Македонија
Добивка за сите: Државна лотарија во служба на заедницата во 2025 година
Државна лотарија изминатата година ја потврди својата улога како голем поддржувач на културата и спортот во Македонија. Преку својата деловна активност, која е во симбиоза со општествената одговорност, компанијата ја демонстрира својата посветеност кон заедничкото добро и ја зајакнува својата позиција како активен член на општеството и партнер во неговиот развој.
Преку одговорно приредување игри на среќа за граѓаните над 18-годишна возраст, Државна лотарија ја потврдува својата мисија насочена кон заедничкото добро. Секое учество во игрите на среќа претставува придобивка за целата заедница бидејќи средствата се инвестираат во културни, спортски и хуманитарни иницијативи што ја збогатуваат општествената сцена и создаваат трајни вредности.

Во текот на 2025 година, компанијата беше присутна на многубројни културни настани, меѓу кои „Златна бубамара на популарноста“, фестивалот „Видик“, интернационалниот танцов натпревар „E-motion Dance Competition“ и инклузивната танцова претстава „Сонот на едно дете“ во организација на танцово студио „Еурека“, концертите на Пласидо Доминго (Placido Domingo), Масив Атак (Massive Attack), Ник Кејв (Nick Cave), Џејсон Деруло, (Jason Derulo), настапот на Армин ван Бурен (Armin Van Buuren), Пиво фестивал во Прилеп, концертите на Вејчеслав Поповски, Ареа, Ана и Игор Дурловски, новогодишниот концерт на Симон Трпчески, настапот на Махмут Орхан (Mahmut Orhan), како и новогодишните концерти на Sarah Mace & The Girlzz и големата новогодишна прослава на Плоштад Македонија.

Освен културата, Државна лотарија традиционално е силен поддржувач на спортот, кој денес сè повеќе се препознава како силен двигател на позитивни општествени промени и фактор со големо влијание врз младите генерации, што ја нагласува потребата од континуирана поддршка на спортски активности. Во 2025 година компанијата ја даде својата поддршка на ФК Превалец, ФК Тетекс, РК Пролет, РК Аеродром, МКК Куманово, КК МЗТ Скопје Аеродром, Јаковлевски Pro Basketball Training, ОК Наковски Волеј, КБК Викинг, Карате клуб Аеродром, Фудбалската федерација на Македонија, како и на Ветеранскиот шаховски фестивал во организација на ШКВ „Скопје 72“, потврдувајќи ја својата посветеност кон развојот на спортот и неговата улога во зајакнување на заедницата.

Компанијата вложува и во хуманитарни и здравствени иницијативи, меѓу кои поддршката за СОС Детско село и Здравствениот дом во Вевчани, потврдувајќи ја својата посветеност кон заедницата и нејзините потреби.
Со вакви активности, Државна лотарија ја зацврстува својата улога како компанија, која не само што приредува игри на среќа туку и активно придонесува за културниот, спортскиот и општествениот развој на Македонија.
Дополнително, преку континуирана поддршка на локални иницијативи и соработки со институции, Државна лотарија ја гради својата репутација како доверлив партнер, кој ја препознава важноста на културното и спортското наследство. Оваа стратегија ја позиционира компанијата како двигател на позитивни промени и пример за корпоративна одговорност во земјата.

Со визија за иднината, Државна лотарија останува посветена на создавање вредности што ќе ја унапредат заедницата, ќе ја поттикнат младата генерација и ќе ја зајакнат улогата на културата и спортот како темели на општествениот развој.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Началникот на Генералштабот на Армијата на состанок на Воениот комитет на НАТО
Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски, на 21 и 22 јануари 2026 година ќе учествува на редовниот состанок на Воениот комитет на НАТО во формат на началници на Генералштабови од земјите членки на НАТО и партнерите.
На состанокот, со кој ќе претседава претседателот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Џузепе Каво Драгоне, ќе учествуваат началниците на Генералштабовите на 32-те земји членки на НАТО, командантот на Врховната сојузничка команда за Европа (SACEUR), генералот Алексис Г. Гринкевич и командантот на Врховна сојузничката команда за трансформација (SACT), адмирал Пиер Вандие (Pierre Vandier). Началниците на Генералштабовите на сојузничките земји ќе се сретнат и со претставници од индо-пацифичките партнери на НАТО, Грузија и Украина.
Во рамки на првата сесија, генералот Гринкевич, ќе ги информира началниците на Генералштабовите за подготвеноста на НАТО во зајакнувањето на колективното одвраќање и одбраната на Алијансата, во услови на заеднички безбедносни предизвици.
Во втората сесија, командантот на Врховна сојузничката команда за трансформација ќе даде акцент на можноста како НАТО да го забрза процесот на испорака на соодветни капацитети преку поддршка на земјите членки во усвојувањето и имплементацијата на иновации во соодветен обем и со соодветна динамика.
Во формат на советот НАТО–Украина, началниците на Генералштабовите ќе дискутираат за безбедносната состојба во Украина и за континуираната поддршка на НАТО кон оваа земја, вклучително и за НАТО безбедносната помош и обука за Украина (NATO Security Assistance and Training for Ukraine – NSATU) и Заедничкиот центар за анализа, обука и едукација (Joint Analysis, Training and Education Centre). На оваа сесија е поканет да учествува и претседателот на Воениот комитет на Европската Унија.
Во продолжение на состанокот на Воениот комитет на НАТО, ќе се нагласи стратешката улога на партнерствата во справувањето со меѓусебно поврзаните и растечки глобални безбедносни предизвици, преку средби со претставници на индо-пацифичките партнери на НАТО и Грузија.
Генералот Лафчиски во оваа прилика ќе реализира и билатерална средба со началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Унгарија, генерал Габор Беренди, а ќе оствари и средба со припадниците на Армијата распоредени во Националното воено претставништво на Република Северна Македонија во НАТО штабот во Брисел, Кралството Белгија.
Македонија
„Воздухот што го дишеме е секој ден сè поопасен за животот“: „Стоп за Усје“ повторно излегува на улица
Од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, со најава дека во среда на 21.01.2026 во 18 часот, повторно излегуваат на улица затоа што, како што велат, воздухот што го дишеме е секој ден се поопасен за животот.
Според најавата датумот на протестот е во
„Листата на барања кои ги прочитавме на првата граѓанска блокада на 26.12.2025, ги доставивме до сите надлежни институции. Но, бидејќи Никој од нив не одговори Ништо, ниту пак не повикаа на разговор, повторно излегуваме на блокада, за да им покажеме дека ќе бидеме упорни се додека не ги исполнат нашите барања!
Или ќе излеземе сите – или ќе не снема еден по еден ! Излези, затоа што Воздухот нема да се исчисти сам!“
Со оваа порака, велат дека упатуваат јавен повик за мирна граѓанска блокада против загадувањето од индустрискиот капацитет Усје, како израз на револт и долгогодишна загриженост за здравјето на сите жители, а особено на децата.
„Усје сè уште одбива да се постават мерни станици кои ние граѓаните ќе ги следиме нон-стоп 24/7. Сè дотогаш нема да им веруваме на сите што тврдат дека Усје не загадува.
Оваа блокада произлегува од итното барање на граѓаните- Здравјето пред профитот!.
Бидејќи институциите не реагираат – ние граѓаните ќе мора повторно да го кренеме својот глас на блокадата.“
Локацијата на протестот, според најавеното ќе биде на раскрсницата на булеварот „Борис Трајковски“ и булеварот „Србија“ (правец кон Усје)
Македонија
Анел Фидоски нов шеф на скопското јавно обвинителство
На денешната седница на Советот на јавни обвинители, Анел Фидоски е избран за нов шеф на Основното јавно обвинителство Скопје.
Тој доби поддршка од седум членови на Советот, додека досегашниот раководител Гаврил Бубевски, кој конкурираше за нов мандат, освои пет гласа.
За функцијата беа пријавени пет кандидати. Освен Фидоски и Бубевски, кандидати беа и Тања Трајчевска, Дејан Петрески и Спасенка Андонова.

