Македонија
Усвоени измените и дополнувањата на Законот за електронски комуникации, Андоновски: Обезбедуваме јасни правила, поголема правна сигурност и целосно усогласување со европското право
Собранието на Република Македонија ги усвои измените и дополнувањата на Законот за електронски комуникации, со што се прави дополнителен исчекор во спроведувањето на Реформската агенда и во целосното усогласување на националната регулаторна рамка со правото на Европската Унија во областа на електронските комуникации.
Европската Унија, преку визијата за „Дигиталната декада 2030“, постави цели за целосно дигитално поврзано општество, вклучително гигабитна инфраструктура и 5G покриеност за сите населени места. За земјите во процес на пристапување, меѓу кои и Македонија, ова бара континуирано регулаторно усогласување и создавање услови за значајни инвестиции во мрежи со многу висок капацитет.
Со овие измени се врши допрецизирање на одредби од Законот, согласно укажувањата и коментарите добиени во процесот на усогласување, со цел да се надминат идентификуваните „хармонизациски празнини“ и да се обезбеди постабилна, попредвидлива и европски компатибилна рамка за развој на секторот, извести Министерството за дигитална трансформација.
Измените и дополнувањата овозможуваат: побрза и поефикасна изградба на дигитална инфраструктура, преку рационализирање и дигитализација на административните постапки поврзани со распоредување мрежи; услови за поголеми инвестиции во широкопојасни мрежи, оптичка инфраструктура, 5G и нови технологии; поголема конкуренција на пазарот и поквалитетни услуги за граѓаните и компаниите; мерки што го поттикнуваат споделувањето на постојната физичка инфраструктура, координацијата на градежни работи и намалување на трошоците при изградба на мрежи;
подобрување на заштитата на корисниците и современи регулаторни практики во согласност со европските директиви и регулативи.
Ова е предуслов за понатамошен развој на е-услуги, зајакнување на дигиталната економија и рамномерен регионален развој, преку еднакви можности за квалитетна поврзаност во сите региони.
„Електронските комуникации се темелот на современата дигитална држава. Со овие измени обезбедуваме јасни правила, поголема правна сигурност и целосно усогласување со европското право. Тоа значи побрза изградба на инфраструктура, поголеми инвестиции во широкопојасни мрежи и 5G, повеќе конкуренција и подобри услуги за граѓаните и стопанството. Дигиталната инфраструктура не треба да биде предмет на дневна политика, туку заедничка обврска кон иднината на Македонија“, порача министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Министерството за дигитална трансформација ќе продолжи со реформите во секторот, во тесна координација со надлежните институции и засегнатите страни, со цел Македонија да гради стабилен, конкурентен и современ дигитален екосистем согласно европските стандарди, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кривична пријава за директор на студентски дом поради несовесно работење
Полицијата поднесе кривична пријава против Н.Ј. (57) од селото Таринци, општина Карбинци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Според пријавата, на 29 и 31 мај 2024 година, Н.Ј., во својство на директор на Државен студентски дом „Браќа Миладиновци” во Штип, постапил спротивно на член 40 од Законот за јавни набавки.
Тој извршил плаќање на фактури во вкупен износ од 84.320 денари за сместување, односно ноќевање за себе и за ученици од студентскиот дом во два хотели во Охрид, без да спроведе соодветна постапка за јавна набавка, соопшти полицијата.
Македонија
Кривична за поранешен градоначалник на Чашка поради сомнеж за злоупотреба
Полицијата поднесе кривична пријава против Г.С. (47) од Велес, поранешен градоначалник на Општина Чашка, и против М.А., раководител на финансиското одделение во истата општина, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Според пријавата, Г.С. во текот на 2021 и 2022 година, во повеќе наврати, свесно и со умисла ја ангажирал второпријавената да извршува работни задачи подолго од нејзиното работно време, иако таа била вработена со скратено работно време, што е спротивно на Законот за работни односи, кој забранува прекувремена работа за лица со скратено работно време.
Од СВР Велес информираат дека М.А., и покрај известувањето од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и донесеното решение за четиричасовно работно време поради здравствени причини, прифатила да биде дополнително ангажирана.
За извршените активности ѝ биле исплатени 50.109 денари, со што, според пријавата, е нанесена штета на буџетот на Општина Чашка.
Македонија
„Нокаут“ ќе ги забавува битолчани за Нова Година
Општина Битола одлучи да нема огномет на прославата на дочекот на Новата година.
Со ова, општината се приклучува кон другите општини кои, исто така, одлучија на прославите за дочекот на новата година да нема огномети и заради барањата на поедини здруженија на граѓани.
Организираниот дочек како и изминатите години ќе биде на платото на Офицерскиот дом, каде ќе има музичка програма која е дел од „Зимската приказна“.
На последниот ден од годината дневната програма ќе започне во 11:00 часот на платото на Офицерскиот дом, а од 12:00 часот во Старата чаршија.
Вечерната програма пред Офицерскиот дом ќе биде од 20:30. На почеток забава со Борче Наумовски, потоа „Кабаре за раѓањето и вечноста“, „Баркод бенд“ и од 23:00 до 1:00 часот по полноќ со групата „Нокаут“.

