Спорт
ФИФА подготвува жестоки санкции за Габон
Светската фудбалска федерација (ФИФА), ќе реагира на одлуката на државата Габон, да го распушти тренерскиот персонал на националната фудбалска репрезентација и да ги суспендира сите тимски активности до понатамошно известување.
Се очекува ФИФА, во согласност со своите принципи и статус, да го казни ФС Габон за мешање на државата во работата и функционирањето на националната федерација и националните тимови.
Освен распуштањето на тренерскиот персонал, двајца од најважните и најискусните играчи, Пјер-Емерик Обамејанг и Бруно Екуеле Манга, беа отстранети од тимот поради, како што беше кажано, срамниот настап на репрезентацијата на Африканскиот куп на нации.
Габон беше поразен во сите три натпревари на турнирот (Камерун, Мозамбик, Брегот на Слоновата Коска).
Тамошниот министер за спорт, Симплис-Дезир Мамбула, во изјава за државната телевизија ја пренесе шокантната одлука на владата на оваа земја.
„Со оглед на срамниот настап на репрезентацијата на Африканскиот куп на нации, владата одлучи да го распушти тренерскиот персонал, да ги суспендира активностите на репрезентацијата до понатамошно известување и да ги исклучи играчите Бруно Еквеле Манга и Пјер-Емерик Обамејанг од тимот“.
36-годишниот Обамејанг, најдобриот стрелец на репрезентацијата на сите времиња (41 гол) и поранешен африкански фудбалер на годината (2015), ја заврши својата репрезентативна кариера против своја волја.
Манга е рекордерот според бројот на настапите за репрезентацијата и капитен на националниот тим.
Одлуката на габонската влада директно ги крши статутите на ФИФА, кои строго забрануваат мешање на државата во работите на националните асоцијации. ФИФА воведува строги санкции за ваквите дејствија, вклучително и забрана за учество на репрезентацијата и клубовите од таа земја во натпревари под нејзино покровителство.
Неодамнешната историја нуди изобилство докази за ова: Зимбабве и Шри Ланка беа суспендирани од членство во ФИФА во 2022 и 2023 година поради мешање на владата, Индија се соочи со кратка суспензија во август 2022 година по судска одлука, а Кенија, ЧАД и Пакистан исто така беа суспендирани од меѓународниот фудбал во различни периоди од слични причини.
Несомнено е дека слична судбина го чека и Габон, се разбира ако владата не ја промени својата одлука откако главите малку ќе се смират.
Foto/ EPA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Серхио Рамос сака да интевстира во Севилја
Познатиот шпански фудбалер Серхио Рамос (39) испрати официјална понуда до поранешниот клуб Севилја, со цел заедно со група деловни партнери, да стане малцински сопственик на андалузискиот клуб.
Приказната околу продажбата на Севилја е далеку од завршена и, според шпанските медиуми, доби неочекуван пресврт.
По спроведената длабинска анализа наранотењето на клубот, американските инвеститори значително ја намалиле својата понуда за купување на шпанскиот клуб, а легендарниот дефанзивец Серхио Рамос се појави како потенцијален инвеститор.
Финансиската состојба на Севилја наводно ги „олади“ американските инвеститори. Иако претходно се шишуваше дека се подготвени да платат 3.400 евра по акција, по деталниот преглед на работењето, решија да понудат максимални 2.700 евра по акција. Овој пресврт го враќа целиот процес речиси на почеток.
Рамос започна прелиминарни контакти со цел да добие подетални информации за ситуацијата и можностите за инвестирање во клубот каде што ја започна својата брилијантна кариера и за кој одигра 87 натпревари во два мандати.
Рамос, кој подоцна стана икона на Реал Мадрид, веќе има искуство со инвестиции во фудбалски клубови. Тој е еден од инвестициските партнери во клубот Сан Фернандо.
Foto/ depositphotos
Спорт
Гвардиола: Родри покажа дека е најдобар
Манчестер Сити не успеа да победи кај Сандерленд, Арсенал се одвои на табелата на четири поени пред конкурентот. Сепак дуелот на „Стадионот на светлината“, донесе една добра вест за Пеп Гвардиола. Родри се врати на теренот.
Шпанецот ги одигра вторите 45 минути во кои „Граѓаните“ беа значително поконкретни. Тој факт го прави тренерот Пеп Гвардиола многу среќен.
„Го смени текот на натпреварот. Докажа во тие 45 минути дека е најдобар на својата позиција. Ги сечеше нивните линии, ние бевме помобилни. Многу ни недостигаше во изминатите година и пол бидејќи сме подобар тим со него“, Гвардиола.
Родри одигра само 17 натпревари за Сити во тие година и пол. Пред тоа, тој ја одигра најдобрата сезона во каиерата и ја освои „Златната топка“.
Foto/ depositphotos
Спорт
Еден од клучните играчи на Хрватска ќе го пропушти ЕП
Хрватската ракометна репрезентација се соочува со голем проблем пред Европското првенство, кое започнува за само 15 дена.
Селекторот Дагур Сигурдсон речиси сигурно ќе биде без еден од своите клучни играчи, дваесет и деветгодишниот Марин Шипиќ, поради сериозна повреда.
Повредата на коленото се покажа како премногу сериозна, па шансите за неговиот настап на Европското првенство беа сведени на минимум.
Како замена, селекторот Сигурдсон го повика Златко Раужан, пивотерот на РК Сесвете. Оваа сезона, Раужан импресионираше со своите настапи во Лигата на Европа и домашното првенство. Дополнителна препорака е фактот дека во Сесвете го тренира легендарниот пивот Игор Вори, кој најдобро ги познава неговите квалитети.
Хрватска, Европското првенство ќе го отвори за точно 15 дена со натпревар против Грузија.
Foto/ EPA/ANTONIO BAT

