Свет
Јапонија соборува рекорди во туризмот и покрај падот на бројот на кинеските посетители
Бројот на туристи во Јапонија достигна рекордно високо ниво во декември и покрај падот од 45 проценти на посетителите од Кина поради дипломатските тензии меѓу двата азиски соседа.
Пекинг минатиот ноември ги повика своите граѓани да не патуваат во Јапонија откако јапонскиот премиер Санае Такаичи изјави дека кинескиот напад врз Тајван би можел да предизвика воен одговор.
Промена на структурата на посетителите
Бројот на туристи од Кина падна на 330.000 во последниот месец од минатата година, што е помалку од 10 проценти од вкупниот број туристи што ја посетиле Јапонија во тоа време (3,6 милиони). Пред тоа, кинеските туристи беа на прво место, сочинувајќи една четвртина од сите посетители.
„Во 2025 година, рекордни 42,7 милиони луѓе ја посетија Јапонија, што е прв пат да ја надминеме границата од 40 милиони“, изјави министерот за туризам Јасуши Канеко на прес-конференција.
Рекордни трошоци и идни трендови
Рекорди се поставуваат и кога станува збор за трошење. Тоа беше околу 9,5 билиони јени (60 милијарди долари).
Сепак, јапонската туристичка агенција JTB прогнозира пад од 2,8 проценти во бројот на туристи оваа година. Туристичкиот „бум“ беше резултат на укинувањето на ограничувањата воведени за време на пандемијата на коронавирусот, а сега се очекува дека тој занав ќе запре. Покрај тоа, се очекува да се намали и бројот на туристи од Хонг Конг и континентална Кина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Данска: ЕУ треба да ги разгледа сите опции поради царинските закани на Трамп
Европската унија треба да ги разгледа сите достапни опции како одговор на обновената закана за царини од американскиот претседател Доналд Трамп кон европските сојузници, изјави данската министерка за економија Стефани Лосе.
Лосе разговараше со новинарите пред состанокот на министрите за финансии и економија на ЕУ, пренесува Ројтерс.
Таа ја нагласи потребата блокот да ги разгледа реакциите на потенцијалните американски мерки што би можеле да влијаат на трговските односи со членките на Унијата, пренесува Танјуг.
Свет
„Престанете да го смирувате тиранинот од Вашингтон“: Kаламар порача Европа да се спротивстави на Трамп
Европа мора да престане да се обидува да го „смири“ американскиот претседател Доналд Трамп и наместо тоа да му се спротивстави нему, како и на другите „тирани“ кои се решени да го уништат редот заснован на правила воспоставен по Втората светска војна, изјави денес генералната секретарка на Амнести Интернешнл, Агнес Каламар.
„Ни треба многу посилен отпор“, рече Каламар во интервју за АФП на маргините на Светскиот економски форум во Давос, предупредувајќи дека „кредибилитетот на Европа е во прашање“.
Каламар ги повика европските влади да покажат поголема „храброст“ и да знаат како да „кажат не“.
„Тие мора да престанат да веруваат дека можат да преговараат со тирани, мора да престанат да мислат дека можат да ги прифатат правилата на предаторите без да станат нивни жртви. Ова мора да престане“, рече Каламар, пренесува Хина.
Каламар оцени дека европските лидери минатата година воделе политика на смирување.
„Се обидовме да го смириме тиранинот, предаторот кој живее во Вашингтон и тоа нè доведе кон сè повеќе напади и сè повеќе закани“, рече таа.
Таа потсети дека европскиот проект не е само економски, туку се темели и на вредности и владеење на правото, и изрази надеж дека европските лидери ќе ги искористат сегашните предизвици како можност за повторно потврдување на европскиот проект.
„Ова бара напуштање на политиката на смирување“, заклучи таа, и рече дека „едноставно не функционира“, повикувајќи ја Европа да „се спротивстави“.
Свет
Политико: Трамп го избегнува Зеленски
Американскиот претседател Доналд Трамп избегнува контакти со Володимир Зеленски на маргините на форумот во Давос, пишува Политико, повикувајќи се на извори.
„Според експертите за надворешна политика од Републиканската партија, Зеленски многу сака лична средба, додека неподготвеноста да се одржи доаѓа од Белата куќа“, се наведува во статијата.
Шефот на режимот во Киев, верува дека придобивките од комуникацијата со Трамп ги надминуваат можните ризици. Ако тој не комуницира со американскиот лидер, други ќе се справат со тоа, се нагласува во текстот.
По последната средба со американскиот претседател на крајот на декември, Зеленски тврдеше дека страните се согласиле за безбедносни гаранции за Украина.
Во исто време, Трамп пред неколку дена изјави дека Русија е подготвена да склучи мировен договор, додека шефот на режимот во Киев го одложува процесот.
На почетокот на декември, Владимир Путин ја прими американската делегација во Кремљ. Страните ја разгледаа суштината на иницијативата предложена од САД, но не успеаја да најдат компромисно решение. Како што изјави претседателот, Вашингтон ги подели 27-те точки од оригиналниот план во четири пакети и предложи тие да се разгледаат одделно.
Неколку дена подоцна, во Берлин се одржа состанок на претставници на САД и Украина, чија содржина беше пренесена на Русија преку шефот на Рускиот фонд за директни инвестиции, Кирил Дмитриев.
На крајот на декември, Трамп одржа преговори со Зеленски во Флорида. Шефот на Белата куќа објави дека страните постигнале разбирање за 95 проценти од прашањата. После тоа, тој разговараше по телефон со Путин, кој го информираше за обидот на вооружените сили на Украина да ја нападнат неговата резиденција. После тоа, во Москва беше објавено дека преговарачката позиција е ревидирана, анализира медиумот.

