Македонија
Запленети над 252.000 парчиња пиротехника и поднесени 37 кривични пријави, кажа Тошковски
Министерството за внатрешни работи, во соработка со Министерството за здравство и Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, денеска ги презентираше резултатите од заедничката кампања „Кажи НЕ на пиротехника“, насочена кон подигнување на јавната свест за опасностите од употребата на пиротехнички средства, особено кај децата и младите.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потенцираше дека во рамки на кампањата беа реализирани бројни превентивни и едукативни активности во основни и средни училишта низ државата, при што полициски службеници и лекари директно им ги презентираа ризиците и последиците од неправилната употреба на пиротехнички средства.
„Оваа кампања ја градиме како долгорочен процес, со јасна цел – да развиеме свест дека пиротехниката не е забава, туку сериозна закана по здравјето и безбедноста, особено кога станува збор за децата“, истакна министерот Тошковски.
Тошковски нагласи дека паралелно со превенцијата, МВР презеде и засилени активности за откривање и сузбивање на нелегалната продажба и дистрибуција на пиротехнички средства.
„Во текот на 2025 година запленивме над 252.000 парчиња пиротехника и поднесовме 37 кривични пријави против 37 лица за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи. Само во една од последните акции беа одземени над 35 тони пиротехнички средства, при што беше приведен и полициски службеник, што јасно покажува дека законот важи за сите“, нагласи Тошковски.
Тoj уште еднаш испрати апел до родителите за одговорно однесување и недозволување пристап на децата до пиротехнички средства, со цел спречување на несакани и трајни последици.
Кампањата „Кажи НЕ на пиротехника“ ќе продолжи и во иднина како дел од континуиран и системски пристап кон јакнење на јавната безбедност и културата на одговорно однесување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од село Долно Соње, од продавнивницата кон село Чифлик, општина Сопиште.
Македонија
Поради снег забранет сообраќај за камиони на патниот правец Струга – Граничен премин Ќафасан
Од 05.15 часот поради врнежи од снег се воведува забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Струга – Граничен премин Ќафасан, извести АМСМ.
Поради протест на грчките земјоделци, од денес (08.01.2026) со почеток во 10:00 часот на ГП Ники (ГП Меџитлија) ќе има забрана за движење на товарни возила во наредните 48 часа заклучно со 10.01.2026 во 10:00 часот. Сообраќајот за патнички моторни возила ќе се одвива со нормален тек.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по влажни коловози.
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Куманово, Страцин, Крушево, Железнец, како и на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Продор на постуден воздух, температурите ќе бидат во опаѓање
Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер денеска врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места. На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 0 до 10 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 5 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер денеска врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурата ќе биде во опаѓање.

