Македонија
Мицкоски за Венецуела: Апсолутно стоиме до потезите на САД
Ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави. Мене најмногу ме зaгрижува громогласната тишина на истите тие европски и светски земји во минатото кога меѓународното право се кршеше на грбот на Македонија и македонскиот народ.
Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски денеска прашан за позицијата на нашата држава во однос на приведувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од страна на САД, кое министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вчера го поздрави, наспроти воздржаноста на земјите во Европа кон оваа акција и нивниот став дека со неа се поткопува меѓународното право.
Во изјава за медиумите при посетата на Сопиште денеска Мицкоски кажа дека „таквиот коментар би им го оставил на експертите по меѓународно право“.
– И како тогаш сите тие се оглувеа и никој од нив не го коментираше сето тоа. И како сега наеднаш, сите тие коментираат дали било тоа меѓународно право или не било меѓународно право итн., имајќи предвид дека познавам голем дел од тие што коментираат, а не се меѓународноправни експерти. Јас тоа би им го оставил на експертите по меѓународно право. Но, еднаш кога во животот ќе направите исклучок, тој потоа станува пракса и е прашање на време кога ќе се удри од вашиот грб, рече Мицкоски.
На прашање дали е тоа преседан што отсега може да се случи каде било, Мицкоски повторно укажа на случајот со нашата земја и одговори дека „преседанот е направен уште кога се менуваше знамето на оваа држава за да биде земја членка на ОН“.
– Кога се менуваше Уставот, кога се менуваше уставното име и се лажеа луѓето дека за рок од три-четири години ќе станеме членка на Европската Унија, членка на НАТО итн. Тоа се вистински преседани… Имаше и Хашка пресуда дека не треба да се блокира Македонија, па се блокираше и тогаш имаше громогласна тишина од сите тие што денеска коментираат… А дали ова е преседан или не е, ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

