Македонија
Стаменкоска Трајкоска: Создаваме еднакви можности и подобра иднина за сите ученици
Продолжува соработката меѓу Општина Кисела Вода, осумте општински основни училишта и општествено одговорни правни субјекти, која има за цел да им обезбеди поддршка на децата од семејства во социјален ризик. Оваа соработка се реализира во рамки на проектот „Грижа и сигурност за секое дете“, кој Општина Кисела Вода континуирано ќе го спроведува и во текот на учебната 2025/2026 година.
Во рамки на проектот, децата од социјален ризик имаат можност без никаков паричен надомест да посетуваат настава по странски јазици, информатика и програмирање, како и да бидат вклучени во различни спортски активности. Воспоставена е соработка со 14 спортски клубови (кошарка, фудбал, карате, одбојка, ракомет, кик-бокс и џиу-џица), во кои во моментов тренираат 26 деца, како и со 6 училишта за странски јазици, што ги посетуваат 9 ученици, и 2 училишта за информатика и програмирање, со 4 ученици вклучени во наставата, информираат од Општина Кисела Вода.
Овие активности беа тема на денешната работна средба меѓу градоначалничкат Бети Стаменкоска Трајкоска, претставниците на општинската администрација и директорите на општинските основни училишта.
Во својата изјава, градоначалничката истакна дека Општина Кисела Вода континуирано инвестира во унапредување на наставниот процес, со цел секое дете да има еднаква можност за развој и напредок.
-Остануваме целосно посветени на создавање еднакви и подобри услови за образование и поголема достапност до современи образовни и спортски активности. Благодарни сме на сите општествено одговорни правни субјекти кои со својата поддршка и ангажман се значаен партнер на Општина Кисела Вода во оваа важна мисија- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алијансата за Албанците ќе го обжали Законот за „Безбеден град“ пред Уставниот суд
Крилото на Арбен Таравари од Алијансата за Албанците најави дека во понеделник ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за оспорување на измените на Законот за прекршоци, преку кој се овозможува имплементација на системот „Safe City“ (Безбеден град).
Од партијата наведуваат дека актуелната примена на системот отвора сериозни правни, уставни и социјални прашања, особено поради тоа што, според нив, се спроведува селективно – само во Скопје, Куманово и Тетово.
„Проект кој има за цел да ја зголеми јавната безбедност треба да се применува рамноправно на целата територија на државата, а не делумно и селективно“, порачуваат од Алијансата.
Дополнително, партијата укажува на непочитување на Законот за употреба на јазиците, бидејќи известувањата и санкциите што произлегуваат од системот не се обезбедуваат рамноправно и на албански јазик.
Како посебен проблем го посочуваат и високиот износ на глобите, за кои бараат ревизија и прилагодување на прагот на толеранција.
„Безбедноста во сообраќајот е неопходна, но не преку непропорционални казни кои ја нарушуваат економската благосостојба на граѓаните“, посочуваат од партијата.
Алијансата ги критикува и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ЗНАМ и Левица, кои гласале за стапување во сила на казнените одредби од 1 февруари, обвинувајќи ги дека тоа го сториле „без грижа за благосостојбата на граѓаните и без да ги адресираат сериозните уставни недостатоци“.
Во образложението за најава на иницијативата, партијата го посочува и примерот со Законот за трето дете, кој Уставниот суд го прогласи за неуставен поради селективна примена. Од таму очекуваат Уставниот суд да постапи на сличен начин и во случајот со „Безбеден град“.
Македонија
Со гласањето против „Безбеден град“, СДСМ и ДУИ застанаа против безбедноста на граѓаните, рече Мицевски
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, коментира дека СДСМ и ДУИ на денешната собраниска седница гласала против измените на Законот за прекршоци, со што, како што рече, се спротивставила на проектот „Безбеден град“ и на напорите за унапредување на безбедноста во сообраќајот.
„Коалицијата Али и Венко, СДС и ДУИ, денеска во Собранието гласаа против проектот ‘Безбеден град’. Тие гласаа против измените што овозможуваат имплементација на системот најпрво во Скопје, Куманово и Тетово, како и на делови од Коридорите 8 и 10, каде што опремата е веќе поставена“, рече Мицевски.
Тој наведе дека двете опозициски партии со тоа директно гласале против намалување на сообраќајни несреќи, повреди и смртни случаи.
Како илустрација, Мицевски посочи дека на 1 октомври 2025, кога започнал пробниот период на системот, камерите во Скопје регистрирале 110.000 прекршоци – 90% од нив за брзо возење. Само еден ден подоцна, на 2 декември, бројката се намалила на околу 50.000 прекршоци.
Дополнително, според статистиката што ја наведе, во првите осум месеци од 2025 година, во сообраќајни несреќи загинале 91 лице (просечно 11,3 лица месечно), додека во 2024 година бројот изнесувал 142 (11,8 месечно).
„Сега, бројката е намалена на само 2 смртни случаи во декември 2025 и јануари 2026“, истакна Мицевски.
„СДС и ДУИ уште еднаш покажаа дека не умеат да застанат зад политика што е во интерес на граѓаните. И покрај поразот на изборите, продолжуваат да делуваат спротивно на јавниот интерес“, рече координаторот на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Левица за „Безбеден град“: Глобите да се пресметуваат според примањата
На денешната седница на Собранието, координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, најави дека во Законот за прекршоци, преку кој ќе профункционира системот „Сејф сити”, Левица ќе поднесува измени особено во однос на глобите, односно ќе бараат скалесто казнување.
„Не може да се казнуваат исто луѓе со месечни примања од 500 ЕУР и луѓе со месечни примања и од по 50.000 ЕУР”, рече Крмов.
За Предлог-измените на Законот за прекршоци со цел имплементација на системот „Сејф сити”, Крмов истакна дека законското решение не е совршено, но пратеничката група на Левица ќе го поддржи бидејќи ценат дека тој систем би можел да спаси животи.
Пратеникот најави дека ќе следат корекции „во од” како што најави и власта, а при истите Левица ќе има свои предлози за кои побара поддршка од владејачкото мнозинство.

