Свет
Решена мистерија стара 50 години: Откриен е нов систем за одредување на крвните групи
Научниците решија 50-годишна мистерија и идентификуваа нов систем на крвни групи откако примерок од крв на бремена жена од 1972 година покажа необичен недостаток на една молекула на површината на црвените крвни зрнца. Ова откритие, објавено од истражувачи од Велика Британија и Израел во 2024 година, претставува значаен чекор во разбирањето на ретките крвни особини, пишува Science Alert.
„Ова е огромно достигнување и кулминација на долгорочна тимска работа за конечно да се воспостави овој нов систем на крвни групи, што ќе ни овозможи да им обезбедиме најдобра грижа на ретките, но важни пациенти“, рече хематологот Луиз Тили од Британската национална здравствена служба минатата година, по речиси две децении лично истражување на оваа специјалност за крв.
Повеќе од ABO и Rh системите
Иако повеќето луѓе се запознаени со ABO и Rh системите на крвни групи, луѓето всушност имаат многу различни системи базирани на широк спектар на протеини и шеќери на површината на нашите крвни клетки. Нашето тело ги користи овие молекули, познати како антигени, како идентификатори за да ги разликува сопствените клетки од потенцијално штетните туѓи клетки. Ако тие маркери не се совпаѓаат за време на трансфузија на крв, оваа постапка за спасување на живот може да предизвика опасни реакции, понекогаш со фатален исход. Повеќето од главните крвни групи беа идентификувани на почетокот на 20 век.
Потрагата по редок антиген
Многу крвни групи откриени потоа, како што е Er системот опишан во 2022 година, се наоѓаат само кај мал број луѓе, што е случај и со новата крвна група.
„Истражувањето беше тешко бидејќи генетските случаи се исклучително ретки“, објасни Тили.
Претходните истражувања покажаа дека повеќе од 99,9 проценти од луѓето го имаат антигенот AnWj, кој недостасувал во крвта на пациентот од 1972 година. Бидејќи овој антиген се наоѓа на протеинот на миелинот и лимфоцитите, истражувачите го нарекоа новооткриениот систем крвна група MAL.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
46 жртви во железничката несреќа во Шпанија
Смртта на 43-годишна жена која била на одделот за интензивна нега во болницата Реина Софија во Кордоба го зголеми бројот на жртви во железничката несреќа кај Адамуз, која се случи на 18 јануари, на 46, соопштија владини извори.
Дваесет и осум од вкупниот број жртви биле од провинцијата Уелва, пренесе „Паис“.
Жртвата, жителка на Ла Палма дел Кондадо, била меѓу патниците на возот Алвија од Мадрид. Во моментот на несреќата се враќала по полагање испит за затворски чувар. По несреќата била на интензивна нега поради сериозни проблеми со белите дробови.
Од вчера, 16 од 126-те повредени патници и понатаму се во болниците во Андалузија, од кои двајца се на интензивна нега. Андалузиската здравствена служба извести за уште едно отпуштање од болница и за еден пациент кој го напуштил одделот за интензивна нега.
Поради смртта на најновата жртва, шпанската влада одлучи да ја одложи државната комеморација закажана за денеска. Шпанскиот премиер Педро Санчез вети дека државата ќе продолжи со истрагата и ќе им дава поддршка на семејствата погодени од трагедијата.
Свет
Пак загинати во израелски напади во Газа
Најмалку 12 Палестинци утрово загинаа во израелски напади на јужниот и северниот дел на Појасот Газа, соопштија болниците во Газа.
Ова е еден од израелските напади со најголем број жртви откако стапи во сила примирјето во Појасот Газа на 10 октомври.
Во нападите се погодени локации на северот и југот на Појасот Газа, вклучувајќи станбена зграда во градот Газа и шатор во Кан Јунис, рекле официјални претставници на болниците. Тие навеле дека меѓу жртвите има две жени и шест деца.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500 Палестинци се убиени во израелски напади од почетокот на примирјето на 10 октомври.
Свет
Во текот на изминатото деноноќие, Русија извршила вкупно 1.019 напади врз Украина
Украинската противвоздушна одбрана соборила 64 од 85-те дронови што Русија синоќа ги лансирала, соопштија утрово Воздухопловните сили (ВВС) на Украина.
Беспилотни летала биле уништени над северниот, јужниот и источниот дел на земјата. Регистрирани се 20 погодоци на 13 локации, се вели во соопштение објавено на социјалните мрежи.
Во текот на изминатото деноноќие, Русија извршила вкупно 1.019 напади врз 33 населени места во југоисточната Запорошка област, ранувајќи три лица, соопшти во меѓувреме денеска раководителот на регионалната воена администрација Иван Федоров.
Министерството за одбрана на Руската Федерација, од своја страна, соопшти за 26 соборени украински дронови од синоќа.
Речиси две третини од овие беспилотни летала, 17 биле уништени над Брјанската област која граничи со Украина. Над западната Смоленска област биле соборени седум дронови, а над Белгородската област, која граничи со Украина, и над окупираниот полуостров Крим по еден.
Во меѓувреме, во западната Орловска област беше прогласена опасност за авијацијата.

