Македонија
(Видео) Кузеска: Дефокус, линк и црна кампања, хронологија на политиката на ВМРО
Вчера покажавме како изгледаат фабрикуваните лаги, токсичните наслови и погрдните текстови од кујните на ВМРО со илјада примери. Владата на Мицкоски и ВМРО нема решенија ниту одговори на проблемите со кои седејдневно се соочуваат граѓаните. Секојдневните скандали и катастрофалната економска состојба ги покрива со постојан дефокус и пренасочување на вниманието на граѓаните, кажа на прес-конференција Богданка Кузеска- портпаролка на СДСМ.
Како што истакна, зад грбот на народот течат криминални тендери а пред очите на граѓаните кујните на ВМРО им сервираат измислени афери, црни кампањи и јавен линч врз опозицијата.
Според неа, ова е хронологија на политиката на ВМРО за дефокус само во последните два месеци.
„Пред два месеци, СДСМ формираше Антикорупциски тим и започна со објавување нови бомби, нови докази за корупциски скандали со тендери на коалиијата ВМРО-ЗНАМ. 161 тендер за една фирма, 9 милиони евра за фирма со двајца врабоени основана пред една година, 51 тендер во општините, 1,2 милиони евра преку Пошта за фрима блиска до ЗНАМ. Големи скандали на тендер коалицијата.
Во тој период стиигна потврда на инфромацијата дека поради корупцски скандал со ИПАРД 3 програмата ЕУ ги блокирала средствата. Скандал тежок 130 милиони евра, со уапсен директор од ВМРО за проневера на еврпски пари.
Веднаш почна дефокусот на ВМРО и кујните со лажни обвинувања, замислете дека Заев, Филипче и Николовски дозволиле пченица од државните стокови резерви да биде незаконски продавана“.
Во првата половина на декември месец, додаде Кузеска, британските медиуми објавија информации дека постои договор за носење мигранти за пари во Македонија.
„После овие вести, штанцањето теми за дефокус отидоа до плафон, дефокусот стана единствена политика на ВМРО. Зграда во Дубаи од 42 ката, Сент Мориц, Венеција, што ли не змислија. Ќе објават лажна вест за зграда во Дубаи, а во позадина ќе протуркаат Декрет во Собранието за замолчување на опозицијата. Ќе објавуваат нова измислица за Венеција, а во позадина се протнува Закон за странци како вовед во носењето на мигранти, односно „економски работници“. Дури ја нападнаа и СДСМ, договорено и координирано, пред Конгрес.
Па се до последниот пример. Сите да се занимаваат со лажните вести на Алфа ТВ и црната кампања на ВМРО против претседателот Филипче, додека се увезуваат 10.000 „економски работници“.
Над 200 текстови дневно кои секојдневно се објвауваат.
Кучињата лаат – ранаванот си врви.
Нема одговори за ниту едно прашање од интерес на граѓаните“.
Како што наведе Кузеска нема одговор и зошто нема зголемување на платите, нема одговор за тоа што недостасуваат 2 милијарди евра во буџетот.
„Нема одговор ниту за криминалните тендери, ниту за Алта банка, за прославите на Стоилковиќ со ноќните волци на Путин. Нема одговор ниту за „економските работници“. Има само дефокус.
Секогаш кога ќе излезе текст од кујните на ВМРО се случува уште една пљачка зад грбот на народот. Планот е едноставен: изолација, избори, па мигранти за пари“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фатон Сељами избран за нов Народен правобранител
Со поддршка од 89 пратеници, Собранието денеска во рамки на 65. седница го избра Фатон Сељами од Тетово за нов Народен правобранител.
Против неговиот избор гласаа шест пратеници, а од вкупниот број пратеници што доаѓаат од заедници кои не се мнозинство, 28 беа „за“, додека осум гласаа „против“.
Сељами има завршено Правен факултет на Универзитетот во Тетово и постдипломски студии на Универзитетот на Југоисточна Европа. Работел во Агенцијата за информации, до 2008 работел во Комисијата за заштита на правата за слободен пристап на информации од јавен карактер. Од октомври 2008 година бил вработен во канцеларијата на народниот правобранител во Скопје. Во 2018 година Сељами бил именуван за генерален секретар во Министерството за правда и од 2020 е вработен во регионалната единица на Министерството за правда во Тетово. Од 2023 година работел како раководител на одделение за политички систем во Министерството за правда.
Тој доаѓа на местото на Насер Зибер, кој на 12 јули 2025 година ги исполни условите за старосна пензија.
Македонија
Муцунски на министерски состанок во Истанбул: За справување со закани потребна е засилена координација и размена на информации во регионот
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на Вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир, кој се одржа во Истанбул, на иницијатива на министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан. На состанокот учествуваа министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакна важноста на реалистичен и резултатски ориентиран пристап кон регионалната соработка, нагласувајќи дека стабилноста не е стекната, туку се гради преку јасни интереси, практична соработка и конкретни резултати што граѓаните ги чувствуваат во секојдневниот живот. Тој потенцираше дека во услови на зголемена глобална фрагментација, конкурентност и безбедносни предизвици, земјите од Западен Балкан треба да ја претворат својата географија во предност, а политиката во мерливи исходи.
Министерот Муцунски ја нагласи значајната улога на Република Турција како сосед, сојузник во НАТО, важен економски партнер и стратешки мост, оценувајќи дека Балканската платформа за мир претставува корисен механизам за претворање на дијалогот во конкретни активности. Во тој контекст, тој предложи јасна и остварлива агенда за продлабочување на соработката меѓу Турција и земјите од Западен Балкан, со фокус на економската и инвестициската поврзаност, енергетската безбедност, подобрувањето на транспортната и трговската инфраструктура, како и задржувањето на младите и квалификуваната работна сила во регионот.
Посебен акцент беше ставен на зајакнувањето на регионалната безбедносна соработка, вклучително и справувањето со современите закани како организираниот криминал, сајбер-нападите, дезинформациите и насилниот екстремизам, при што беше нагласена потребата од засилена координација, заеднички обуки и размена на информации.
Министерот Муцунски истакна дека Република Северна Македонија е подготвена активно да придонесе кон оваа агенда, преку инвестирање во енергетска диверзификација, унапредување на регионалната поврзаност, јакнење на безбедносните партнерства и континуирана посветеност на дијалогот и добрососедските односи. Во завршницата на обраќањето, тој нагласи дека кредибилитетот на Платформата треба да се мери преку конкретни резултати, јасно дефинирани активности, носители и рокови, оценувајќи дека во актуелната деценија довербата нема да се гради врз основа на намери, туку врз основа на испорачани резултати.
Македонија
(Видео) Тренчевска: ВМРО-ЗНАМ ги одби сите амандмани на кривичниот законик, меѓу кои и членот за злоупотреба на службената положба
На денешната комисиска расправа, владејачката коалиција ВМРО-ЗНАМ ги одби сите амандмани на СДСМ за измените на Кривичниот законик, соопшти потпретседателката на СДСМ и пратеничка, Јованка Тренчевска.
Според неа, меѓу одбиените предлози било и враќањето на членот 353 – злоупотреба на службена положба и овластување – на формулацијата што важеше пред измените во 2023 година. „Без силен член 353, тендерската коалиција слободно ги дели државните пари на свои фирми, без одговорност“, рече Тренчевска.
СДСМ предложиле и бришење на рокот од пет години за конфискација на имот стекнат преку криминал, но и тоа било одбиено.
„Зошто имотот украден од граѓаните да не може да се конфискува без разлика кога е стекнат? Правда со рок на траење не е правда“, порача Тренчевска.
Дополнително, биле одбиени и амандмани за воведување строги правила за функционирањето на системот „Безбеден град“, односно автоматско бришење на дигитални снимки по 48 часа и пристап само со судски налог. Како што рече Тренчевска, со тоа останува простор за злоупотреби и притисоци од страна на МВР.
Одбиени биле и предлози за драстично зголемување на казните за организиран криминал, проширување на условите за конфискација на имот, како и засилена правна заштита на децата од најтешките форми на експлоатација.
„Ова е уште една потврда за грабежот на државни пари преку криминални тендери. Правда нема, има обид за спас од одговорност. Но одговорност ќе има – кога-тогаш“, изјави Тренчевска.
ВМРО-ДПМНЕ претходно денес реагираше на најавените амандмани на СДСМ за измена на Кривичниот законик, обвинувајќи ја опозициската партија за лицемерие и политичко глумење.
„Монти Пајтон на СДС. Кривичниот законик што го укинаа во 2023 година и со којшто се амнестираа нивни функционери, сега поднесуваат амандмани да го вратат“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата обвинуваат дека СДСМ ја поминала границата на, како што велат, лицемерие и играње со чувството на народот, глумејќи дека не била власт до пред една и пол година.
На 6 септември 2023 преку ноќ, за време на Владата на СДСМ, беа донесени измените на Кривичниот законик во ставот 3 од членот 353 за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања, каде беше предвидена затворска казна од најмалку три години, ако сторителот прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета. Со измената, казната беше намалена на една до пет години затвор. Предметите за злоупотреба на функцијата сега застаруваат за само 10 години, бидејќи максималната казна за ова дело сега е само 5 години затвор.

