Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС направи низа катастрофални грешки во образованието, го решаваме и овој проблем
Наместо кон прогрес, СДС е партија ориентирана кон пропаст. Меѓу низата направени катастрофални штети на државата, со Законот за високо образование кој го донесоа во 2018 година предизвикаа драстично намалување на квалитетот на високото образование во Македонија и го избришаа единствениот македонски универзитет од пошироката Шангајска ранг листа, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по обвинувњата од лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Промени се потребни, тоа е општата констатација на целата научна и академска фела во државата. Тим од над 60 академски професори, експерти и претставници на институции, органи и на студентите, изработија предлог законско решение за кое во тек е јавна дебата. Ниту е конечно, ниту насилно ќе се истурка, како што СДС милува да паничи во јавноста. Традиционална реторика на опозициската партија, дека со законот се врши упад во автономијата на универзитетите. Тоа е апсолутно неточно. Единствено се бара отчетност од универзитетите за трошењето на јавните финансии кои патем, откако ВМРО-ДПМНЕ ја раководи Владата значително се зголемени износите кои ги добиваат. Во 2024 година затекнавме буџет за високо образование од 5 милијарди денари, а оваа година изнесува над 7,5 милијарди денари. Буџетот за наука пак, го зголемивме од 380 милиони денари на 773 милиони денари. Ова можеше да го направи и СДС, доколку ги скратеше парите за Заевци, Артанци и други „другари“ од коалицијата кои нагло се збогатија и исчезнаа од државата“, се наведува во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека новиот предлог Закон дава предност при вработувањето на државните универзитети на најдобрите студенти од генерацијата, на студентите добитници на Инженерски прстен и на оние кои студирале на некој од најдобрите 100 светски универзитети.
„Така најдобрите умови ќе ги задржиме во државата, а сите ќе ги стимулираме што повеќе да се заложуваат за личен и професионален развој. Потсетуваме дека во време на владеењето на СДС и ДУИ, бројот на ученици се намали за 17 илјади, а на студенти за 7 илјади за само 7 години. Тој тренд го спречивме, а дел од младите и се враќаат во својата земја. Законот предвидува и враќање на одредени права на студентите, кои со законот на Рената Дескоска, министерка на СДС, беа укинати во 2018 година, а најмногу тоа го почувствуваа студентите со попреченост на кои им беше скратено правото да студираат бесплатно на сите три циклуси на студии“, велат од партијата.
Од таму истакнуваат дека е точно дека се зајакнуваат критериумите за напредување во звања и сметаат дека нема ништо лошо во тоа да се стимулира научниот труд на наставно-научниот кадар на универзитетите.
„Законот предвидува секој кој сака да напредува во академската кариера да изработува научно-истражувачки трудови од кои дел треба да бидат објавувани во меѓународни научни списанија со импакт фактор, а за што Министерството за образование и наука секоја година ги покрива трошоците на авторите за што се објавуваат јавни конкурси, така што, разобличуваме уште една лага на лидерот на СДС. Потсетуваме дека за еден универзитет да се најде помеѓу најдобрите 1000 на Шангајската ранг листа, треба годишно да објавува најмалку 1200 научни трудови. Законот на СДС од 2018 година доведе до тоа нашите универзитети да паднат на бројка од 300 до 500 трудови годишно“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму велат дека СДС ред не успеале да воспостават ред со приватните универзитети и затоа сега им е чудно дека секој треба да го почитува законот и да исполнува услови за работа.
„Автономијата на високообразовните установи е поврзана со отчетност и не може да функционира надвор од правниот поредок. Министерот за образование и наука отсекогаш имал право да запре акт кој не е во согласност со законот, така што ова не е новина како што СДС презентира. Докторски студии пак, согласно предлогот ќе можат да организираат првите четири државни универзитети, што ќе стимулира конкурентност, а конкуренцијата носи квалитет. Дополнително, новиот закон е насочен кон интернационализација на македонското високо образование, вмрежување на домашните со странски универзитети, организирање заеднички студиски програми и издавање двојни дипломи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека ги охрабруваат СДС наместо само критики, во јавноста да изнесат и сугестии за подобрување на содржината на нацрт законското решение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.

