Свет
Москва: Западот призна дека поразот на Русија е невозможен
Во текот на 2025 година, и покрај силниот притисок и санкциите, Русија успеа да ги одбрани своите клучни национални интереси, а непријателските земји беа принудени да признаат дека е невозможно да ѝ се нанесе стратешки пораз. Ова беше објавено во извештајот на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација за главните резултати од надворешната политика за 2025 година.
Како што е наведено, решителниот одговор на Москва во односите со земјите чии влади преземаат, како што е оценето, непријателски и антируски мерки, доведе до промена во пристапот на Западот.
„Решената одбрана на националните интереси во односите со земјите чии влади преземаат непријателски антируски дејствија ги принуди да ја признаат невозможноста за нанесување „стратешки пораз“ на Русија на бојното поле“, се истакнува во соопштението на руското Министерство.
Во документот се додава дека ваквите случувања ги принудија западните земји да ги преиспитаат своите цели и да преминат на концептот за итно прекинување на непријателствата на украинското бојно поле.
На крајот на ноември, заменик-шефот на руската дипломатија Сергеј Рјабков посочи на сличен заклучок. Потоа тој изјави дека игнорирањето на решителноста на Русија да ги брани своите интереси е погрешна стратегија за Западот.
Според него, негирањето на очигледниот факт дека стратешкиот пораз на нуклеарна сила е невозможен е длабока грешка која, како што процени тој, на крајот ќе ги принуди западните земји да бараат нова основа за коегзистенција со Русија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.
Свет
Европска порака до Орбан: „Она што ѝ го правите на Украина е црвена линија, нашето трпение се троши!“
Белгискиот министер за надворешни работи Максима Прево и германскиот шеф на дипломатијата Јохан Вадефул во Берлин ја осудија заканата на Унгарија со вето на европскиот заем за Украина, еден ден по четвртата годишнина од руската инвазија врз земјата.
Вадефул на заедничка прес-конференција со белгискиот колега повторно изрази „запрепастеност“ од однесувањето на Унгарија.
„Унгарија мора да разбере дека трпението на останатите држави членки брзо се троши“, изјави Прево.
Европската унија сака да го усвои дваесеттиот пакет санкции против Русија, како и европски заем од 90 милијарди евра за финансирање на воените и финансиските потреби на Украина во 2026 и 2027 година. Орбан, ги блокира двата проекта и бара Киев најпрво да ги обнови испораките на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој беше оштетен во јануари.
Прево посочи дека сите се свесни за чувствителниот период поради изборите во Унгарија, но да се држат судбината и потребите на Украина како заложник во контекст на војна, тоа за него е црвена линија.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која во вторникот беше во Киев, изјави дека ЕУ ќе го одобри заемот за Украина „на овој или на оној начин“, и покрај опструкциите од Будимпешта.
Орбан дополнително ја заостри реториката кон Украина и ЕУ, обидувајќи се да ги прикаже како закана за унгарските национални интереси, пред сè енергетските, во пресрет на изборите во април.
Во средата Орбан изјави дека Украина планира да го наруши унгарскиот енергетски систем и нареди распоредување на војска околу критичната инфраструктура.
Во меѓувреме, според истражување на компанијата „Медиан“, опозициската партија од десниот центар Тиса дополнително ја зголемила предноста пред владејачката Фидес на Орбан.
Анкетата покажува дека Тиса има поддршка од 55 проценти од определените гласачи, наспроти 35 проценти за Фидес. Кога се зема предвид целата популација, 42 проценти ја поддржуваат Тиса, а 31 процент Фидес.
Парламентарните избори во Унгарија се закажани за 12 април.

