Македонија
Нова детска градинка во Сопиште
Нова детска градинка беше отворена денеска во Сопиште. Детската градинка „Сонце“ ќе овозможи згрижување и воспитание на 84 деца од предучилишна возраст и се наоѓа на локација што ќе одговара и на жителите од Долно Соње, Горно Соње, Добри Дол и Ракотинци.
Во неа се предвидуваат јасли за згрижување дечиња од 0 до 2-годишна возраст, како и две хетерогени групи за дечиња од 2 до 4-годишна возраст и група за дечиња од 4 до 6 – годишна возраст.
Објектот е со вкупна нето квадратура од 362 метри квадратни поделена во три занимални, дел за манифестации, административен дел, како и помошно технички дел. Средствата за изградба на оваа детска градинка се обезбедени од Владата преку Министерството за социјална политика, демографија и млади во висина од 21 милион денари, појаснија надлежните.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека новата градинка во Сопиште е потврда за грижата за најмладите и најави нови градинки во Скопје.
– Би сакал што повеќе вакви објекти наскоро да бидат готови, работиме во таа насока. Очекувам оваа година уште неколку вакви објекти да отвориме во Скопје, истакна премиерот.

Тој додаде дека како Влада сите овие проекти ќе ги подржуваат и во иднина. – Сето она што претставува интерес на граѓаните, а посебно на најмилите, на најмладите, на дечињата, ќе биде наш врвен приоритет. Во таа насока е изградбата на ваков тип на објекти, нагласи Мицкоски.
Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски истакна дека Министерството прави максимални напори за детската заштита.
Тој информираше дека во градот Скопје се градат, доградуваат и реконструираат 16 детски градинки – четири во Гази Баба, по три во општините Ѓорче Петров и Карпош, две во Бутел, Кисела Вода и на подрачјето на Аеродром. Во завршна фаза е изградбата на градинка во Петровец, а распишана е постапка за изградба на нова градинка во општина Зелениково.
Со сево ова, како што рече тој, повеќе од 2.100 деца во рамки на скопскиот регион ќе бидат опфатени во делот на детската заштита.
– Листите на чекање ќе станат минато, подвлече Велковски.
Градоначалникот на општина Сопиште, Јане Мицевски рече дека како локална самоуправа продолжуваат да работат и во иднина за напредок на заштита на децата во претшколска возраст, како и во основните училишта. Тој додаде дека во сорабтка со Владата во моментот се реализирале проектите од вториот повик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

