Македонија
Владата го усвои предлог Законот за јавно обвинителство
Владата на денешната редовна 140 седница го усвои Законот за јавно обвинителство, како еден од клучните чекори во спроведувањето на реформската агенда од Областа 5 – Фундаментални вредности, со посебен фокус на владеењето на правото.
„Донесувањето на овој закон претставува значаен исчекор во зајакнувањето на независноста, ефикасноста и отчетноста на јавното обвинителство, како столб на правниот систем и гарант за заштита на јавниот интерес. Законот е резултат на сеопфатен процес на анализа, консултации и усогласување со европските стандарди и најдобрите меѓународни практики“, се наведува во соопштението од Владата.
Од таму појаснуваат дека со новото законско решение се воведуваат измени во постапката за избор на Јавен обвинител на Република Северна Македонија, со јасно дефинирани критериуми и механизми кои обезбедуваат транспарентен, инклузивен и мерит-системски пристап при изборот на најквалитетните кандидати. Во законот се вградени релевантните препораки, со цел процесот да биде ослободен од политички влијанија и заснован исклучиво на стручност, интегритет и професионален кредибилитет.
Дополнително, законот предвидува прецизни и обврзувачки рокови за постапките за избор, унапредување и се воведува принцип на категоризација на дисциплинска одговорност на јавните обвинители, што придонесува за поголема правна сигурност, предвидливост и функционалност на системот, а воедно и поголема одговорност на самите јавни обвинители. На овој начин се зајакнува довербата на граѓаните во институциите и се воспоставува појасна одговорност во работењето на обвинителството.
„Владата останува цврсто посветена на реформите во правосудството како приоритет од највисок јавен интерес и како неопходен предуслов за напредокот на државата на европскиот пат. Усвојувањето на Законот за јавно обвинителство е конкретен доказ за определбата да се градат силни, независни и професионални институции, во служба на граѓаните и владеењето на правото“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во прекин сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица), поради сообраќајна несреќа во прекин и сообраќајот кон ГП Ќафасан
Поради протест на грчките земјоделците, од 17:10 часот сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) е во прекин.
Поради сообраќајна незгода сообраќајот кон ГП Ќафасан е во прекин во двата правци, соопшти АМСМ.
На 30.12.2025 (вторник), од 15:00 часот, ќе има измена на режимот на сообраќајот на Коридор 10, на делницата Прилеп–Битола, при што сообраќајот ќе биде пренасочен по регионалниот пат Р1101, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
СДС од искуство знаат колку чини златна виза за Дубаи затоа веднаш ги погоди сумата, а да ги потсетиме и кој се веселеше на Харис, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Интересно е како СДС веднаш се фатија за јадицата и за сумата колку чини визата Дубаи на Венко Филипче намесникот на Зоран Заев, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Од искуство изгледа знаат колку точно чини и дали се долари или евра, па веднаш тоа ги погоди.
Но не одговорија како Венко успеа со докторска плата да ја купи златната виза за Дубаи и дали истата е врзана со инвестициите во градежништвото и 42-катницата, за која има и сведоштво на поранешниот соработник на Зоран Заев, Тома Аврамски.
Исто како што не одговорија дали по дубајско време како Заев и Венко ќе слават Нова година, се фатија само за парите.
А кога сме кај Харис Џиновиќ им порачуваме да не се резилат, постои и видео материјал па да ги потсетиме како Венко Филипче радосно го снима Зоран Заев како се весели со Харис во Дубаи“.
Македонија
Општина Кисела Вода го донесе Буџетот за 2026 година
Со 17 гласа „за“ и 7 „против“, Општина Кисела Вода го донесе Буџетот за 2026 година, вреден 1.578.271.060 денари.
Буџетот, истакнуваат од општината, е изработен транспарентно и во директна консултација со граѓаните, а носи силна развојна компонента со доминантен фокус на капиталните инвестиции и подобрување на квалитетот на живот во општината.
Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, презентирајќи го буџетот пред Советот, истакна дека отчетноста и транспарентноста биле водечки принципи во неговата подготовка, при што секој предлог од граѓаните бил разгледан и најдобрите идеи се вградени во планот за 2026 година.
„Во основниот Буџет, кој изнесува 864.233.262 денари, дури 57 проценти, се наменети за капитални инвестиции. Средствата се насочени кон изградба и реконструкција на улици и коловози, подобрување на водоснабдувањето и одведувањето отпадни води, како и изградба и реконструкција на училишта и детски градинки. Дополнително, преку јавните повици на Владата, општината реализира 24 капитални проекти во вредност од 496 милиони денари, од кои најголем дел се во напредна фаза.
-Буџетот за 2026 година е креиран заедно со граѓаните и е воден од принципите на рационално трошење, висока транспарентност и одговорност. Најголемиот дел од средствата ги насочуваме кон капитални инвестиции, затоа што тие носат трајни и видливи промени во секојдневието на нашите сограѓани“, истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
Буџетот, појаснуваат од општината, предвидува и значителни средства за заштита на животната средина, изградба на паркови и зголемување на зелените површини, како и мерки за социјална сигурност, субвенции за енергенси, поддршка за новороденчиња, матуранти и пензионери, како и финансиска поддршка за ученици кои постигнуваат високи резултати во науката и спортот.
„Со донесувањето на Буџетот за 2026 година, Општина Кисела Вода ја продолжува развојната насока кон модерна, транспарентна и одговорна локална самоуправа, со јасна визија за подобар живот на сите граѓани“, стои во соопштението.

