Македонија
ЗНМ одбележа 80 години постоење и ги додели годишните новинарски награди
По повод јубилејот, 80 години од своето основање, Здружението на новинарите на Македонија, ЗНМ, ги додели годишните новинарски награди, одбележувајќи осум децении континуирана и посветена работа во заштита на новинарската професија, слободата на изразување и јавниот интерес.
Комисијата за награди оваа година работеше во состав од новинарките Милка Смилевска, Семра Мусаи и новинарот Марјан Николовски, кои ги вреднуваа пристигнатите трудови според критериумите за професионалност, јавен интерес, темелност и влијание.
Годинава, наградата за животно дело му беше доделена на новинарот Ристо Тасев, за неговиот долгогодишен придонес во македонското новинарство, како и на фоторепортерот Роберт Атанасовски, за неговиот исклучителен придонес во визуелното документирање на современата историја на земјата.
Наградата за истражувачко новинарство „Јашар Еребара“ годинава беше доделена за три стории поврзани со известувањата за пожарот во Кочани и трагичните последици кои и денес се присутни во нашето секојдневие.
Оваа награда беше доделена на Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ), КОД – Новинарски истражувачки магазин на Тв Телма и новинарката Ирена Мулачка од Фокус, за серија истражувачки текстови и документарни прилози што отворија прашања за одговорноста на институциите, работата на инспекциските служби, политичките влијанија и процесите што следеа по трагедијата со пожарот во Кочани, вклучително и истрагите и судските постапки.
Годинава, наградата за известување на теми од локално и регионално значење му беше доделена на новинарот Ардит Рамадани, за истражувачки стории објавени на Порталб. Преку документи и институционални реакции, истражувањето придонесе кон јавна дебата за управувањето со јавната сопственост на локално ниво.
Комисијата годинава додели признание на новинарот Владо Апостолов од Балканска истражувачка репортерска мрежа, БИРН, за придонес во промоција на професионалното истражувачко новинарство, за истражувањата „Систем вон систем: државата слепа за парите на МПЦ-ОА и ИВЗ“ и интерактивниот проект „Верски имоти“.
Признание за придонес во промоција на професионалното новинарство на теми од локално и регионално значење беше доделено на Анета Блажевска, за серијата текстови објавени во Независен.мк, поврзани со постапувањето на директорка на ученички дом во Битола.
Добитниците на овогодинешните награди изразија благодарност за признанијата, истакнувајќи дека тие претставуваат мотив за понатамошна работа во интерес на јавноста.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, во своето обраќање пред присутните се наврати на почетоците на новинарството, на развојот на слободната мисла, на проблемите со кои се соочувале новинарите тогаш, но и на предизвиците со кои се соочуваат и денес.
„Од првите броеви на Нова Македонија и Вечер, преку гласот на Македонско радио, тој најзначаен новинарски сегмент на цела една епоха, до сликата што ја донесе Македонска телевизија, новинарството овде растеше и паѓаше заедно со државата. Со сите нејзини премрежија, со сите нејзини слабости и со сите нејзини надежи. Денешните предизвици се поинакви. Не се секогаш груби и видливи. Понекогаш доаѓаат тивко, преку економска зависност, преку медиуми што едвај опстојуваат, преку СЛАПП тужби, правно насилство што треба да те замолчи со судски трошоци, со непроспиени ноќи, со психички притисок, преку алгоритми што ја наградуваат сензацијата, а не проверената информација, преку сајбер напади и невидливи онлајн квалификации, етикетирања, навреди и закани. Битката денес не е помалку тешка. Само е поинаква, но ЗНМ продолжува да ги брани професионалните стандарди, да стои зад новинарите и да го штити јавниот интерес“, рече Чадиковски.
Во чест на снимателите и фоторепортерите, на свечениот настан беше поставена изложба на фотографии што сведочат за нивниот професионализам, храброст и посветеност, слики што не се само визуелна хроника на секојдневните случувања, туку длабоко сведоштво за времето во кое живееме, оставајќи неизбришлива трага во нашата колективна свест и во историјата на ова општество.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарната Илинден
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре (19.02.2026) поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.(општина Чаир)
Македонија
Стојаноска: Парите за минималецот може веднаш да се најдат, дел на Водно кај хациендите на Филипче, дел во Дубаи и дел во Струмица по масите на хотел Парк
Како СДСМ може да обезбедат пари за минимална плата? Да го вратат она што го испокрадоа во време на нивното 7 годишно владеење, напиша во објава на социјалните мрежи Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако ова не го сторат самите, тогаш многу скоро низ судски процеси ќе враќаат сѐ што испокрадоа, заедно со казни затвор за истото.
А, ако случајно во Буџетот ги најдат парите за кои зборуваат, тогаш веднаш ќе ги пренамениме за хуманитарни цели.
Инаку, парите за минималецот може веднаш да се најдат – дел на Водно (кај хациендите на Филипче), дел во Дубаи и дел во Струмица (по масите на хотел “Парк”)“, додава Стојаноска.
Македонија
Муцунски на состанок за Коридор 8, во Тирана: Државата, како централна точка, останува целосно посветена на неговата реализација
Денеска, во Тирана, на покана на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со колегите од Италија, Бугарија и Романија, учествуваше на Министерскиот состанок „Коридор VIII во стратешкиот момент на Европа: Поврзаност, отпорност преку воена мобилност и споделен просперитет преку интеграција“.
Состанокот се реализираше како продолжение на инаугуративната сесија одржана во Бриндизи, Италија, на 27 јули 2023 година. Во фокусот на разговорите беа актуелните инфраструктурни проекти што се операционализираат долж Коридор VIII, предизвиците во нивната реализација, како и потребата од засилено политичко внимание и координација.
Министрите констатираа дека постои заедничко разбирање оти Коридор VIII треба да функционира како еден прекуграничен систем, а не како серија одвоени национални проекти што запираат на следната државна граница. Беше нагласено дека коридорот претставува стратешка врска меѓу Јадранското и Црното Море и дека во актуелниот геополитички контекст поврзаноста претставува елемент на отпорност и сила.
Во своето обраќање, Муцунски ја истакна важноста од целосно вклучување на сите клучни актери, нагласувајќи дека улогата на Италија како значаен фактор на Јадранот и на Романија како клучна држава на Црното Море и во регионалната економија е суштинска за Коридор VIII да стане вистинска европска врска од почеток до крај.
Осврнувајќи се на националните обврски, Муцунски потенцираше дека државата, како централна точка на коридорот, останува целосно посветена на неговата реализација. Како значаен исчекор беше посочено потпишувањето на договорот со Бугарија за прекуграничниот железнички тунел во ноември 2025 година. Првата железничка делница на источниот дел е завршена, втората е во изградба, а работите напредуваат и на третата. Во патниот сегмент, целта е целосна автопатска и експресна поврзаност од Ќафасан до Деве Баир до 2029 година.
Дополнително, беше истакната и енергетската димензија на коридорот, како и потребата од усогласување на процедурите, граничното управување и олеснувањето на трговијата, со цел новата инфраструктура да биде придружена со модерни и ефикасни стандарди. Посебен акцент беше ставен на искористување на европските финансиски инструменти, вклучително и следната програма „Connecting Europe Facility“, за забрзување на имплементацијата и обезбедување конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите.
Соговорниците се согласија дека фокусот во наредниот период треба да биде на реализација на финансиски одржливи проекти, координирана прекугранична имплементација и одржување на еднаков интензитет на реализација долж целата траса на Коридор VIII.

