Македонија
Незири: Поддршка на еснафот во Старата чаршија за поголеми бизнис перспективи

Министерот за економија Беким Незири во сабота се обрати на манифестацијата „Калдрма-Матине“ во организација на Македонско-Бугарската стопанска комора, а со поддршка на Министерството за економија, општина Чаир и Стопанска комора на Северо-западна Македонија, чија цел е со бизнис и културни проекти да се врати сјајот на еден од најавтентичните простори на главниот град – Скопската чаршија како место на еснафот и соживотот.
„Факт е дека еснафот е тој што ја држи чаршијата жива, а нејзината главна карактеристика е што еснафот во неа е обединет во различноста. Затоа, како Министерство за економија и како Влада, го поддржуваме еснафот за да го збогатиме и продлабочиме животот на ова уникатно градско јадро“, истакна министерот Незири.
Тој додаде дека секоја година, веќе шест години по ред, согласно Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво се дава помош во зајакнување на еснафот и подобрување на конкурентноста и одржливоста на занаетчиството преку субвенционирање на занаетчии и преку кофинансирање на проекти за поддршка и промоција на занаетчиството во Република Македонија, за што годинава обезбедени се 1 милион денари, додека за проекти за кои аплицирале и занаетчиските здруженија е обезбеден дополнителен 1 милион денари.
Министерот Незири информира дека Министерството за економија, заедно со Општина Чаир го спроведува проектот за регулирање на излозите и рекламите во Старата скопска чаршија, дека се работи на проектирање на Блок 3-2, кој опфака 60 дуќан, при што за секој дуќан ќе се направи посебен проект за конзервација, санација и адаптација на излозите и натписите на дуќаните, при што посебно ќе се води сметка да не се изгуби автентичноста и културната вредност на самиот објект.
Претседателот на Македонско-бугарската стопанска комора Зоре Темелковски го потенцира значењето на инфраструктурното поврзување.
„За да стигнеме до калдрмите што се живот, до овие сокаци на историјата, нам ни треба модерните магистрални дијагонали на поврзаност со соседите. Македонија, Албанија и Бугарија имаат обврска меѓусебно да се поврзат со европски коловози за брзо и сигурно патување кон иднината“, рече Темелковски.
Според градоначалникот на Чаир Изет Меџити, чаршијата има живот и потенцијал, а ние имаме должност, рече тој, да направиме спој на вековната традиција и модерното живеење.
„Затоа Општина Чаир презема низа активности со кои на Старата скопска чаршија и дава нова, модерна димензија. Таа била и треба да биде центар на економскиот и општествениот живот, авангарда на времето. Манифестацијата „Калдрма матине“ е продолжување на сите наши заложби за чаршијата“, рече Меџити.
Претставници од бизнис-заедницата, од стопанските комори, од планските региони и од уметноста на манифестацијата дискутираа како традицијата и модерното да се спојат и да се ребрендира ова старо урбано јадро, кое ќе се облагороди и со творештвото на уметниците. Тие имаат идеи во чаршијата да се направи сокак на уметноста, каде ќе има сликарски ателјеа и изложби на отворено, и сокак на висока мода со дуќани на брендирани модни новитети и организирање ревии на места низ чаршијата.
Организаторите на настанот потпишаа и Меморандум за соработка за да ги реализираат проектите кои заедно ги планираат. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши: Преку мерката за зелени инвестиции отворени се речиси 400 работни места во приватниот сектор

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Сељатин Бељули, и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, денеска го посети ресторанот „Ксантика“, кој е еден од успешните примери на зелени инвестиции и создавање нови работни места.
За време на посетата министерот истакна дека преку Мерката 8 – „Создавање нови работни места преку зелени инвестиции“, досега се отворени речиси 400 нови работни места во приватниот сектор.
„Досега 228 компании инвестираа во зелени решенија – фотонапонски панели, енергетска ефикасност и модерна опрема. Компаниите вложија над 200 милиони денари сопствени средства, што е повеќе од државната поддршка. Тоа покажува дека политиката на Владата не е само субвенција, туку катализатор за приватен капитал и за зелена економија,“ рече министерот Дурмиши.
Економија
УЈП: Инкасирани 2,3 милијарди денари или 37,4 милиони евра повеќе во буџетот споредбено со јули лани

Во јули 2025 година, Управата за јавни приходи оствари значителен раст на наплатата по основ на даноци и социјални придонеси за речиси 37,4 милиони евра во споредба со јули 2024 година.
Вкупната наплата од даноци (Данок на додадена вредност (ДДВ), данок на личен доход (ДЛД) и данок на добивка ДД) изнесува 14.344 милиони денари, односно приближно 233 милиони евра, што претставува рекордна месечна наплата досега.
По тој основ остварен е раст од 922 милиони денари или околу 15 милиони евра, што е раст од 6,9% во однос на јули 2024 година. Раст од 13,4% се бележи и кај социјалните придонеси, и по тој основ наплатени се 11.823 милиони денари (192,2 милиони евра), што е за 1.400 милиони денари (околу 23 милиони евра) повеќе наплатени средства од придонеси во споредба со истиот месец минатата година.
„Растот на приходите не е случаен – тој е резултат на зголемена економска активност, како и посветена работа, партнерство и доверба која Управата за јавни приходи постојано ја гради со даночните обврзници. Во изминатиот период, а во согласнст со законските надлежности, УЈП презеде низа мерки и е во постојан контакт со даночните обврзници и нивните овластени сметководители кои имаат пријавен, но ненаплатен долг за соодветниот даночен период. Целта е навремено подмирување на обврските и избегнување на блокада на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата“, велат од УЈП.
Во рамки на превентивните мерки, доставени се персонализирани пораки и известувања до обврзниците, со јасна порака за доброволно усогласување. Придобивката од овој пристап е јасна: се овозможува финансиска стабилност кај обврзниците, се избегнуваат санкции и се гради одржлива даночна историја, што директно придонесува за стабилни јавни финансии и позитивна деловна клима.
Економија
Потпишани договори за 828 проекти со 225 милиони евра преку капитални инвестиции

Со склучувањето на договорите за вториот повик од инструментот за капитални инвестиции, денес започнува нова фаза на големи вложувања во општините ширум Македонија, соопшти премиерот, Христијан Мицкоски.
Вкупната вредност на проектите изнесува 13,8 милијарди денари, односно околу 225 милиони евра, а се опфатени 828 проекти во различни области. Најголем дел од средствата, над 8 милијарди денари, ќе бидат инвестирани во инфраструктурата – патишта, мостови и локални врски.
Покрај тоа, во областа на животната средина ќе се реализираат 143 проекти со вкупна вредност од над 2,4 милијарди денари, кои се однесуваат на чиста вода, канализациски системи, управување со отпад и создавање нови паркови.
Во секторот образование, преку 48 проекти, ќе се инвестираат 1,6 милијарди денари за изградба и обнова на училишта и градинки, додека има и проекти поврзани со култура, спорт и социјална политика.
„Ова е најголемата инвестициска офанзива некогаш направена за општините, без партиски филтри и фаворизирања. Секоја општина што има проект добива поддршка,“ истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека со овие инвестиции се гради еднаквост и пристап до квалитетен живот за сите граѓани, без разлика на нивната локација, и најави дека нема да се дозволи запоставување на ниту еден регион.
Со склучените договори и веќе започнатите проекти, Мицкоски ја опиша оваа иницијатива како конкретен чекор кон подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во Македонија, која според него од хартија преминува во реалност.