Свет
Откриени детали за тоа како е убиен врховниот лидер на Иран, ајатолахот Хамнеи
Израел и САД го темпираа нападот врз Иран за сабота, за да се совпадне со самитот меѓу ајатолахот Али Хамнеи и неговите помошници, изјавија два американски извори запознаени со операцијата. Убиството на човекот кој владееше со Иран речиси 40 години беше потврдено преку ноќ на државната телевизија. Израел објави дека, покрај ајатолахот, убиени се и поранешниот генерален секретар на Советот за национална безбедност, Али Шамкани, и командантот на Корпусот на Исламската револуционерна гарда, Мохамед Пакпур.
Двајца ирански извори изјавија за Ројтерс дека во саботата, кратко пред почетокот на нападот, Хамнеи свикал состанок на безбедна локација на кој биле присутни Шамкани и сегашниот секретар на Советот за национална безбедност, Али Лариџани.
Врховниот лидер на Иран беше убиен откако разузнавачките служби ги открија неговите движења, напиша американскиот претседател Доналд Трамп на својата платформа Truth Social.
„Тој не можеше ништо да направи против нашето разузнавање и високо софистицираните системи за надзор. Тесно соработувавме со Израел, ниту тој ниту другите лидери кои беа убиени со него не можеа да направат ништо“, рече Трамп.
Двајца американски извори и еден функционер, кој зборуваше под услов да остане анонимен, рекоа дека потврдата за средбата меѓу ајатолахот и неговите помошници била сигнал за започнување на нападот. Нападот имал за цел прво да биде насочен кон Хамнеи за да се создаде елемент на изненадување, додаде тој, но постоеле загрижености дека врховниот лидер на Иран би можел да избега доколку му се даде шанса.
Американски извор изјави дека состанокот се очекувал да се одржи во сабота навечер во Техеран, но израелските разузнавачки служби подоцна открија дека тоа било сабота наутро, со што се одложи почетокот на израелско-американскиот напад. Локацијата на состанокот не беше веднаш позната.
Комплексот на Хамнеи во Техеран беше нападнат на почетокот на операцијата, а сателитските снимки прегледани од Ројтерс потврдија дека бил уништен.
Централната разузнавачка агенција на САД процени пред нападот дека ајатолахот би можел да биде заменет од тврдокорни од Корпусот на Исламската револуционерна гарда доколку тој почине.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Катар пресретна ирански ракети и беспилотни летала
Министерството за одбрана на Катар соопшти дека воздухопловните сили и системите за противвоздушна одбрана денеска пресретнале ракети и беспилотни летала лансирани од Иран, додавајќи дека нема жртви.
Иран лансираше ракети и дронови насочени и кон Израел и кон американските воени објекти во Бахреин, Кувајт и Катар, како одговор на американските и израелските напади.
Американската војска не извести за американски жртви и пријави минимална штета во своите бази.
Свет
Северна Кореја ги осуди нападите врз Иран: „Нелегална агресија“
Северна Кореја ги осуди израелските напади и американската воена операција против Иран, нарекувајќи ги „нелегална агресија“ и кршење на националниот суверенитет, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на државната агенција КЦНА.
Портпаролот на севернокорејското Министерство за надворешни работи изјавил дека американската операција била очекувана и ја оценил како неизбежен исход поради, како што навел, хегемонистичката и гангстерска природа на САД. Во соопштението се наведува дека агресорската војна на САД и Израел е неприфатлива во какви било околности.
Пјонгјанг повика регионалните земји и другите заинтересирани страни да преземат одговорност за воспоставување мир и стабилност на Блискиот Исток.
Израелската војска претходно објави дека почнала опсежни напади врз центарот на Техеран, по операцијата во која беше убиен иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи.
Фото: Depositphotos
Свет
Путин со сочувство до Иран, нападите ги нарече цинично кршење на меѓународното право
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изрази длабоко сочувство до иранскиот претседател Масуд Пезешкијан по повод убиството на врховниот лидер Али Хамнеи и членовите на неговото семејство, соопшти Кремљ.
„Ве молам примете го моето најдлабоко сочувство по повод атентатот врз врховниот лидер на Исламската Република Иран, Сејед Али Хамнеи, и членовите на неговото семејство, извршен во цинично кршење на сите норми на човечкиот морал и меѓународното право“, се наведува во соопштението, пренесува агенцијата РИА Новости.
Хамнеи беше убиен во саботата наутро во нападите што ги извршија Израел и Соединетите Американски Држави, потврди утрово иранската влада, а пренесоа иранските државни медиуми.
Во саботата САД и Израел започнаа серија удари врз ирански цели, вклучително и во Техеран, при што беше предизвикана материјална штета и цивилни жртви. Потоа Иран возврати со ракетни напади врз израелска територија и врз американски воени објекти на Блискиот Исток.

