рокетс со 96:119 на домашен терен. Лука Дончиќ се врати во тимот на Лејкерси откако беше отсутен поради повреда, но дури ни тој не можеше да му помогне на тимот на Џеј Џеј Редик да ја прекине серијата порази.
„Не знам што треба да промениме, но дефинитивно мора да направиме нешто. Лоши сме во последните три натпревари. Изгледаме катастрофално. Мора да разговараме и да разбереме што треба да направиме. Тренерот ни рече дека ќе биде непријатно. И така треба да биде. Сите мора да дадеме повеќе од себе, јас прв“, рече Дончиќ.
Словенецот, водечкиот стрелец во НБА, го заврши натпреварот со 25 поени, пет скока и седум асистенции, но загуби шест топки. Лејкерси се четврти во поредокот во Западната конференција на НБА со 19 победи и десет порази.
Foto/ freerangestock
Спорт
Рафа Надал: Тренер – не, селектор – зошто да не
Никогаш не вели никогаш, но мали се шансите некогаш да го видиме Рафаел Надал во улога на тренер на врвен тенисер.
„Отсекогаш сум ја почитувал иднината, бидејќи она што некој го чувствува во сегашноста, можеби нема да го почувствува во иднина, но не верувам дека некогаш ќе бидам тренер“, откри кралот на земјената подлога во интервју за шпанскиот „Ас“.
Надал потенцира дека нема намера еден ден да ги следи стапките на многу други големи асови: Борис Бекер, Иван Лендл, Стефан Едберг, Андре Агаси, Горан Иванишевиќ… кои со повеќе или помалку успех работеа како тренери. Тој откри и која е главната пречка:
„Не се гледам себеси постојано на тој пат. Да се биде тренер значи токму тоа, и не се вклопува во мојот сегашен живот. Кога имате мали деца, го гледате животот поинаку“, нагласи Шпанецот кој стана татко по втор пат пред три месеци. Неговиот прв син има три години.
Сепак, овие зборови не значат дека еден ден нема да го видиме Надал, повторно блиску до теренот.
„Селектор во Дејвис Купот или Лејвер Купот, зошто да не? Би било забавно за мене. А можеби и не. Тукушто се пензионирав, прерано е за вакви пресврти. Не размислувам за тоа во моментов“.
Foto/ depositphotos

