Македонија
Град Скопје започнува постапка за присилна наплата на данок на имот за 2021 година: граѓаните и компаниите да го сторат тоа во најкраток можен рок
Градот Скопје на 9 декември 2025 година упати јавен повик до сите даночни и таксени обврзници, правни и физички лица, кои имаат неплатени обврски по основ на данок на имот, данок на промет, наследство и подарок, како и комунална такса-фирмарина за изминатите години, да ги подмират своите долгови во најкраток можен рок, информираат од таму.
Од Град Скопје појаснуваат дека заклучно со 23 јануари 2026 година, вкупно 830 даночни обврзници ги подмириле заостанати обврски во износ од 20.107.103 денари кон Градот Скопје.
Со оглед на тоа што значителен број обврзници и понатаму не ги имаат подмирено своите долгови, Градот Скопје известува дека од 26 јануари 2026 година започна постапка за присилна наплата на данок на имот за 2021 година.
Во рамки на постапката утврдено е дека 37.655 физички лица и 1.926 правни лица не го подмириле долгот по основ на данок на имот за 2021 година, во вкупна вредност од 148.466.661 денари.
За 16.372 даночни обврзници, се изготвени и доставени Решенија за забрана на средства до деловните банки, додека преостанатите 23.209 решенија ќе бидат доставени до крајот на оваа недела, со цел обезбедување наплата на неплатените обврски, според соопштеното.
Град Скопје ги повикува сите граѓани и компании кои сè уште не ги подмириле своите обврски по основ на даноците на имот и комунални такси, тоа да го сторат во најкраток можен рок, бидејќи присилната наплата ќе продолжи кон сите даночни должници кои имаат долг спрема Градот Скопје.
„Увид во состојбата на сопствениот даночен долг може да се направи преку електронскиот портал на Град Скопје: https://danoci.skopje.gov.mk/gskopje/root/public/login.xhtml, каде што е овозможено и електронско плаќање. Подмирувањето на овие давачки претставува законска обврска и неопходен предуслов за нормално функционирање и развој на градот.
Изразуваме благодарност до сите граѓани и правни лица кои навремено ги подмируваат своите даночни обврски и со тоа придонесуваат за побрз развој, поквалитетни услуги и подобар град за сите. Градот Скопје останува посветен на транспарентност, отчетност и создавање подобри услови за сите жители во главниот Град“, се наведува во соопштението..
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дрога чувана под шанк во кафеана: четири лица под истрага за илегална препродажба на марихуана и хашиш во Валандовско
Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осомничен кој во временскиот период од октомври 2025 година до 23.01.2026 година, во угостителски објект во валандовското село Јосифово, неовластено заради продажба држел 121,40 грама марихуана, 751,99 грама хашиш и 37,44 грама мешавина од хашиш и марихуана.
Дрогата била спакувана во најлонски и книжни омоти ставени во пластична кофа со капак под работната иноксна маса во објектот. Полициски службеници пронашле и една пластична вага со остатоци од наркотична дрога.
Од тие причини постои основано сомнение дека осомничениот сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
За истото кривично дело се осомничени уште 3 лица, кои меѓусебно препродавале наркотична дрога марихуана во непосредна близина на плантажи со лозје во Јосифово. На 21 јануари едниот осомничен продал 679,97 грама марихуана на вториот осомничен, а тој потоа неовластено ја држел во штала.
Следниот ден дрогата ја однел кај третото лице во селото Пирава, кое требало да ја препакува и да посредува во купопродажбата на марихуаната на крајни корисници – зависници. При претресите полициски службеници ја пронашле дрогата, како и уште дополнителни 65,13 грама марихуана, 110 семки кои потекнуваат од растението канабис и вага со остатоци од наркотична дрога.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени дилери.
Македонија
Комисијата за одбрана и безбедност со претставници на Израел: нагласена важноста на соработката за зајакнување на националната и регионалната безбедност
Комисијата за одбрана и безбедност денеска одржа работна средба со претставник на Министерството за одбрана, Елај Калиф, и амбасадорката Вивиен Аисен на Државата Израел, на која се дискутираше за соработката во областа на одбраната и безбедноста. Посебен акцент беше ставен на соработката во рамките на НАТО, како и на размената на искуства и добри практики од областа на одбраната.
Претставникот на Министерството за одбрана на Државата Израел ги презентираше глобалните безбедносни тенденции кои влијаат врз Израел, како и можностите за соработка со земјите од Балканот и Балтикот. Во тој контекст, беше истакната потребата од започнување структуриран дијалог во областа на одбраната и безбедносната поддршка.
Претседателот на Комисијата, Павле Арсоски, ја нагласи претходната соработка со Центарот за обука на пилоти, посочувајќи ги придобивките и значењето на оваа соработка за унапредување на одбранбените капацитети.
Пратениците, во своите излагања, ја потенцираа суштинската важност на соработката со Државата Израел во областа на одбраната, како значаен елемент за зајакнување на националната и регионалната безбедност и стабилноста на Балканот.
Македонија
Појава на магла на Стража, државните патишта проодни и безбедни за сообраќај
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози.
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на планинскиот премин Стража.
Сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај, соопшти АМСМ.
Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење.
Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот перидод, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

