Македонија
Иванов се обрати на промоцијата на Стратегијата на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија
Поранешниот претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, беше почесен гостин на промоцијата на Стратегијата за работа на Националниот совет на македонското национално малцинство во Република Србија за периодот 2026–2031 година. На настанот, што се одржа синоќа во Нови Сад, во годината кога се одбележуваат 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина, Иванов имаше пригодно обраќање во кое ја истакна важноста на институционалната грижа за зачувување на идентитетот, јазикот и културното наследство на македонската заедница во Република Србија.
Во своето обраќање, Иванов го нагласи значењето на образованието на македонски јазик како клучен столб за зачувување на националниот идентитет, посочувајќи дека „преку можноста младите да учат и да се изразуваат на својот мајчин јазик, не се пренесува само знаење, туку и чувство на припадност, достоинство и самосвест“. Тој особено ја истакна потребата од активна вклученост на младите генерации во институционалниот и општествениот живот на заедницата, оценувајќи дека нивната енергија, визија и лидерство се двигател на нејзиниот понатамошен развој.
Осврнувајќи се на јубилејот од 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина, Иванов посочи дека станува збор за историски втемелена приказна на истрајност, работа и достоинство, преку која македонската заедница оставила длабока трага во општествениот и културниот живот на средините во кои живее. Во таа насока, тој упати искрена благодарност за поддршката што ја даваат властите во Република Србија и Војводина оценувајќи ја како силна порака на почит и вреднување на македонската заедница во Србија.
Во говорот Иванов ја потенцираше улогата на македонската заедница во Република Србија, како и на српската заедница во Република Македонија, кои претставуваат жив мост на пријателство, разбирање и соработка меѓу двете држави, со посебно значење на културната, општествената и дипломатската соработка.

На промоцијата присуствуваа министерот за човекови и малцински права и општествен дијалог на Србија, Демо Берища, македонскиот амбасадор во Србија Никола Тупанчески, покраинската омбудсманка Драгана Ќориќ, директорот на Архивот на Војводина Небојша Кузмановиќ, како и претставници на Покраинскиот секретаријат за образование, прописи, управа и национални малцинства, претставници на Македонскиот национален совет и на македонската заедница во Република Србија.
Целите и програмските определби на Стратегијата детално ги образложија претседателката на Советот, Зорица Митровиќ, и секретарот Марјан Јованоски, кои се осврнаа на клучните приоритети, мерки и активности предвидени за наредниот период, по што со свои обраќања се обратија и амбасадорот Тупанчески, ресорниот министер Бериша, како и домаќинот на настанот, директорот на Архивот на Војводина Кузмановиќ.
За време на настанот,Иванов оствари кратки средби со присутните претставници на државната власт на Република Србија, како и со претставници на покраинската власт на Војводина. Посебно значајни беа средбите со претставниците на македонската заедница во Војводина и со претседателството на Националниот совет на македонското национално малцинство во Република Србија, на кои беше изразена заедничка подготвеност за понатамошно продлабочување на соработката и поддршката на активностите од интерес за македонската заедница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Заедничка изјава и рамка за договор за балансирана трговија со САД и за царински тарифи на одредени производи и индустрии до 0%, ова е политика на конкретни резултати
Продлабочување на стратешко партнерство со САД: силна поддршка и нови економски перспективи за Македонија.
По договорот за партнерство со Обединетото Кралство и затворањето на постмониторинг дијалогот со Советот на Европа по цели 26 години, доцна синоќа Белата куќа објави Заедничка изјава меѓу САД и Македонија за реципрочна трговија, објави премиерот Христијан Мицкоски.
Оваа изјава, додава тој, претставува јасен сигнал за продлабочување на стратешкото партнерство и потврда за силната поддршка што Македонија ја ужива од САД. Таа, како што вели, го трасира патот кон сеопфатен договор кој ќе обезбеди тарифи не повисоки од 15%, а за одредени производи и индустрии и до 0%, отворајќи нови можности за извоз, инвестиции и економски раст.
„Со ваквите чекори ја зацврстуваме позицијата на Македонија како доверлив и предвидлив партнер, градиме економија со повисок стандард и ја унапредуваме нашата меѓународна позиција.
Ова е политика на конкретни резултати. Чекор по чекор, со јасна визија и стабилна поддршка од нашите стратешки сојузници“.
Македонија
Ова е веќе ВМРО-ОКГ, нема демократија ниту во името, велат од СДСМ
Сопруга на градоначалник на ВМРО назначена за член на Судски совет. Советник на Мицкоски во Уставниот суд. Татко на министер е советник во Владата Мицкоски, истакнуваат од СДСМ.
„161 тендер за семејната фрима на Томовски, каде е неговиот татко но и негов близок роднина.
51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините. А тендерските шеми со поврзани фирми водат до таткото на Нелоски, шефот на кабинет на Мицкоски.
Во Алта Банка цела структура на ВМРО. Од Кадиевска Војновиќ, поранешна членка на Извршниот комитет на ВМРО па до баџанакот на Тошковски.
Во Народна банка, за Гувернер, наместо експерт – Трајко Славески, поранешен министер во времето на Груевски.
На чело на АНБ, претседателот на Градскиот комитет на ВМРО.
Томовски назначен за втор организациски секретар во ВМРО, да организира тендери.
Сменети сите потпретседатели во ВМРО, останат е само чуварот на фотелјата Мицкоски“.
Ова, додаваат од СДСМ, не е само непотизам и партизација, ова е ОКГ – Организирана криминална група.
„ВМРО-ОКГ. Нема демократија ниту во името.
Македонијо, 2016 ни чука на врата, ни се враќа Никола Груевски“.
Македонија
Мицкоски во Германија: Разговараме и привлекуваме реномирани светски компании кои веруваат во потенцијалот на нашата држава
Денеска во Минхен остварив работна средба со менаџментот на германскиот гигант Schwarz Group, под чија капа работат светски познатите брендови „Lidl“ и „Kaufland“, објави на социјалните мрежи премиерот Христијан Мицкоски кој од денеска е во Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
„Разговаравме за нивните планови за инвестиции, отворање нови работни места и модернизација на трговскиот сектор во нашата земја.
Ги отвораме вратите за домашните компании да ги пласираат своите производи во големите европски синџири.
Продолжуваме да разговараме и привлекуваме реномирани светски компании кои веруваат во потенцијалот на нашата држава“, пишува Мицкоски во објавата на социјалните мрежи.

