Македонија
Преку фирми и даночни измами биле извлечени 4,8 милиони евра од државата – Обвинителството гони 20 лица, вмешани службеници од УЈП
Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, истражителите од Истражниот центар при обвинителството, со асистенција на МВР, вчера до доцните вечерни часови вршеа претреси на 16 локации низ државата. При претресите се пронајдени и времено одземени фиктивна документација, парични средства, оружје и лажни печати од правни лица, а осомничените лица се обезбедени.
Акцијата е резултат на постапувања на Истражниот центар на ОЈО ГОКК и Управата за финансиско разузнавање, по известување на АНБ, при што беа обезбедени докази за основано сомнение за кривични дела од финансиска природа. Врз основа на ова ОЈО ГОКК отвори предмет и донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 20 лица кои го оштетиле буџетот на државата за 297.733.844 денари или 4,8 милиони евра.
Првоосомничениот, српски државјанин и сопственик и управител на две правни лица, заедно со двајца службеници од УЈП – Регионална дирекција Скопје, во текот на 2023 година формирале група со цел вршење на кривични дела даночно затајување, даночна измама, перење пари и злоупотреба на службена положба. Во периодот 2023–2025 година, во групата биле вклучени и други сопственици, управители и вработени во правни лица во Скопје и Гевгелија.
Со прикажување неточни податоци во даночните пријави и со помош од даночни службеници од УЈП, во периодот 2023–2024 година првоосомничениот избегнал плаќање данок во износ од 11.593.403 денари. Останатите осомничени сопственици и управители на правни лица со лажни пријави побарале, а осомничените вработени им одобриле неосновано враќање данок за нерезидентни правни лица со што е нанесена штета на буџетот во износ од 31.175.168 денари. Дополнително, дел од осомничените во истиот период вршеле трансфер и подигање парични средства со цел прикривање на потеклото на парите прибавени со кривични дела, во вкупен износ од 91.985.197 денари.
Досегашните прибрани докази упатуваат дека осомничените вработени во УЈП – Регионална дирекција Скопје, од кои дел на високи раководни позиции, со повеќекратни злоупотреби на службената положба, нанеле вкупна штета на Буџетот од најмалку 162.980.076 денари.
Јавниот обвинител ценејќи ги околностите утврди дека се исполнети условите за определување на мерката притвор за десет осомничени и на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи на осум лица да им определи мерка притвор, додека за две лица истата е веќе определена во предметот поврзан со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ. За останатите 10 лица јавниот обвинител предложи мерки за обезбедување присуство меѓу кои и забрана за вршење на работни активности поврзани со кривичното дело и работни активности како службени лица во УЈП на РСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР ќе ги тестира поставените камери: од 20 до 31 јануари на местата каде ќе се вршат активностите, нема да биде дозволен сообраќај
Министерството за внатрешни работи известува дека во рамки на проектот „Безбеден град“, во периодот од 20.01.(вторник) до 31.01.(сабота) ќе се врши тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди (камери) за сообраќаен надзор.
Тестирањата ќе се реализираат секој ден во периодот од 08:00 до 20:00 часот.
За време на спроведувањето на овие активности, возилата на локациите каде што се врши тестирањето нема да бидат пропуштани додека трае постапката.
Во првата недела од предвидениот период, активностите ќе се спроведуваат исклучиво на локациите со поставени камери на подрачјето на град Скопје.
МВР ги повикува граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како и да покажат разбирање, трпение и соработка со цел непречено и безбедно реализирање на планираните активности.
Македонија
Ја удирал по главата и телото, ја давел за вратот и скршил ребро: скопјанец осомничен за физички напад и загрозување на сигурноста на жена
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 51-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, како и Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 14 јануари, во видно алкохолизирана состојба, осомничениот ја нападнал својата партнерка во домот во Гази Баба во кој таа привремено престојувала.
Ја удирал по главата и телото, ја давел за вратот, а и се заканил и со нож со кој замавнал кон неа. Жената успеале да ја спасат двајца други потстанари во истата куќа, кои ја извлекле и повикале полиција.
Кај жртвата биле констатирани повеќе повреди, меѓу кои пукнатина на ребро и на градна коска.
Македонија
Инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржина и јутјуберите да се регистрираат во АВМУ, соопштија од агенцијата
Со измените на медиумската легислатива во јули 2023 година, за првпат официјално беше препознаено постоењето и влијанието на инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржини, јутјуберите, односно физичките лица кои се даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање.
Овие субјекти сега подлежат на регулација и имаат обврска да се регистрираат во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, соопштија од таму.
„Обврската важи за оние инфлуенсери, влогери, креатори на содржини, јутјубери и слични даватели на аудиовизуелни медиумски услуги на барање кои ги исполнуваат следниве критериуми:
● аудиовизуелните медиумски услуги ги обезбедуваат преку платформи за споделување видеа (на пример YouTube, Instagram, TikTok и слично);
· имаат повеќе од 10.000 следбеници или претплатници;
· остваруваат економски интерес од медиумската услуга;
· во последните 12 месеци објавиле најмалку 24 аудиовизуелни содржини; и
· целта е да информираат, образуваат, забавуваат и за содржините имаат уредничка одговорност.
Критериумите подетално се објаснети во Правилникот на Агенцијата со кој се уредува формата и содржината на пријавата за евидентирање во Регистарот на даватели на аудиовизуелни услуги по барање.
Со оглед на тоа што станува збор за законска обврска, Агенцијата ги повикува сите инфлуенсери, влогери, креатори на содржини и јутјубери кои ги исполнуваат посочените критериуми, во најскоро можно време до Агенцијата да достават пријава за евидентирање во Регистарот.
Сите релевантни документи поврзани со работењето и обврските на овие субјекти се достапни на веб страницата www.avmu.mk, во посебниот банер „Инфлуенсери/Влогери“.
За дополнителни информации и појаснувања, заинтересираните субјекти можат да се обратат до Агенцијата на е-адресата [email protected]“.

