Македонија
(Видео) Не може да поставуваме пратенички прашања во ветер: Спасовски реагира на отсуството на министрите на собраниска седница
Која е смислата на поставување пратенички прашања, ако министрите од владејачкото мнозинство кои треба да одговараат на прашањата не се присутни на седницата, укажа координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, пред почетокот на денешната собраниски седница наменета за поставување прашања од страна на опозицијата. Спасовски посочи дека со своето отсутво, министрите од власта повторно ја избегнаа својата законска и политичка обврска и покажуваат непочитување на Собранието.
Спасовски потенцираше дека пратеничките прашања се инструмент за контрола на Владата и отчетност пред јавноста, а не формалност која може да се игнорира кога на министрите не им одговара.
„Според деловникот обврската е да се извести на кого ќе му се поставува прашање и кој ќе поставува прашања до опозиција. Во дописот којшто го доставив до вас како претседател, најавено е дека нашата пратеничка Јована Тренчевска, ќе поставува прашање до Бесар Дурмиши, министерот за економија и труд. Истиот проблем кој што го имавме на минатата седница да го игнорира Собранието да не присутвува и кога ќе дојде тука во Собранието да кажува и да се правда колку бил зафатен со приватни работи итн, денеска повторно не е тука. Мислам дека ваков однос кон Собранието најмалку може да има Бесар Дурмиши, од сите тука кои што се присутни. И мислам дека крајно време е да го почитуваме овој институт на пратенички прашања и да бидат министрите тука“, рече Спасовски.
Тој нагласи дека ваквиот однос претставува потценување на институцијата Собрание и бегање од одговорност.
„Имате министер, ако не може министерот, имаме заменик министер, ако не може со еден заменик министер дај сменете, ставете два, три заменици министри, бидејќи имаат многу обврски натаму наваму, нека дојдат овде да одговараат на пратенички прашања или пак ако не сте спремни нека кажат слушајте не сме спремни ние да дојдеме да одговараме на пратенички прашања ќе седиме во влада, ќе бидеме на пат, или си имаме други многу поважни работи тоа што е Собрание“, рече Спасовски.
Тој укажа дека не може да се дозволи пратеничките прашања да се сведат на формалност без суштина.
„Не може да поставуваме пратенички прашања во ветер. Бесар Дурмиши не е тука, Марјан заменикот не е тука, и сега која е смислата на поставување на пратенички прашања, за да ги одговараат писмено. Па секој ден имаме право да поставуваме писмени прашања, секој ден. И тие кои што ги поставуваме писмени прашања самите на координација реагирате дека не ни се одговараат од страна на министрите. Која е смислата да сето ова го правиме овде, да глумиме дека имаме некаква одговорност или состојба во која што однесувањето на минстрите ќе биде на ниво на одговорноста која што ја носат кон собранието и на овој начин покажуваме сосема поинаков пристап“, рече Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарната Илинден
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре (19.02.2026) поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.(општина Чаир)
Македонија
Стојаноска: Парите за минималецот може веднаш да се најдат, дел на Водно кај хациендите на Филипче, дел во Дубаи и дел во Струмица по масите на хотел Парк
Како СДСМ може да обезбедат пари за минимална плата? Да го вратат она што го испокрадоа во време на нивното 7 годишно владеење, напиша во објава на социјалните мрежи Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако ова не го сторат самите, тогаш многу скоро низ судски процеси ќе враќаат сѐ што испокрадоа, заедно со казни затвор за истото.
А, ако случајно во Буџетот ги најдат парите за кои зборуваат, тогаш веднаш ќе ги пренамениме за хуманитарни цели.
Инаку, парите за минималецот може веднаш да се најдат – дел на Водно (кај хациендите на Филипче), дел во Дубаи и дел во Струмица (по масите на хотел “Парк”)“, додава Стојаноска.
Македонија
Муцунски на состанок за Коридор 8, во Тирана: Државата, како централна точка, останува целосно посветена на неговата реализација
Денеска, во Тирана, на покана на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со колегите од Италија, Бугарија и Романија, учествуваше на Министерскиот состанок „Коридор VIII во стратешкиот момент на Европа: Поврзаност, отпорност преку воена мобилност и споделен просперитет преку интеграција“.
Состанокот се реализираше како продолжение на инаугуративната сесија одржана во Бриндизи, Италија, на 27 јули 2023 година. Во фокусот на разговорите беа актуелните инфраструктурни проекти што се операционализираат долж Коридор VIII, предизвиците во нивната реализација, како и потребата од засилено политичко внимание и координација.
Министрите констатираа дека постои заедничко разбирање оти Коридор VIII треба да функционира како еден прекуграничен систем, а не како серија одвоени национални проекти што запираат на следната државна граница. Беше нагласено дека коридорот претставува стратешка врска меѓу Јадранското и Црното Море и дека во актуелниот геополитички контекст поврзаноста претставува елемент на отпорност и сила.
Во своето обраќање, Муцунски ја истакна важноста од целосно вклучување на сите клучни актери, нагласувајќи дека улогата на Италија како значаен фактор на Јадранот и на Романија како клучна држава на Црното Море и во регионалната економија е суштинска за Коридор VIII да стане вистинска европска врска од почеток до крај.
Осврнувајќи се на националните обврски, Муцунски потенцираше дека државата, како централна точка на коридорот, останува целосно посветена на неговата реализација. Како значаен исчекор беше посочено потпишувањето на договорот со Бугарија за прекуграничниот железнички тунел во ноември 2025 година. Првата железничка делница на источниот дел е завршена, втората е во изградба, а работите напредуваат и на третата. Во патниот сегмент, целта е целосна автопатска и експресна поврзаност од Ќафасан до Деве Баир до 2029 година.
Дополнително, беше истакната и енергетската димензија на коридорот, како и потребата од усогласување на процедурите, граничното управување и олеснувањето на трговијата, со цел новата инфраструктура да биде придружена со модерни и ефикасни стандарди. Посебен акцент беше ставен на искористување на европските финансиски инструменти, вклучително и следната програма „Connecting Europe Facility“, за забрзување на имплементацијата и обезбедување конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите.
Соговорниците се согласија дека фокусот во наредниот период треба да биде на реализација на финансиски одржливи проекти, координирана прекугранична имплементација и одржување на еднаков интензитет на реализација долж целата траса на Коридор VIII.

