Македонија
Љутков: Руралниот туризам приоритет на Министерството за култура и туризам
Во пресрет на Саемот за рурален туризам, кој ќе се одржи на 31 јануари и 1 февруари во Центарот „Јавна соба“ во Скопје, министерот за култура и туризам Зоран Љутков се обрати на денешната прес-конференција што се одржа по тој повод.
Во своето обраќање, министерот истакна дека руралниот туризам ќе биде еден од стратегиските приоритети на Министерството, при што вакви настани ќе бидат сè почести во текот на 2026 година, а уште поинтензивни во 2027 и 2028 година.
„Преку проектот Е-75, активно работиме на развој на транзитниот туризам. Нашата цел е просечниот престој на туристите долж оваа траса, кој во 2026 година изнесува околу 24 часа, до 2028 година да достигне најмалку 72 часа“, изјави Љутков.
За 2026 година, Министерството за култура и туризам предвидува 36 милиони денари за програмски активности, како и дополнителни 150 милиони денари за субвенции во туризмот. Како што нагласи министерот, овие средства ќе се зголемуваат секоја година, имајќи предвид дека секој вложен денар во туризмот носи четирикратен економски поврат.
Љутков посочи дека руралните домаќинства и малите производители претставуваат клучен двигател на локалниот економски развој и дека токму во нив ќе се инвестира континуирано и стратешки, особено по спојувањето на ресорите култура и туризам.
На Саемот, претстојниов викенд, ќе учествуваат околу 50 излагачи од целата земја, а се реализира во организација на Министерството за култура и туризам, во партнерство со Амбасадата на Словенија, Швајцарската амбасада преку програмата ИМЕ, Земјоделскиот институт и Центарот „Јавна соба“.
Министерот Љутков упати благодарност до сите партнери и информираше дека на Саемот ќе присуствуваат и туристички агенции за дојдовен туризам, со цел остварување директни средби и можност за склучување договори со руралните домаќинства. За посетителите ќе бидат обезбедени и ваучери за попуст за да се поттикне поголема посетеност од домашната публика.
„Ги поканувам граѓаните да дојдат, да ги запознаат автентичните вредности на Македонија, да вкусат локални деликатеси и да ги доживеат руралните убавини на Македонија“, порача министерот Љутков на крајот од денешната прес-конференција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

