Свет
Јапонија го милитаризира островот во близина на Тајван
Јапонија има намера да распореди ракети на својот оддалечен западен остров Јонагуни, кој се наоѓа во близина на Тајван, до март 2031 година, потврди јапонскиот министер за одбрана.
Ова е прв пат Токио да постави прецизен временски рок за распоредување ракети на островот, што првпат беше најавено во 2022 година, поради зголемените регионални тензии со Кина, која го смета самоуправуваниот Тајван како своја територија и не ја исклучува употребата на сила за негово „повторно обединување“. Островот Јонагуни е на само 110 километри од брегот на Тајван и е видлив во ведри денови, објавува Би-би-си.
Тензиите меѓу Токио и Пекинг се високи од ноември, кога јапонскиот премиер Санае Такаичи посочи дека Јапонија би можела да ги активира своите сили за самоодбрана во случај на напад врз Тајван.
Одамна постојат загрижености дека кинескиот напад врз Тајван, кој е сојузник на САД, би можел да доведе до директна воена конфронтација меѓу Вашингтон и Пекинг, а потоа да се прошири и на други сојузници на САД во регионот, како што е Јапонија. Изјавите на премиерот Такаичи во парламентот ги спуштија односите со Кина на најниско ниво во последните години.
Пекинг одговори со зголемување на притисокот со испраќање воени бродови, ограничување на извозот на ретки метали, ограничување на кинескиот туризам, откажување концерти, па дури и повлекување на своите панди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Нашите преговарачи утре ќе имаат средба со американскиот тим
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објави дека украинските преговарачи утре ќе се сретнат со американската делегација, пренесува Sky News.
Според него, тимот предводен од главниот преговарач Рустем Умеров ќе се сретне со специјалниот претставник на Доналд Трамп, Стив Виткоф, неговиот зет Џаред Кушнер и други американски претставници.
Темите на дискусија ќе бидат „пакетот за просперитет“ и економската соработка.
Зеленски додаде и дека се во тек подготовки за нов трилатерален состанок со Русија, за кој Киев се надева дека ќе се одржи на почетокот на март.
фото/ Depositphotos
Свет
Бил Гејтс им се извини на вработените во фондацијата поради своите врски со Епстин
Бил Гејтс им се извини на вработените во Фондацијата Гејтс за неговите врски со Џефри Епстин. Тој призна грешки што ја оцрнија добротворната организација, но инсистираше дека немал никаква улога во злосторствата на Епстин, објави The Wall Street Journal.
На состанокот вчера, коосновачот на „Мајкрософт“ призна дека имал две афери со руски жени за кои Епстин подоцна дознал, но нагласи дека во нив не биле вклучени жртвите на Епстин. „Не направив ништо нелегално. Не видов ништо нелегално“, рече Гејтс, според снимка што ја преслушал The Wall Street Journal.
Гејтс, исто така, коментираше за фотографиите од неодамна објавените документи на Епстин на кои е прикажан со жени чии лица беа заматени. Тој тврди дека Епстин го замолил да се фотографира со неговите асистентки по состаноците. „Да бидеме јасни, никогаш не поминував време со жртвите, жените во неговиот круг“, рече тој.
„Беше огромна грешка да поминувам време со Епстин“ и да го доведам раководството на Фондацијата Гејтс на состаноци со сексуален престапник, рече тој. „Им се извинувам на сите што беа вклучени во ова за грешката што ја направив“.
Милијардерот откри дека неговите состаноци со Епстин започнале во 2011 година, години откако Епстин се изјасни за виновен во 2008 година за подведување малолетничка. Гејтс рече дека бил свесен за „некаква 18-месечна наредба“ со која се ограничува патувањето на Епстин, но дека не направил доволно проверки на неговото биографија.
Тој продолжи да ги одржува состаноците дури и откако неговата тогашна сопруга, Мелинда Френч Гејтс, изрази загриженост во 2013 година.
„Според она што го знам сега, сè е, знаете, сто пати полошо, не само поради неговите претходни злосторства, туку сега е јасно дека ова беше континуиран модел на лошо однесување“, им рече Гејтс на персоналот.
Тој додаде за својата поранешна сопруга: „Морам да ѝ оддам признание, таа секогаш беше доста сомничава во врска со целата работа со Епстин“. Гејтс вчера им кажа на вработените дека продолжил да се среќава со Епстин до 2014 година, летајќи со него во приватен авион и поминувајќи време во Германија, Франција, Њујорк и Вашингтон. „Никогаш не спиев кај него“, рече тој, ниту го посетил островот на Епстин.
Тој рече дека Епстин „зборувал за своите блиски односи со многу милијардери, особено милијардери од Волстрит“ и го уверил дека може да помогне во собирањето пари за каузи како што е глобалното здравство. Гејтс додаде дека присуството на други истакнати луѓе на тие состаноци помогнало „да се чувствува нормално“.
Тој призна дека разбира оти неговата поврзаност со Епстин му помогнала на осудениот сексуален престапник да го подобри својот углед. Исто така Гејтс призна дека неговата поврзаност со Епстин и неодамна објавените е-пораки од документите на Министерството за правда фрлиле сенка врз Фондацијата Гејтс и нејзиниот углед.
„Тоа е целосно неконзистентно со вредностите и целите на Фондацијата“, рече тој. „А нашата работа е многу чувствителна на угледот. Луѓето можат да изберат дали да работат со нас или не“. Портпарол на Фондацијата Гејтс рече дека Гејтс одржува вакви состаноци со вработените двапати годишно и дека „зборувал отворено, одговарал на неколку прашања детално и ја преземал одговорноста за своите постапки“.
Свет
(Видео) Осомничен се скрил во корпа за отпадоци додека бега од полицијата во САД
Општински работник во Охајо останал шокиран кога пронашол човек како се крие во корпа за отпадоци додека си ја вршел работата. Набрзо се покажало дека станува збор за осомничен кој бегал од полицијата откако не застанал на нивниот сигнал за време на сообраќајна контрола, објавува „Еуроњуз“.
Видео снимено од полициска камера на автомобилот го покажува човекот како скока од корпата и бега.
Полицајците веднаш тргнале за потера, а бегалецот ги изгубил чевлите додека бегал.
„Благодарение на импресивните атлетски способности и брзата реакција на нашиот полицаец Перез, осомничениот е безбедно уапсен“, се вели во соопштението на полицијата, пренесуваат локалните медиуми.

