Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче и СДС да одговорат за поврзаноста со сопственикот на фирмата каде се запленети 30 тони дрога
„Наместо спин и манипулација, Филипче и СДС да одговорат за поврзаноста со сопственикот на фирмата во која се запленија 30 тони дрога“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека по, како што велат, обидите на Филипче и СДС да ѝ „сервираат“ информации на јавноста околу темата за канабисот, треба да дадат објаснување за фотографија со Тони Котев, сопственик на фирмата „ЦБД Медплант“, која, според ВМРО-ДПМНЕ, е поврзана со нелегална марихуана.
Во соопштението се споменуваат поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, за кои од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека стојат зад процеси поврзани со издавање лиценци за медицински канабис.
Партијата наведува дека во 2020 година имало иницијатива за легализација на марихуаната, а по неуспехот, според нив, следувало масовно издавање лиценци за медицински канабис на лица блиски до СДС. Како што се додава, струмичкиот регион станал центар на производство.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат и на измените на Правилникот за одгледување канабис од 2023 година, со кои, според нив, било дозволено одгледување и на отворено, оценувајќи дека тоа е во колизија со законските одредби и ГМП стандардите за медицинско производство.
„По големите заплени на марихуана од компании со лиценци за медицинско производство, каде во прашање се 40 тони, околу 30 тони потекнуваат од ‘ЦБД Медплант’, фирма основана во 2018 година од блиски луѓе до Заев“, се наведува во соопштението.
Од партијата прашуваат каде завршувала марихуаната што, како што тврдат, не можела да се користи како легален медицински производ и дали станува збор за лични или партиски интереси.
Воедно, од ВМРО-ДПМНЕ го повикуваат Јавното обвинителство да ја истражи, како што велат, целосната релација помеѓу Заев и Филипче и нивната можна вмешаност и одговорност во случајот со запленетите 30 тони марихуана, нагласувајќи дека јавноста заслужува транспарентност и еднаквост пред законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Можни излевања на реките, критична состојба во Полошко, Кичевско и Пелагонија
Управата за хидрометеоролошки работи напладне издаде предупредување за значително зголемување на водостојот на реките во западните делови од државата, по обилните врнежи во изминатите 24 часа кои предизвикаа нагло полнење на речните корита. Според најавите, состојбата може дополнително да се влоши во текот на денот.
Од Секторот за хидрологија информираат дека во Полошкиот регион, особено во горниот дел од сливот на реката Вардар, е регистриран висок водостој. Постои опасност од заезерување во одделни делови на Полошката Котлина, како и локални излевања на помалите реки и суводолници во гостиварско и тетовско.
Зголемен водостој е забележан и на реката Треска, со потенцијално критични точки во селата Пласница и Лисичани. Се очекува пораст и на нејзината лева притока, реката Кичевска, што дополнително ја зголемува опасноста од локални излевања.
Во Пелагонискиот регион и Демир Хисар, реката Црна бележи континуиран пораст, а можни се излевања во делови од Демир Хисар, Кичевско и поширокиот пелагониски крај. Зголемен водостој има и во Охридско-Струшкиот регион, каде реките Сатеска и Коселска се со покачено ниво, со ризик од локални излевања на помалите водотеци.
Од Управата апелираат граѓаните да бидат крајно претпазливи и да избегнуваат движење покрај реките и водотеците во западните делови на земјата. Се препорачува внимателно следење на состојбата и во источните делови, каде се можни изолирани поинтензивни врнежи.
Надлежните институции ја следат состојбата на терен, а од УХМР најавуваат редовно информирање доколку дојде до дополнително влошување на хидролошката состојба.
Македонија
Одронот кај село Колари е отстранет
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози.
АМСМ соопшти дека сообраќајот на патниот правец Кичево – Гостивар целосно е нормализиран претпладне во 10:30 часот, откако екипи на ЈП „Македонијапат“ го отстраниле одронот кај село Колари што го блокираше патот од 5.40 часот изутрината.
На патниот правец село Лисец – Попова Шапка, каде во 05:45 часот изутрината поради врнежи од снег беше воведена забрана за тешки товарни возила и автобуси, се работи на проширување на коловозот за нормално одвивање на сообраќајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата.
Македонија
Од вторник заладување со пообилни врнежи од дожд и снег
Управата за хидрометеоролоши работи (УХМР) најави дека утре кон крајот на денот, во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег.
На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има пообилни врнежи од дожд и снег.
Како што најави претходно УХМР, на планините во северните делови денеска врнежите од дожд ќе преминуваат во снег, а попладне ќе дува ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 17 степени. Утре минимална температура од -1 до 4 степени, а максимална од 4 до 13. Најниска утринска температура се прогнозира за во четврток, од -1 до -8 степени.

