Свет
Данска со предупредување за одбраната на Гренланд: Воен конфликт со САД е реална можност
Копенхаген предупреди дека евентуалниот обид на САД да ја преземат контролата врз Гренланд со сила би довел до директен воен конфликт. Ова го изјави Расмус Јарлов, заменик-претседател и претседател на Комитетот за одбрана на данскиот парламент, реагирајќи на моменталните тензии во врска со статусот на островот.
Според него, доколку Доналд Трамп нареди распоредување на американски трупи на островот, Данска ќе биде принудена да ја брани својата територија, иако е свесна за разликата во воените капацитети во споредба со САД.
Јарлов нагласи дека таквото сценарио би имало сериозни последици не само за Данска, туку и за самите САД, што укажува дека ескалацијата би ја загрозила безбедноста во поширокиот северноатлантски регион и односите меѓу сојузниците.
Тој, исто така, оцени дека анексијата на Гренланд нема економска смисла, бидејќи САД веќе имаат пристап до островот преку постојните аранжмани.
„Во случај на анексија, Вашингтон би преземал само дополнителни трошоци, без реални придобивки“, истакна данскиот политичар.
Претходно, Трамп избегна директен одговор на прашањето за употребата на сила, но рече дека е подготвен да воведе царини за европски стоки доколку не се постигне договор за островот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бабиш: Купив прекрасен голем глобус и сега знам зошто Гренланд е толку важен за Трамп
Чешкиот премиер Андреј Бабиш изјави по владината седница дека купил глобус за подобро да се запознае со географската положба на Гренланд, остров кој е во центарот на зголемените геополитички тензии во последните недели.
Како што изјави, токму поради положбата на Гренланд, сега ги разбира безбедносните аргументи што ги презентираше претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Бабиш рече дека во случај на напад врз САД, руските ракети „Орешник“ ќе прелетаат над Гренланд на пат кон Белата куќа, поради што верува дека прашањето за иднината на островот не може да се игнорира. „Ги разбирам аргументите на претседателот Трамп и верувам дека е потребно да се постигне договор за иднината на Гренланд“, рече чешкиот премиер.
Одговарајќи на новинарско прашање дали Чешка ќе се придружи на заедничката изјава на европските земји во која се предупредуваше за можни американски царини, Бабиш истакна дека ги гледа САД како клучен лидер во рамките на НАТО алијансата. „Не можам да го кажам тоа. Ние велиме дека во рамките на НАТО, САД се лидер. Овие конфликти се контрапродуктивни и мора да постигнеме договор“, рече тој.
Бабиш објасни дека го купил глобусот за, како што рече, подобро да се справи со сегашната ситуација.
„Прекрасен, голем, за 15.000 круни (околу 620 евра) за да можам точно да видам каде е Гренланд. „Орешник“ би летал од Русија до Белата куќа за 26 минути, а во единаесеттата минута би бил веднаш над Гренланд. Значи, аргументите на претседателот Трамп за Кина и Русија се релевантни. Едноставно мора да се договориме. Сите повици или декларации се бесмислени“, додаде тој.
Геополитичкиот спор околу Гренланд дополнително се засили од почетокот на годината, откако Трамп постојано истакнуваше дека САД, од безбедносни причини, мора да ја преземат контролата врз островот богат со минерали. Американскиот претседател тврди дека руските и кинеските бродови се повеќе се појавуваат во водите околу Гренланд и дека, доколку САД не дејствуваат, островот би можел да падне под влијание на Москва или Пекинг.
Поради ова, Трамп изрази намера САД да го купат Гренланд од Данска, а во саботата најави и зголемување на увозните давачки од 1 февруари за осум земји кои се противат на таа идеја. Меѓу нив се Данска, Шведска, Франција, Германија, Холандија, Финска, Велика Британија и Норвешка.
Свет
Лавров: Гренланд не е природен дел од Данска
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, го коментираше конфликтот меѓу САД и Европа околу иднината на Гренланд, доведувајќи го во прашање моменталниот статус на островот како дел од Данска.
„Гренланд не е природен дел од скандинавското кралство“, изјави тој за новинарите на годишната прес-конференција во Москва.
Тој додаде дека проблемот со поранешните колонијални територии сега станува сè поизразен.
Лавров нагласи дека Москва нема интерес да се меша во прашања поврзани со Гренланд и дека Вашингтон знае дека Русија нема планови да ја преземе контролата врз островот, спротивно на тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој додаде и дека Москва ја следи „сериозната геополитичка ситуација“ околу Гренланд.
Според него, НАТО треба да донесе одлука за Гренланд во рамките на самата алијанса.
фото/Depositphotos
Свет
Данска: ЕУ треба да ги разгледа сите опции поради царинските закани на Трамп
Европската унија треба да ги разгледа сите достапни опции како одговор на обновената закана за царини од американскиот претседател Доналд Трамп кон европските сојузници, изјави данската министерка за економија Стефани Лосе.
Лосе разговараше со новинарите пред состанокот на министрите за финансии и економија на ЕУ, пренесува Ројтерс.
Таа ја нагласи потребата блокот да ги разгледа реакциите на потенцијалните американски мерки што би можеле да влијаат на трговските односи со членките на Унијата, пренесува Танјуг.

