Македонија
(Видео) Жерновски: Не техничка пауза, туку предупредување е одлуката на САД за суспендирање на визите за македонските граѓани
Одлуката на Соединетите Американски Држави да ја суспендираат обработката на визи за македонските граѓани претставува политички сигнал и предупредување, а не техничка пауза, порача СДСМ на денешната прес-конференција.
Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, изјави дека оваа одлука е аларм кој покажува дека политиките на изолација скапо ја чинат државата. Тој посочи дека премиерот Христијан Мицкоски изминатите 24 часа не дал одговор зошто Македонија се нашла на листата на САД.
„Во недостиг на неговото присуство, што би рекле од неговата партија, за уши го извади министерот за надворешни работи, Муцунски. Се случи уште една грешка, уште еден трагикомичен настап на политичар којшто многу зборува а ништо не кажува, персонификација на денешната киндер дипломатија. Мицкоски фактички го надмина својот претходник Груевски, кој заврши на црната листа, Мицкоски за жал ја стави целата држава на црната листа. Одлуката на САД да ја суспендираат обработката на визи за македонските граѓани не е техничка пауза, како што вели министерот Муцунски, туку политички сигнал, предупредување“, рече Жерновски.
Според Жерновски, одлуката на САД не треба да се релативизира, бидејќи, како што рече, станува збор за јасен дипломатски и политички сигнал дека Вашингтон внимателно ја следи состојбата во земјата и дека гледа проблеми во функционирањето на институциите.
Тој оцени дека, наместо најавуваните „одлични и специјални односи“ со САД, Македонија завршила, како што рече, во „периметарот на Сомалија“ и во категорија „трет свет“, што, според него, ја зголемува недовербата на граѓаните и ја влошува економската перспектива, особено за младите.
Жерновски наведе дека САД испраќаат порака дека не се задоволни од капацитетот на државата, дека постои недоверба во институциите, особено во безбедноста и документацијата, како и дека се очекуваат реформи кои не се спроведуваат.
Во продолжение, тој оцени дека надворешната политика на Владата е сведена на активности на најблиските соработници на премиерот, посочувајќи го Иван Стоилковиќ, за кого рече дека има врски со структури блиски до Русија.
СДСМ обвини дека паралелно се води и анти-ЕУ кампања, при што, наместо реформи, намерно се отвораат судири со соседите Грција и Бугарија и повторно се отвораат затворени прашања, со цел да се оправда изолацијата на државата.
Според партијата, мерката на САД е дипломатски сигнал и политички аларм кој укажува каде реално се наоѓа Македонија на меѓународната мапа. Во тој контекст беше спомнат и најавениот Закон за Западен Балкан, насочен кон борбата против криминалот и корупцијата.
Од СДСМ порачаа дека ќе продолжат, како што рекоа, јасно и гласно да ја разоткриваат, според нив, опасната агенда на Владата и политиките кои ја носат државата во изолација и го загрозуваат стратешкото партнерство со САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР ќе ги тестира поставените камери: од 20 до 31 јануари на местата каде ќе се вршат активностите, нема да биде дозволен сообраќај
Министерството за внатрешни работи известува дека во рамки на проектот „Безбеден град“, во периодот од 20.01.(вторник) до 31.01.(сабота) ќе се врши тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди (камери) за сообраќаен надзор.
Тестирањата ќе се реализираат секој ден во периодот од 08:00 до 20:00 часот.
За време на спроведувањето на овие активности, возилата на локациите каде што се врши тестирањето нема да бидат пропуштани додека трае постапката.
Во првата недела од предвидениот период, активностите ќе се спроведуваат исклучиво на локациите со поставени камери на подрачјето на град Скопје.
МВР ги повикува граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како и да покажат разбирање, трпение и соработка со цел непречено и безбедно реализирање на планираните активности.
Македонија
Ја удирал по главата и телото, ја давел за вратот и скршил ребро: скопјанец осомничен за физички напад и загрозување на сигурноста на жена
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 51-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, како и Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 14 јануари, во видно алкохолизирана состојба, осомничениот ја нападнал својата партнерка во домот во Гази Баба во кој таа привремено престојувала.
Ја удирал по главата и телото, ја давел за вратот, а и се заканил и со нож со кој замавнал кон неа. Жената успеале да ја спасат двајца други потстанари во истата куќа, кои ја извлекле и повикале полиција.
Кај жртвата биле констатирани повеќе повреди, меѓу кои пукнатина на ребро и на градна коска.
Македонија
Инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржина и јутјуберите да се регистрираат во АВМУ, соопштија од агенцијата
Со измените на медиумската легислатива во јули 2023 година, за првпат официјално беше препознаено постоењето и влијанието на инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржини, јутјуберите, односно физичките лица кои се даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање.
Овие субјекти сега подлежат на регулација и имаат обврска да се регистрираат во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, соопштија од таму.
„Обврската важи за оние инфлуенсери, влогери, креатори на содржини, јутјубери и слични даватели на аудиовизуелни медиумски услуги на барање кои ги исполнуваат следниве критериуми:
● аудиовизуелните медиумски услуги ги обезбедуваат преку платформи за споделување видеа (на пример YouTube, Instagram, TikTok и слично);
· имаат повеќе од 10.000 следбеници или претплатници;
· остваруваат економски интерес од медиумската услуга;
· во последните 12 месеци објавиле најмалку 24 аудиовизуелни содржини; и
· целта е да информираат, образуваат, забавуваат и за содржините имаат уредничка одговорност.
Критериумите подетално се објаснети во Правилникот на Агенцијата со кој се уредува формата и содржината на пријавата за евидентирање во Регистарот на даватели на аудиовизуелни услуги по барање.
Со оглед на тоа што станува збор за законска обврска, Агенцијата ги повикува сите инфлуенсери, влогери, креатори на содржини и јутјубери кои ги исполнуваат посочените критериуми, во најскоро можно време до Агенцијата да достават пријава за евидентирање во Регистарот.
Сите релевантни документи поврзани со работењето и обврските на овие субјекти се достапни на веб страницата www.avmu.mk, во посебниот банер „Инфлуенсери/Влогери“.
За дополнителни информации и појаснувања, заинтересираните субјекти можат да се обратат до Агенцијата на е-адресата [email protected]“.

