Свет
Трамп му се заканува на Иран
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно испрати силна порака до Иран, предупредувајќи дека ако преговорите не успеат, „веројатно ќе се случат лоши работи“. И покрај заканите, тој потврди дека разговорите се во тек.
„Во моментов имаме бродови што пловат кон Иран, големите, најголемите и најдобрите. Разговараме со Иран и ќе видиме како ќе заврши“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа. Тој додаде дека договорот би бил „одличен“, но дека ќе има последици ако не се случи. „Ако не го сториме тоа, веројатно ќе се случат лоши работи“, рече тој, пренесува Анадолија.
Дипломатската активност се интензивираше во последните денови. Axios објави дека специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф, и иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, се очекува да се сретнат во Истанбул во петок.
Се очекува средбата да биде дел од обновените напори за решавање на прашањето за нуклеарната програма на Иран. Извори запознаени со подготовките потврдија дека тие се во тек, но еден од нив забележува дека плановите сè уште не се конечни и се предмет на промена.
Турција, Египет и Катар одиграа клучна улога во посредувањето и олеснувањето на контактите меѓу Вашингтон и Техеран во последните денови. Арагчи веќе беше во Истанбул минатиот петок, каде што се сретна со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и министерот за надворешни работи Хакан Фидан.
Иако немаше официјални најави, иранската новинска агенција Тасним објави дека иранскиот претседател Масуд Пезешкијан наредил продолжување на нуклеарните разговори со САД, во кои учествуваат високи претставници од двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Русија претпочита да продолжи со нападите отколку да се вклучи во дипломатија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави, по новите руски напади врз Украина, дека Русија претпочита да продолжи со нападите отколку да се вклучи во дипломатија.
Во текот на ноќта, две лица беа ранети во руските воздушни напади врз Киев, објавија властите на главниот град.
„Користењето на најстудените зимски денови за тероризирање на населението“ е поважно за Русија отколку дипломатијата, напиша украинскиот претседател на Телеграм.
Тој додаде дека руските сили извршиле напади со „повеќе од 70 ракети и лансирале 450 напади со беспилотни летала“ во текот на ноќта.
Свет
Техеран: Ако Америка нè нападне, ние ќе го нападнеме Израел
Советникот за одбрана на иранскиот врховен лидер Али Хамнеи и поранешен секретар на Советот за национална безбедност на Иран, Али Шамкани, предупреди дека Техеран е подготвен за потенцијална војна и ќе го нападне Израел во случај на напад од страна на Соединетите Американски Држави.
„Подготвени сме за можна војна. Ако САД нападнат, сигурно ќе го нападнеме Израел.
Непријателите се обидуваат да го проголтаат Иран, но тоа е невозможно, бидејќи тоа е залак што ќе им се заглави во грлото, бидејќи никогаш нема да успеат“, рече Шамкани во интервју за телевизискиот канал Ал Маџадин, поврзан со Хезболах.
Коментирајќи ја безбедносната ситуација, Шамкани рече дека Иран е подготвен за војна, но не бара конфликт, предупредувајќи дека секој напад врз Иран би довел до поширок регионален конфликт.
Тој додаде дека во случај на американски напад, одговорот би го вклучил и Израел, бидејќи, како што изјави, „овие две земји не можат да се гледаат одделно“.
Шамкани рече дека Иран нема да се откаже од својата поддршка за движењата на отпорот во регионот и дека верува оти притисокот врз Техеран е последица на неговата улога во тој контекст.
Тој нагласи дека преговорите со САД се можни само ако се напуштат заканите и притисоците и дека „проширувањето на преговорите на други прашања освен нуклеарната програма е надвор од прашање“.
Шамкани истакна дека не постои можност за префрлање на нуклеарните залихи на Иран во странство, наведувајќи дека „нема причина“ за тоа и дека нуклеарната програма на Иран е исклучиво за мирно време.
Како што изјави, Техеран е подготвен да го намали нивото на збогатување на ураниум од 60 на 20 проценти ако другата страна покаже сериозност и понуди соодветни отстапки. Шамкани повтори дека Иран не се стреми да произведува нуклеарно оружје, повикувајќи се на религиозна забрана издадена од врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи.
Коментирајќи ги разговорите што се очекуваат во петок меѓу специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, во Турција, Шамкани рече дека првично разговорите ќе бидат индиректни, но дека брзо би можеле да преминат во директни разговори доколку се создаде атмосфера на меѓусебно разбирање, објави Танјуг.
Свет
Почна судењето на синот на норвешката принцеза за четири силувања
Започна судењето против Мариус Борг Хоиби (29), син на норвешката принцеза Мете-Марит, кој на почетокот од процесот се изјасни дека не е виновен по четири точки од обвинението за силување.
Хоиби е обвинет по вкупно 38 точки, меѓу кои напади врз поранешни партнерки, тешко кривично дело поврзано со дрога и четири обвиненија за силување, за кои му се заканува казна до 16 години затвор доколку биде прогласен за виновен. За дел од полесните кривични дела се изјаснил виновен.
Тој повторно бил уапсен во неделата вечерта под сомнение за напад, закани со нож и кршење на забрана за приближување и му е одреден притвор од четири недели.
Обвинителството соопшти дека Хоиби ќе биде третиран како и секој друг обвинет, без олеснувања поради неговото семејно потекло. Четирите силувања за кои се товари наводно се случиле во 2018, 2023 и 2024 година.
Судењето, кое се смета за еден од најтешките скандали во историјата на норвешката монархија, значително го наруши угледот на кралското семејство. Пресудата се очекува неколку недели по завршувањето на процесот, кој треба да трае до 19 март.
Фото: ЕПА

