Македонија
Ревносно се кријат постапки за бетонизации, на советниците не им се овозможува законски гарантираниот пристап до е-урбанизам, велат од Левица
Во повеќе општини во државата, советниците на Левица систематски се оневозможуваат да имаат пристап до системот е-урбанизам – клучната платформа преку која се водат постапките за изработка, изменување и носење на урбанистички планови, велат од Левица.
Ова, според нив, е свесна и организирана практика со, како што наведуваат, јасна политичка и материјална позадина, да се елиминира контролата и да се сокрие урбанистичкото планирање од оние кои имаат законски мандат да го надгледуваат и одлучуваат.
„Со ваквото постапување, општинските раководства директно ја узурпираат улогата на Советот и ја суспендираат неговата надзорна функција. Урбанизмот како висококоруптивна и најпрофитабилната сфера на локалната власт, се турка во нетранспарентни канали, далеку од очите на советниците, а уште повеќе од очите на граѓаните. Кога на избрани претставници им се ускратува увид во плановите, тоа значи дека се крие каде, што и во чиј интерес ќе се бетонизира, што ќе се пренамени, и кои јавни површини ќе станат приватни парцели.
Ова претставува класичен пример на институционализирана тајност во служба на инвеститорскиот урбанизам. Наместо отворен процес, јавни расправи и аргументирано планирање, се креира паралелен систем во кој одлуките се носат зад затворени врати, а Советот се сведува на гласачка машина без информации. Тоа е директен удар врз демократскиот поредок на локално ниво и грубо кршење на принципите на транспарентност, отчетност и учество на јавноста“.
За Левица, ваквото, како што додаваат, оневозможување на пристап е директно кршење на законските одредби.
„Пристапот до е-урбанизам за органите на донесувачот и учесниците во постапката не е привилегија, туку законски утврдено право и обврска, токму за да се обезбеди контрола, транспарентност и целосна информираност при носењето на одлуки што трајно го менуваат просторот. Со блокирање на тој пристап, се оневозможува вршењето на советничката функција, се суспендира демократската процедура и се газат начелата на урбанистичкото планирање“.
Левица го повикува Министерството за локална самоуправа и министерот Златко Перински конечно, како што велат, да престанат да бидат неми набљудувачи и институционален декор.
„Ова министерство, кое по дефиниција треба да биде гарант на законитоста и функционирањето на локалната самоуправа, во пракса е целосно невидливо кога се газат правата на советниците и кога се дерогира демократската контрола“.
Бараат итна реакција, вонреден инспекциски надзор и санкционирање на сите општински раководства што свесно ја блокираат транспарентноста“.
Секое понатамошно молчење од страна на министерот Перински ќе значи отворено соучесништво во прикривање на урбанистички криминал, во заштита на градежни интереси и во разорување на законскиот поредок на локално ниво. Министерството или ќе почне да ја врши својата функција, или јасно ќе покаже дека служи како параван за бетонизацијата, а не како чувар на јавниот интерес“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Целосна реконструкција на култната фонтана „Лотос“ во Градскиот парк
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, објави видео во кое вели дека култната фонтана „Лотос“ повторно го добива својот сјај.
„Започната е целосна реконструкција на фонтаната која се наоѓа на влезот од Градскиот парк – место што со децении претставува препознатлив белег и симбол на Скопје, но кое за жал со години беше запуштено.
Со проектот е предвидена целосна обнова на фонтаната, како и уредување на плоштадот околу неа. Се поставува нова урбана опрема и современо осветлување, со што просторот ќе добие нов, модерен и достоинствен изглед, соодветен на значењето што го има за градот и граѓаните.
Ова култно катче, еден од најпрепознатливите симболи на Скопје, повторно ќе стане место за средби, прошетки и споделени моменти. Простор каде што генерации скопјани ќе се собираат, ќе создаваат спомени и ќе уживаат во уреден и квалитетен јавен простор, онака како што Скопје заслужува.
Градот го обновуваме чекор по чекор, со јасна визија и конкретни дела. Скопје го правиме заедно. По скопски!“, изјави Ѓорѓиевски.
Македонија
Општина Центар и Амбасадата на Чешка му оддадоа почит на Роберт Гајдик
Денес се одбележуваат 84 години од прерано згаснатиот живот на Роберт Гајдик Славко, истакнат борец и партизан во Народноослободителната борба.

Со полагање свежо цвеќе, Н.Е. Амбасадорот на Република Чешка, Јарослав Лудва и военото аташе на Република Чешка, претставници од Општина Центар, Сојузот на борци и Здружението на пензионери на Општина Центар, жители од Урбаната заедница „Роберт Гајдик“ и негови почитувачи му оддадоа почит.

Исто така, во чест на празникот Василица, во Урбаната заедница „Роберт Гајдик“ се вртеше паричка, а среќниот добитник беше Владе Левковски, претседател на пензионерскиот огранок „Невена Георгиева Дуња”.

Преку овој симболичен настан, секоја година му се оддава почит на интернационалниот борец, симбол на истрајност и борба за слобода против окупаторот.

Општина Центар со години го чествува и негува споменот на Роберт Гајдик и неговото дело.

Македонија
Ако СДС се сомнева за некаков вид на криминал или корупција нека се јават на нивните судии и обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ
СДС повторно растура пердуви во јавноста со цел да прикаже некаква поврзаност на ВМРО-ДПМНЕ со некакви фирми и да шири лаги и манипулации, велат од партијата на власт.
„Кога во нивно време, тендерите и набавките беа синоним за криминал и корупција, и по „дифолт’’ одеа кај фирмите на семејствата на Заев и Филипче, денес тоа повеќе не е така.
Сите тендери и јавни набавки кои се спроведуваат се законски, отчетни и транспарентни.
Ги прашуваме СДС, дали човек смее да има фирма/бизнис, да учествува на тендер/набавка и да биде член/симпатизер на политичка партија? Дополнително, дали има некаков вид на криминал или корупција во тендерите? Ако се сомневаат во нешто, нека се јават на нивните обвинители и судии, сигурни сме дека ќе им помогнат“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

