Македонија
Естонска компанија бара македонски партнери
Во рамки на активностите на македонската влада за отворање нови работни места и привлекување странски инвестиции започната во март годинава, тогашниот министер Иво Ивановски во Министерството за информатичко општество и администрација оствари посета и презентација пред ИТ компаниите во естонската престолнина Талин, што деновиве резултираше со потенцијалната деловна соработка на ИТ компаниите, како една од можностите за проширување и отворање на пазарите.
По остварени средби во Естонија, деновиве Министерството за информатичко општество и администрација беше домакин и организираше работни средби меѓу естонската компанијата „NetGroup“ и претставници на повеќе македонски софтверски компании. Членовите на бордот на директори на компанијата од „NetGroup“, Андерс Абел и Раиго Раид, потенцираа дека причината поради која одлучиле да се интересираат за соработка со ИТ компании од Македонија се одличните технички и кадровски потенцијали што ги поседуваат компниите од Македонија.
На средбата со заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, тие го пренесоа задоволството од понудата на македонските софтверски компании, нагласувајќи дека нивните очекувања се исполнети, бидејќи запознале компании кои се вистински мотивирани за соработка и кои имаат добри продукти во своето портфолио. „Изминатите три дена организиравме состаноци со стопанските комори и повеќе софтверски фирми кои го презентираа тоа што би го очекувале доколку се оствари меѓусебна соработка. Нашите компании покажаа заинтересираност и подготвеност, така што сега останува да ги финализираат деталите за понатамошната соработка“, рече Арсовска Томовска, поканувајќи ги и другите македонски компании кои работат на Microsoft платформи да се пријават во министерството кое ќе им овозможи да стапат во контакт. Додаде дека Естонија е светска сила во развојот на софтверски апликации во последните години и имајќи ја предвид обемноста на работата, софтверските фирми бараат квалитетни бизнис партнери надвор од нивната земја, особено во однос на нивната потреба за добри инженери кои работат на развој на софтверот. За време на посетата на Македонија, членовите на бордот на директори на естонската компанија одржаа работни состаноци со повеќе македонски софтверски компании, а естонските искуства од областа на е-судството, ги пренесоа и на презентацијата што ја одржаа за време на работниот состанок во Министерството за правда. Инаку, компанијата „NetGroup“ е основана во 1999 година со седиште во Талин и е една од поголемите ИТ компании во Естонија, а од 2012 година се партнери на Microsoft. Имаат своја канцеларија во Финска, а нивните програми ги извезуваат и во Шведска, Оман и Северен Ирак. Креираат софтвер за естонската влада, имаат добар продукт во делот за наплата, а во нивната земја го имаат имплементирано и електронското судство (е-судство)./крај/мф/ап
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.