Македонија
(Видео) Манасиевски: Ленче Ристоска и Гаврил Бубевски како Алфа и Омега во СЈО, Катица Јанева ги делела предметите по насока од СДС и Заев
Професионалците Ленче Ристоска и Гаврил Бубевски се однесувале како Алфа и Омега во СЈО, а денес се прикажуваат како жртви, додека Катица Јанева ги делела предметите на нејзините тимски играчи, од добиените „бомби’’ од страна на СДС и Заев, вака вели во своето сведоштво на телевизиско гостување поранешната обвинителка во СЈО, Лејла Кадриу, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој вели дека пред да почне со работа СЈО, биле одбрани 7 од вкупно 12 обвинители, додека пак останатите 5 коишто требале да се приклучат, се приклучиле за многу кратко време, само поради фактот што еден од тие 5 обвинители морал да биде Гаврил Бубевски.
„Се чекало на амин од страна на Зоран Заев за овој тим да се оформи и да почне со работа. СЈО кое било користено за интересите и потребите на СДС, информации кои ние долго време ги говоревме, денес веќе и се потврдуваат. Дека станува збор за договор на Катица Јанева и Зоран Заев во тоа време, говори сведоштвото на Кадриу, која вели дека Јанева на своите вработени им кажала дека на ден 30.12.2015 година, не мораат да дојдат на работа, туку да си ги спојат тие деновно односно со празниците и да одмораат дома но, една од оние кои не го направиле тоа била и Лејла Кадриу, која сведочи како тој ден кога не требало никој да има на работа, Зоран Заев, Радмила Шекеринска и други лица биле во СЈО и носеле материјали кои незаконски ги примиле Ленче Ристоска, Гаврил Бубевски, Фатиме Фетаи и Лиле Стефановска. Дополнително на ова, сите таканаречени бомби, биле прво праќани до ЈО, за потоа да бидат проследени до СЈО, за Катица Јанева да ги распореди кој предмет за кој обвинител да го работи“, вели Манасиевски.
Ристоска, Бубевски, Фетаи и Стефановска, додава тој, биле толку големи професионалци во својата работа, што овие пријави од Зоран Заев ги преземале без никаков записник, што, како што вели, е спротивно на законите и отвора дополнителен сомнеж за веродостојноста на истите.
„Од една страна ја имаме, Ристоска која сака да биде државен јавен обвинител, која во тие моменти била воодушевена од присуството на Заев и Шекеринска, нешто коешто во својата работа не смее да го покажува. Имено, дали баш на овој начин Ристоска би го водела и обвинителството, со симпатии кон одредени структури во државата? Од другата страна, го имаме Гаврил Бубевски, човек кој самиот се фалел дека не смеело ништо да помине токму без негово одобрение во СЈО, човекот кој имал 4 телефони, и на секој телефон добивал различни насоки од луѓе кои му кажувале кој предмет кој обвинител да го работи. Со тоа, директно надворешни структури, односно Зоран Заев и СДС влијаеле на епилогот на овие пријави. Овие професионалци кои денес глумат жртви треба да се извинат за она што го правеле во минатото, по сведоштвата на обвинителката Лејла Кадриу, личност која ја делела истата канцеларија токму со овие луѓе“, рече Манасиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мицкоски и Тошковски ги покажаа 40 тони запленета марихуана: „Никој не е над законот“
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и премиерот, Христијан Мицкоски, дадоа изјава пред просториите во МВР во кои се сместени 40 тони запленета марихуана и најавија детална истрага за случајот.
„Денес, заедно со претседателот на владата, со директорот на Бирото за јавна безбедност и остатокот од тимот од МВР, имаме прилика да ги видиме овие 40 тони марихуана запленети во првата фаза од истрагата. Марихуаната е произведувана, складирана и чувана надвор од оние утврдени протоколи, значи незаконски е истата третирана од страна на фирмите од каде што беше одземена“, рече Тошковски.
Тој кажа дека марихуаната привремено е складирана во простории на МВР со цел да се користи во доказната постапка. Тошковски кажа дека истрагата продолжува.
Мицкоски кажа дека акцијата за заплена има за цел да покаже дека никој не е над законот.
„Ова нешто зад мене е дел од 40 тони марихуана, нешто што претставува резултат на погрешна политика што не сакаме да ја повториме. Очекувам дека денес на владина седница ќе биде донесена одлука да се формира комисија и тим кој ќе ја испита работатата на неколку правни лица и ќе утврди кој работи во согласност со законот, а кои се оние што не работат според законот. Сè што се случи во изминатите неколку дена има за цел да покаже дека нема компромис со неправдата и беззаконието и дека никој не е над законот и дека МВР со сиот капацитет ќе се справи со предизвиците кои ги има“, рече Мицкоски.
Тој испрати порака дека криминалот не се исплати и дека сите криминалци ќе бидат фатени и жестоко казнети.
„Сакам да испратам порака до сите кои одлучиле дека криминалот е исплатлива работа, можеби така било во друго време, но денеска криминалот не се исплати, ќе бидете пронајдени и ке бидете жестоко казнети“, рече Мицкоски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче за патарините да не глуми социјалдемократ од Тему
Филипче за патарините да не глуми социјалдемократ од Тему, за истите цени кога беа СДС на власт им викаа на граѓаните дека беа ниски, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Филипче од опозиција глуми социјалдемократ, а на власт се богати од тендери и не му текнува на народот. Замислете Филипче дури сега дознал дека во Македонија се плаќале патарини, ама не му текна дека се истите цени од времето кога тој беше на власт. Цените за кои Филипче вика дека ги нема никаде во Европа, се истите кога беше СДС на власт и за кои неговиот сопартиец Бочварски викаше дека се ниски. За потсетување, Бочварски крајно лицемерно и елитистички им викаше на граѓаните ако им се скапи патарините, нека возат по локални патишта. Социјалдемократот од Тему, Филипче имаше 7 години да побара намалување на цените на патарините или во најмала рака ако бил загрижен да му се спротивстави на неговиот сопартиец Бочварски, но не го стори тоа. Или можеби Филипче бегајќи панично кон Грција сега прв пат плати патарини во животот?“, се наведува во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека она што Филипче треба да го каже е каде одеа парите од патарини во нивно време и во чии џебови завршуваа народните пари.
Македонија
(Видео) Филипче: СДСМ ќе побара намалување на цените на патарините
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, најави дека СДСМ во наредниот период ќе предложи повеќе законски решенија за помош на граѓаните, меѓу кои ќе има и законско решение за намалување на цените на патарините, како дел од поширок пакет мерки за олеснување на трошоците на граѓаните.
„Во следните недели ќе излеземе со предлог на повеќе закони согласно нашите вредносни политики од повеќе области, со што во еден од законите ќе побараме и намалување на цените на патарините, како уште еден механизам да им се излезе во пресрет на граѓаните“, рече Филипче.
Филипче оцени дека цените на патарините во земјава се неразумно високи и не се споредливи со оние во регионот и Европа.
„Вакви цени на патарини во државава нема никаде, ниту во регионот, ниту во Европа. Во високо развиените европски земји годишно се плаќа цена на патарина, користење на патиштата ширум државата толку колку што кај нас чини едно движење од тука до некој од граничните премини, до Гевгелија на пример“, рече Филипче.

