Македонија
Откриен обид за криумчарење на 4.800 пакувања никотински ќесички вредни 1,2 милиони денари
Царинската управа откри и спречи обид за криумчарење на 4.800 пакувања со никотински ќесички со вредност од 1,2 милиони денари. Против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава заради сторено кривично дело „криумчарење“.

„Осомничениот е застанат за контрола од страна на мобилен царински тим, во внатрешноста на државата, веднаш по влезот во државата преку граничен премин Табановце, при што се пронајдени 4.752 пакувања со никотински ќесички со никотин и 48 пакувања никотински ќесички – снус кои содржат никотин и тутун. Стоката и возилото се запленети, а осомничениот е приведен на сослушување од страна на инспекторите за истраги“, соопштија од Царина.
Во предистражната постапка е утврдено дека стоката требало да биде предадена на лице за кое Царинската управа минатата година поднесе кривична пријава за прикривање стоки кои се предмет на криумчарење – цигари без акцизни маркички и царинска измама.

По целосно завршување на истрагата, против осомничениот ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство за сторено кривично дело криумчарење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во тек е исплата на образовниот додаток за втор мерен период за учебната година 2025/2026 година
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека во тек е исплата на образовниот додаток за втор мерен период за учебната 2025/2026 година.
Исплатата на додатокот за образование се врши во четири мерни периоди, и тоа:
-за првиот мерен период во текот на месец декември во тековната календарска година,
-за вториот мерен период во текот на месец февруари во наредната календарска година,
-за третиот мерен период во текот на месец мај во тековната календарска година и
-за четвртиот мерен период исплатата се врши во текот на месец јули во тековната календарска година.
Македонија
Тошковски – Брунер: Европската интеграција, борбата против организираниот криминал и зајакнатото гранично управување во фокусот на средбата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оствари работна средба со комесарот за внатрешни работи и миграција на Европската унија, Магнус Брунер, на која беше потврдена силната посветеност на Република Северна Македонија кон евроинтегративниот процес и понатамошното усогласување со европските стандарди во областите правда, слобода и безбедност.
На средбата министерот Тошковски изрази благодарност за континуираната експертска и финансиска поддршка од Европската унија, нагласувајќи дека Министерството за внатрешни работи останува кредибилен партнер кој активно придонесува за безбедноста на Унијата преку спроведување на проектите, реформите, усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ и имплементација на мерките од Реформската агенда.
На средбата беше констатирано дека партнерството со институциите на Европската унија има клучна улога во унапредувањето на националната и европската безбедност, при што беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката во наредниот период.
Македонија
Општина Илинден: Засилени активности за чистење и редовно одржување на каналската мрежа и речните корита
Општина Илинден продолжува со засилени активности за чистење и редовно одржување на каналската мрежа и речните корита на својата територија, со цел зголемување на проточноста и намалување на ризикот од поплави, информираат од општината.
Во изминатиот период беше реализирано чистење на коритото на Сува Река, на потегот од вливот на „Бучинско езеро“ до излезот од населеното место Бучинци, во должина од 850 метри. Дополнително, извршено е чистење на сисавецот на главниот канал „Млака“, на потегот од пречистителната станица во населеното место Илинден до вливот во главниот канал, во должина од 800 метри.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски изврши увид на каналот „Шамак“, во н.м Кадино каде во моментов се спроведува чистење во вкупна должина од 1.200 метри. Како што истакна градоначалникот Георгиевски, по обилните врнежи овој канал беше утврден како критична точка, а неговото расчистување е од особено значење за безбедноста на жителите од овој дел на општината.
Имајќи предвид дека каналската мрежа на Општина Илинден е под нивото на реката Вардар, одводнувањето се реализира со пумпни уреди преку кои се испумпуваат до 2.800 литри вода во секунда, што дополнително ја потенцира потребата од редовно и навремено одржување на системот. Благодарение на континуираното чистење и одржување на каналите и речните корита, изминатиот период со обилни врнежи беше надминат без потешкотии и несакани последици.
Согласно Годишната програма на Општината, Годишната програма на Водостопанство и Акциониот план за чистење на каналската мрежа, во текот на 2026 година предвидено е чистење на вкупно 24.250 метри канали и речни корита на територијата на сите населени места во Општина Илинден.
„Општина Илинден и годинава ја презема обврската за покривање на водниот надомест за редовно одржување, чистење и нивелирање на отворените канали, со што јасно ја демонстрира својата континуирана заложба за подобрување на инфраструктурата и обезбедување побезбедна, почиста и поквалитетна животна средина за сите граѓан“, се истакнува во соопштението.

