Свет
Иран разгледува гаснење на нуклеарната програма и трансфер на ураниум во Русија
Двајца ирански функционери изјавиле за „Њујорк тајмс“ дека е можен драматичен нуклеарен компромис меѓу Иран и Соединетите Американски Држави, кој би вклучувал суспензија или целосно гаснење на иранската нуклеарна програма.
Според наводите, Техеран ја фаворизира идејата за регионален нуклеарен конзорциум, при што збогатувањето на ураниумот би се вршело надвор од Иран, а постои можност веќе збогатениот ураниум да биде префрлен во Русија, слично на аранжманите од нуклеарниот договор од 2015 година.
Иранските функционери наведуваат дека целта на ваков компромис би била намалување на тензиите, во услови на закани со американски воен напад. Како дел од дипломатските контакти, Али Лариџани пренел лична порака од врховниот лидер Али Хамнеи до рускиот претседател Владимир Путин за време на неодамнешна средба во Москва.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјавил дека ова прашање одамна е на дневен ред.
Извештајот доаѓа во пресрет на најавените разговори во Истанбул меѓу американскиот специјален пратеник Стив Виткоф и иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, кои, според „Тајмс“, овојпат би требало да се водат директно меѓу двете делегации.
Одделно, високиот советник на Хамнеи, Али Шамкани, изјавил дека постои можност за избегнување катастрофа доколку предлозите бидат без закани и со разумни услови, нагласувајќи дека разговорите се во рана фаза и дека нуклеарното прашање мора да остане единствен фокус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Русија претпочита да продолжи со нападите отколку да се вклучи во дипломатија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави, по новите руски напади врз Украина, дека Русија претпочита да продолжи со нападите отколку да се вклучи во дипломатија.
Во текот на ноќта, две лица беа ранети во руските воздушни напади врз Киев, објавија властите на главниот град.
„Користењето на најстудените зимски денови за тероризирање на населението“ е поважно за Русија отколку дипломатијата, напиша украинскиот претседател на Телеграм.
Тој додаде дека руските сили извршиле напади со „повеќе од 70 ракети и лансирале 450 напади со беспилотни летала“ во текот на ноќта.
Свет
Техеран: Ако Америка нè нападне, ние ќе го нападнеме Израел
Советникот за одбрана на иранскиот врховен лидер Али Хамнеи и поранешен секретар на Советот за национална безбедност на Иран, Али Шамкани, предупреди дека Техеран е подготвен за потенцијална војна и ќе го нападне Израел во случај на напад од страна на Соединетите Американски Држави.
„Подготвени сме за можна војна. Ако САД нападнат, сигурно ќе го нападнеме Израел.
Непријателите се обидуваат да го проголтаат Иран, но тоа е невозможно, бидејќи тоа е залак што ќе им се заглави во грлото, бидејќи никогаш нема да успеат“, рече Шамкани во интервју за телевизискиот канал Ал Маџадин, поврзан со Хезболах.
Коментирајќи ја безбедносната ситуација, Шамкани рече дека Иран е подготвен за војна, но не бара конфликт, предупредувајќи дека секој напад врз Иран би довел до поширок регионален конфликт.
Тој додаде дека во случај на американски напад, одговорот би го вклучил и Израел, бидејќи, како што изјави, „овие две земји не можат да се гледаат одделно“.
Шамкани рече дека Иран нема да се откаже од својата поддршка за движењата на отпорот во регионот и дека верува оти притисокот врз Техеран е последица на неговата улога во тој контекст.
Тој нагласи дека преговорите со САД се можни само ако се напуштат заканите и притисоците и дека „проширувањето на преговорите на други прашања освен нуклеарната програма е надвор од прашање“.
Шамкани истакна дека не постои можност за префрлање на нуклеарните залихи на Иран во странство, наведувајќи дека „нема причина“ за тоа и дека нуклеарната програма на Иран е исклучиво за мирно време.
Како што изјави, Техеран е подготвен да го намали нивото на збогатување на ураниум од 60 на 20 проценти ако другата страна покаже сериозност и понуди соодветни отстапки. Шамкани повтори дека Иран не се стреми да произведува нуклеарно оружје, повикувајќи се на религиозна забрана издадена од врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи.
Коментирајќи ги разговорите што се очекуваат во петок меѓу специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, во Турција, Шамкани рече дека првично разговорите ќе бидат индиректни, но дека брзо би можеле да преминат во директни разговори доколку се создаде атмосфера на меѓусебно разбирање, објави Танјуг.
Свет
Почна судењето на синот на норвешката принцеза за четири силувања
Започна судењето против Мариус Борг Хоиби (29), син на норвешката принцеза Мете-Марит, кој на почетокот од процесот се изјасни дека не е виновен по четири точки од обвинението за силување.
Хоиби е обвинет по вкупно 38 точки, меѓу кои напади врз поранешни партнерки, тешко кривично дело поврзано со дрога и четири обвиненија за силување, за кои му се заканува казна до 16 години затвор доколку биде прогласен за виновен. За дел од полесните кривични дела се изјаснил виновен.
Тој повторно бил уапсен во неделата вечерта под сомнение за напад, закани со нож и кршење на забрана за приближување и му е одреден притвор од четири недели.
Обвинителството соопшти дека Хоиби ќе биде третиран како и секој друг обвинет, без олеснувања поради неговото семејно потекло. Четирите силувања за кои се товари наводно се случиле во 2018, 2023 и 2024 година.
Судењето, кое се смета за еден од најтешките скандали во историјата на норвешката монархија, значително го наруши угледот на кралското семејство. Пресудата се очекува неколку недели по завршувањето на процесот, кој треба да трае до 19 март.
Фото: ЕПА

