Општество
Креативни решенија за проектот „Бајки од Македонија“ испратија 38 млади дизајнери-илустратори
Младите дизајнери – илустратори покажаа огромен интерес за проектот „Бајки од Македонија“. На конкурсот за илустрирање на четири бајки од македонското народно творештво пристигнаа 38 целосни предлози со оригинални креативни решенија.
Согласно условите на конкурсот што го распиша Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине”, младите дизајнери – илустратори работеа на креативна илустрација на четири избрани и јазично преработени бајки од народното творештво, под наслов „Бајки од Македонија“. Бајките „Момчето што се скри во златното јаболко“, „Двата Цара“, „Вејко Северко“ и „Девојчето и 12 месеци“ беа избрани и адаптирани по стручна соработка на тимот на Движењето со Институтот за фолклор „Марко Цепенков“.
„Големиот број пристигнати решенија на конкурсот е потврда дека во Македонија постои креативен потенцијал кој бара можности да ѝ се претстави на јавноста. Тоа е огромна потврда за мисијата на Движењето, преку кое создадовме мост кој ја поврзува креативната енергија на младите со конкретен производ и ќе ѝ даде видлива и практична примена. Така младите креативци наоѓаат свој простор и реализација, а македонската економија и култура добиваат нова додадена вредност“, велат од Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ „Браво Сине“.
Пристигнатите решенија ќе ги разгледа стручна комисија составена од членовите на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ – „Браво Сине“, претставник на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и претставници на издавачката куќа „Арс Ламина“ од Скопје, во чие издание ќе биде едицијата „Бајки од Македонија“ наменета за најмладите, децата од пред училишната возраст. Првата награда за решението кое ќе биде оценето како најдобро изнесува 200.000 денари, а ја обезбедува Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ – „Браво Сине“. Изборот на најдоброто решение ќе биде извршен до крајот на јануари 2016 година, кога и ќе биде јавно објавено.
Ова е втор проект на Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ – „Браво сине“. Минатата година успешно беше реализиран преоктот „Слатко од Македонија“, во чии рамки млади дизајнери работеа на креативни решенија за брендирање на македонско слатко како автентичен национален производ. Седум видови слатко на домашната компанија „Јоми фоод“ од Велес, добија нов изглед и целосно ново пакување, по што следеше и дополнителен пробив на нови странски пазари.
Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине“ го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија – Иво Лауренчиќ. Во активностите на движењето се вклучија голем број претставници на јавниот живот, бизнисмени, уметници, членови на академска заедница, како и луѓе од креативната индустрија од земјава и од целиот регион. /крај/мф/бб
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби
Ариепископот Охридски и македонски заедно со Светиот архиерејски Синод, по повод велигденските празнувања, испраќа мир и благослов од Бога до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на МПЦ-ОА.
– Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење. Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата, вели г.г. Стефан меѓу другото во обраќањето.
Македонија
Православните верници го слават Велигден
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.