Македонија
(Видео) Советникот Кузмановски со предлог до Советот во Битола да донесе препорака до Владата за набавка на 20 електрични еколошки автобуси
Советот на Општина Битола не ја прифати иницијативата на советникот и претседател на ОО ЛДП Битола, Димитар Кузмановски, кој поднесе предлог до советниците за набавка на 20 нови електрични и еколошки автобуси кои ќе бидат наменети за градскиот јавен превоз. Според Кузмановски, општинската администрација самата признала дека има тотално нефункционален јавен превоз.
Во предлогот Кузмановски побара Советот да му препорача на градоначалникот на Општина Битола да упати барање до Владата за набавка на 20 електрични автобуси за јавен превоз. Набавените електрични автобуси ќе бидат во сопственост на новото јавно претпријатие за јавен превоз и ќе се користат за воспоставување на организиран, редовен и еколошки јавен превоз на територија на општината, извести ЛДП.
„Како образложение – ова барање се поднесува со цел да се надмине проблемот со нефункционирањето на јавниот превоз, нередовноста на линиите и немање на јавен превоз во недела и државни празници, нешто што го констатиравме на самата комисија. Со набавката на електрични автобуси се обезбедува редовен, еколошки и сигурен јавен превоз за граѓаните на Општина Битола и како заклучок, Советот на Општина Битола го задолжува градоначалникот на следната седница, која ќе се одржи во јануари, да го информира Советот за упатеното барање и преземени активности кон Владата на Р. Македонија“, вели Кузмановски.
Тој додаде дека доколку битолчани сакаат да имаат јавен превоз, мора да се набават автобуси, како што треба и доликува на Битола, а бидејќи во буџетот никаде не е наведено дека општината ќе почне да инвестира во јавното претпријатие за превоз на патници, не им останува ништо, туку да побараат помош од владата.
„Го слушавме премиерот во изминатиот период, како најавува околу 100 електрични автобуси за Скопје. Кога може во Скопје да се набават 100 електрични автобуси, зашто да не може Битола да добие барем 20-тина и еднаш засекогаш да го решиме овој проблем со јавниот превоз“, вели Кузмановски.
Кузмановски посочи и дека битолчани постојано се жалат на моменталниот јавен превоз, кој речиси и да го нема, на башибозукот на превозниците, кои не се соодветно санкционирани од страна на општината.
„Да потсетам дека згора на сѐ тоа, ние исплативме по 7 денари за километар субвенции како град на овие превозници, а не знаеме дали тие воопшто возат, што значи дека тука веќе има и материјал за предистражни органи, за тоа како ние тоа исплативме, а општината констатира дека тие не возат“, завршува Кузмановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Какво ќе биде времето за дочекот на Новата година и 1 јануари
Времето утре ќе биде сончево и студено, со мала до умерена локална облачност. Ќе дува умерен ветер, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец.
Во Скопје се очекува претежно сончево и студено време, со умерен северен ветер.

Прогноза за 1 јануари
Минималните температури ќе се движат од -12 до -2 степени, додека максималните ќе бидат од -1 до 7 степени Целзиусови. Времето ќе биде претежно сончево и студено, со слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Македонија
„Дали на Бихаќка Нова година ќе си честитаат по дубајско време“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ
„Откако лидерот на СДС, Зоран Заев одамна се смести во Дубаи, а Венко Филипче побрза да избега кај него за празниците, се поставува прашањето дали на Бихаќка Нова година си честитаат по дубајско време како нивниот лидер и неговиот намесник Филипче?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„А дали и овој пат на забавата главна ѕвезда ќе биде Харис Џиновиќ или некоја друга балканска турбофолк „ѕвезда“ и кој од раководството одбрано од Заев, тоа ќе се види на снимките како што и претходно видовме како Филипче радосно го снима неговиот лидер додека се забавува.
Веројатно дека покрај Новата година, во Дубаи на забавата веројатно ќе се прославува и нивната инвестиција 42-катница, нешто што повеќе пати е потврдено како од намесникот Филипче и СДС, така и од сведоштвото на поранешниот соработник на Зоран Заев, Тома Аврамски.
Воедно остана неодговорено како Филипче од докторска плата „собра“ пола милијарда евра затоа што толку се потребни за добивање златна виза во Дубаи преку инвестиција или бизнис, бидејќи досега не видовме доказ дека златната виза ја добил на поинаков начин, иако викаше дека ќе покаже. Македонската јавност чека одговори“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Зајкова: Реформи за Судски совет донесени на брза лента не градат доверба
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, остро реагираше на начинот на кој се носи новиот Закон за Судскиот совет, предупредувајќи дека реформите „на брза лента“ не можат да ја вратат довербата во правосудството.
Според Зајкова, предложениот закон не носи вистински напредок во процесот на избор на членовите на Судскиот совет, бидејќи конечната одлука повторно ја има Комисијата за избор и именување во Собранието.
„Нема ранг-листа, туку само листа на кандидати. Тоа значи дека Комисијата може слободно да одлучи кој кандидат ќе биде избран, без јасни критериуми и редослед. Така и 15-тиот на листата може да стане прв“, предупреди Зајкова.
Таа потсети дека, според препораките на оценската мисија, неопходно е формирање посебен жалбен совет кој ќе одлучува по приговорите во процесот на избор – нешто што со овој закон повторно се игнорира
Иако Министерството за правда тврди дека со законот се заоструваат критериумите за избор на членови, Зајкова посочи дека суштинскиот проблем останува – политичкото влијание врз судството.
„Клучниот проблем е политичкото мешање и диктирањето на пресуди, нешто на што сите сме сведоци. А кога веќе зборуваме за дигитализација, да не заборавиме на АКМИС системот и сите обвиненија поврзани со неговата злоупотреба“, истакна таа од собраниската говорница.
„Добро е што зборуваме и за реформска агенда, но жално е што изгубивме време и средства за на крај повторно да носиме закон без доволна дебата. Очекувам во иднина да имаме подобар Кривичен законик, потранспарентни постапки и ако ништо друго, повеќе време за суштинска анализа на системските закони кои влегуваат во Собрание и подобрување на законските решенија“, заклучи Зајкова.

